Скопје
Герасимовски: Среќна и успешна учебна година, да учиме за другарувањето и ги почитуваме разликите
„Денес е посебен ден, ново поглавје во вашите животи, денот кога го започнувате вашето училишно патување. На сите вас ви посакувам многу успех во учењето, многу нови пријателства и безброј насмевки. Основните училишта не се само места каде што се стекнувате со знаење, туку и места каде што се градат најдрагоцените пријателства, првите симпатии, и се поставуваат темелите на вашите идни достигнувања. Учете посветено за да бидете најдобри, читајте колку што е можно повеќе, бидејќи знаењето е најмоќното оружје што ќе го имате во животот. Но, не заборавајте дека другарувањето е исто така многу важно. Најискрените и најтрајните пријателства често се создаваат токму сега“, им порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на првачињата во ООУ „Коле Неделковски.
Герасимовски присуствуваше на првиот училиштен ден и отворањето на доградбата на училиштето кое се прави по цели 66 години и за кое општината издвои 43 милиони денари од општинскиот буџет. Тој за почетокот на учебната година на првачињата им додели бесплатни ранци на сите 530 првачиња и испрати порака до сите ученици дека покрај учењето важни се почитувањето и различностите на сите ученици во училиштето.
„Со доградените капацитети на училиштето, вложивме во инклузивност и создадовме простор каде што секое дете, без разлика на неговите способности или потреби, може да учи и да се развива. Нашата цел е сите ученици да се чувствуваат прифатени, поддржани и охрабрени да го достигнат својот целосен потенцијал. Овие подобрувања се дел од нашата заложба за создавање на инклузивна средина во која сите деца имаат еднакви можности за успех и напредок. Ученици вас ве охрабрувам да го цените и почитувате секој од вашите другарчиња, бидејќи сите сте различни и секој од вас е посебен на свој начин. Учете за другарството, за важноста на пријателството и заедништвото. Ви посакувам успешна учебна година, полна со среќа и дружење. Бидете добри деца и успешни ученици“, заврши Герасимовски.
Новиот директор на училиштето „Коле Неделковски“, Александар Христовски на учениците им посака успешна школска година и примерно поведение.
„Првиот училиштен ден е секогаш полн насмевки и возбуди, се надевам дека оваа среќа ќе ја носите со вас во текот на целата училишна година. Ви посакувам многу среќа, примерно поведение и успешна училишна година. Денеска сакам да им се заблагодарам и на општествено одговорните компании кои донираа ранци за нашите најмили првачиња и уште повеќе ги израдуваа нашите најмали ученици“, изјави директорот Христовски.
Општина Центар посветено работи на обезбедување квалитетно образование и ќе продолжи да работи на безбедни и инклузивни наставни процеси. Целта е секој ученик да има можност да напредува со цел да ги постигне своите максимални потенцијали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека денеска поради официјална посета на претседателот на Владата на Република Србија, Милош Вучевиќ, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Скопје
Три скопски општини денеска без стурја
ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 14.30 часот, корисниците од селата Дељадровци, Миладиновци и Текија, како и корисниците приклучени на приватните трафостаници Макпетрол – Миладиновци – Плинара, ЖТП Миладиновци – Рампа и Патарина Миладиновци. (општина Илинден)
– во периодот од 08.20 до 11.20 часот, корисниците од улиците Карл Либнехт и Модест Мусогорски, објектот на детската градинка Детелинка, како и дел од корисниците од улиците Карл Хрон и Темко Попов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од ул. Милан Марковиќ.(општина Карпош)
– во периодот од 11.30 до 13.00 часот, дел од корисниците од ул. Гаврил Лесновски. (општина Карпош)
– во периодот од 11.40 до 14.20 часот, корисниците од улиците Карл Либнехт, Анри Барбис и Темко Попов, како и дел од корисниците од ул. Благоја Стевковски. (општина Гази Баба)
Скопје
Денес ќе се трча маратон во Скопје, затворени се улици и нема да возат дел од автобусите на ЈСП
Поради одржување на „Виз Ер Скопски маратон 2024“ денеска од 7 до 14 часот дел од автобусите од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот, а дел воопшто нема да се вклучат во сообраќај. Нема да сообраќаат линиите: 3, 3Б, 4, 4А, 9, 16, 22А, 24, 25, 59Б.
Како што соопшти ЈСП „Скопје“, со непроменета траса се градските линии: 2, 2А, 8, 12, 19, 20, 45, 59 и 65В и приградски линии: 11, 11а, 18, 32, 47, 47а, 52, 53, 55, 56, 56а, 60, 61, 63, 63а, 63б, 65, 65а, 65б, 66, 66а, 68, 71, 74, 81 и 162.
Изменет режим на сообраќање ќе имаат автобусите со број 5, 7, 15, 15 А, 21, 22, 23, 27, 28, 31, 41, 51, 67, 70, 50, 50А, 57, 59, 59 А, 58, 58а и 58б. Изменетиот режим на сообраќање на автобусите е објавен на веб-страната на ЈСП „Скопје“.
– Ги потсетуваме сите учесници дека на денот на маратонот ќе можат бесплатно да го користат јавниот превоз со приложување на стартниот број (маица), се вели во соопштението од ЈСП „Скопје“.
МВР информира дека денеска од 8 часот поради одржување на „Виз ер – Скопски маратон 2024“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, по и во близина на сообраќајниците каде ќе се движат натпреварувачите.
Траса на движење на маратонот, полумаратонот и штафетната трка (по наведената траса за штафетната трка и маратонот натпреварувачите се движат два пати) – Старт кај Собрание на РСМ на ул.„11 Октомври“, право кон „Рекорд“, односно по ул.„Димитрие Чуповски“, право по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“, право по ул.„Војвода Васил Чакаларов“, се до крстосница со ул.„Ангел Динев“, каде се врти полукружно назад по истата траса се до Собрание на РСМ на ул.„11 Октомври“ и се продолжува право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска република“, десно по бул.„Трета македонска бригада“, лево по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул. „Јане Сандански“, се до крстосница со бул.„Србија“, каде се врти полукружно и во истата коловозна лента назад по бул.„Јане Сандански“ се до крстосница со бул.„Кузман Јосифовски Питу“, каде се врти полукружно назад во истата коловозна лента до крстосница со ул.„Васко Карангелевски“, десно по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул.„Трета македонска Бригада“, лево по бул.„Крушевска република“, десно по ул.„11 Октомври“ до целта – плоштад „Македонија“, се вели во соопштението.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде ќе се одвива настанот.