Скопје
Герасимовски: Бесплатниот транспорт до болница за лицата со попречености искористен 197 пати
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попречености од Општина Центар се одвива во континуитет. Откако е почнат проектот во месец февруари 2024 година, реализирани се вкупно 197 превози, со што значително е олеснето секојдневието на семејствата што имаат членови со некаква попреченост.
Герасимовски, го посети четириесет и девет годишниот Роберт, лице со мултипла склероза и попреченост за да види како се имплементира проектот во соработка со Црвениот Крст на Град Скопје.
„Роберт е сопруг и татко на две прекрасни малолетни ќерки кој дава сѐ од себе да ги истурка на вистинскиот пат. Роберт е лице со мултипла склероза и попреченост, но со голема желба за посреќен живот. При вчерашната заедничка средба се воодушевив од неговиот позитивен став за животот – животна филозофија којашто сите ние мора да ја практикуваме без разлика на состојбата во која се наоѓаме. Роберт е задоволен од проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попреченост од Општина Центар. На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември Ве уверувам дека нема да се откажам од грижата за лицата со попречености, како што и самиот Роберт вели „нема откажување, одиме заеднички до подобар живот“, истакнува Герасимовски.
Проектот предвидува превоз до здравствените установи со наменски возила за корисници за лица над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар-Скопје, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни).
Општина Центар, продолжува да вложува во проекти што ја зајакнуваат социјалната и здравствената заштита за граѓаните.
Граѓаните кои имаат потреба од користење на оваа услуга, потребно е својот превоз да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ, секој ден (од понеделник до петок), од 06:00 до 00:00 часот. Со остварување на 1 телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација.
Термин за превоз се закажува по принципот “прв дојден прв услужен”, а транспортот се врши од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Корисникот при закажување на термин за користење на наменско возило потребно е да даде целосни и вистинити податоци и тоа:
– Лични податоци (име и презиме, телефонски број за контакт и сл.)
– Потребата за користење на придружба за време на превозот со наменско возило и доказ за закажан термин во здравствена установа. Краток опис на здравствената состојба и/или состојбата во кој се наоѓа и причината заради која има потреба од превоз со наменско возило (доколку корисникот е подвижен превозот ќе се реализира со мало наменско возило, а доколку корисникот е неподвижен превозот се вржи со специјално наменско возило)
– Адресата на живеење, односно адресата од која е потребно да се реализира превозот, како и назив, како и адреса доколку ја поседува оваа информација на институцијата до која бара да биде превезен, датум и час на превозот, а во случај на потреба и временски период за враќање
– Податоци за лице и телефонски број на кој ова лице ќе биде контактирано во случај на итна потреба. Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на 1 година но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од неколку населби во Скопје без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, известува дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, без напојување со електрична енергија ќе останат:
Во период од 09:00 до 12:30 часот дел од корисниците од ул. 2, делот кај отпадите меѓу Визбегово и Шуто Оризари (општина Шуто Оризари );
Во период од 10:00 до 14:00 часот дел од корисниците од Улица Бутелска 13 и Улица Бутелска-крак Серава(општина Бутел);
Во период од 09:00 до 14:00 часот дел од корисниците од ГОРНО СОЊЕ – ул.8(општина Сопиште);
Во период од 08:00 до 14:00 часот корисниците од ул.Никола Малешевски, сите 4 влезови веднаш до ТС и до Пензионерски, Ул.Ферид Мурати бр.4 (пензионерски дом Чаир),и Средно училиште Цветан Димов(општина Чаир);
Во период од 09:00 до 15:00 часот дел од корисниците во Волково и Стопански двор(општина Ѓорче Петров);
Во период од 08:30 до 09:00 часот дел од корисниците од Ул. Архепископ Доситеј зграда број 2(општина Бутел).
Скопје
Дел од Центар денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека:
– Поради дефект на П.П. Хидрант од ф -80“ на улицата Максим Горски бб (кај Мепсо) со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците на потегот од плоштадот до Македонска пошта и дел од Орце Николов.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Скопје
Стефковски: Три години мандат – нула денари трошоци за репрезентација
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски вети отчетно, транспарентно и домаќинско работење и изминатите три години тоа го покажа на дело, велат од општината.
Во објава на социјалните мрежи, градоначалникот Стефковски информира дека во изминатите 3 години од мандатот не се потрошени ниту еден денар средства од буџетот на општина Гази Баба за репрезентација, службено возило за градоначалникот и дневници за патувања во странство.
„Да се биде градоначалник значи посветено да се служи на народот, а не да се користи како можност за трошење на средствата од буџетот за лични привилегии. На првиот работен ден од мојот мандат за градоначалник се откажав од користење на службено возило, средства за репрезентација и дневници за патувања во земјата и надвор од неа. Довербата од граѓаните за мене значи чест, а пред и над се одговорност“, пишува градоначалникот Стефковски.
Оваа пракса на некористење на буџетски средства за непродуктивни трошоци е воведена со доаѓањето на Стефковски за градоначалник на Гази Баба, се додава во соопштението од општината.