Скопје
Герасимовски: Поставивме 720 фотоволтаични панели на покривот на ООУ „Киро Глигоров“
Основното училиште „Киро Глигоров“ е вториот објект во Општина Центар кој доби фотоволтаични панели на покривот. На кровната површина се поставени 720 панели со максимална инсталирана моќност од 396,00 Kw (киловати) за производство на електрична енергија. Нивниот приклучок се очекува наскоро, а градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека целиот процес за набавка и инсталирање на фотоволтаичната централа е од општинскиот буџет и е во висина од 7.3 милиони денари.
„Според истражувањата на пазарот, за реализирање на оваа инвестиција од општинскиот буџет првично планиравме 18 милиони денари, ама на Јавната аукција цената се симна на 7.3 милиони денари. Со поставувањето на оваа фотоволтаична централа ние очекуваме значително да се намалат вкупните трошоци за електрична енергија, што нам како локална самоуправа ќе ни овозможи да вложиме повеќе средства во одржување на високиот квалитет на услугите за образование на децата, потенцира Герасимовски.
Минатата година Општина Центар по само неколку месеци од основањето на трговското друштво за производство и продажба на „Енергија Центар“ ја постави првата фотоволтаична централа на кровот на градинката „Пепелашка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Викенд населбата Морани денеска без вода
Денеска поради уличен дефект на улицата 6/бб Морани, прекинато водоснабдување од 08 часот ќе имаат корисниците од викенд населба Морани во општина Студеничани.
Скопје
(Видео) Стефковски со повик до скопјани: Да се бориме за подобро Скопје
По повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Градот Скопје, градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски на социјалните мрежи објави видео обраќање до скопјани во кое ги повика заедно да се борат за подобро Скопје.
„Како градоначалник на една од најголемите скопски општини ве повикувам заедно да се бориме за подобро Скопје. Ако пред 80 години нашите предци воделе борба против окупаторот, нашата генерација води борба против неспособноста на актуелното раководство на градот. Скопје тогаш се ослободи, Ве уверувам дека и ние ќе успееме“, вели во обраќањето Стефковски.
На почетокот од видео обраќањето Стефковски се осврна и на актуелните проблеми со кои се соочуваат скопјани од аспект на комуналната хигиена и нередовниот автобуски превоз на ЈСП за што порача:
„Скопјани не го залужуваат ова! Ова не е вистинскиот лик на нашето Скопје!“, истакна Стефковски.
На крајот од обраќањето, градоначалникот Стефковски упати честитка по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Градот Скопје.
Скопје
Герасимовски: Бесплатна градинка за децата Роми од ранливи семејства
Општина Центар продолжува со својата посветеност за создавање поинклузивно општество за сите граѓани. И оваа година, општината запишува 20 дечиња од ромска националност кои доаѓаат од згрижувачки семејства или приматели на социјална помош на возраст од 3 до 6 години во градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“.
Како дел од проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и директорката на детската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ Елена Устамитова, денеска ги потпишаа новите договори за соработка за учебната 2024/2025 година. Овој проект има за цел поддршка на социјално ранливи групи и инклузија за поквалитетен раст и развој на дечињата, независно од нивната социјална или етничка припадност.
„Интеграцијата на децата Роми во воспитно-образовниот процес со сите останати деца е важен за создавање инклузивно општество. Кога децата растат заедно тие учат за солидарност, толеранција и меѓусебно прифаќање – вредности кои во иднина треба ги изградат во подобри личности. Децата заслужуваат без никакви пречки да го развиваат својот потенцијал, а денешниот потпишан договор е потврда за заложбата и посветеноста за инклузивност и добросостојба на децата од ранливите групи. Општина Центар со години наназад обезбедува еднакви шанси за сите деца, ги намалува социјалните разлики и го подобрува раниот детски развој. Само со ваков пристап можеме да инвестираме во иднината на децата, создавајќи услови за социјален и образовен напредок“, рече градоначалникот Герасимовски.
Проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ се спроведува од 2011 година со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Со овој договор, Општина Центар ги покрива месечните трошоци за посетување на градинката Ј.У.Д.Г. на Општина Центар „Раде Јовчевски – Корчагин“.