Скопје
Ден на словенечка потица во Ѓорче Петров – празник на културата и пријателството

Вчера, во Културниот центар Ѓорче Петров, се одржа Денот на словенечка потица – настан кој ги обедини жителите на Ѓорче Петров со членовите на словенечката заедница и беше целосно посветен на славењето на традицијата и културата на Словенија.
„Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски имаше чест да присуствува на овој настан, кој беше вистински културен настан, исполнет со топлина и пријателство.
Местото беше исполнето со мирисот на традиционалната словенечка потица, која беше приготвена од нашите сограѓани, заедно со словенечката заедница. Ова пециво, кое е не само празничен специјалитет, туку и симбол на љубовта и традицијата, пленеше со својот вкус и историја“, соопшти општината.
Градоначалникот на Ѓорче Петров изрази благодарност до сите организатори, учесници и гости кои го направија овој настан незаборавен и посочи дека ваквите настани ја потврдуваат отвореноста на Ѓорче Петров за различните култури и го зајакнуваат пријателството меѓу народите.
„Словенечката потица е многу повеќе од само пециво, таа е симбол на нашите заеднички вредности и сплотеноста која ја имаме. Благодарност до сите кои се вклучија во организирањето и учествуваа во овој настан. Ѓорче Петров секогаш бил и ќе остане место каде што културите се поздравуваат и се негуваат, а оваа соработка ја потврдува нашата посветеност на меѓународната соработка и пријателство“, изјави градоначалникот Стојкоски.
Присутни на настанот беа и Н.Е. амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, заменичката-амбасадорка Ника Ротар и конзулот Мартин Глазар, кои со своето присуство ја истакнаа важноста на културната размена и пријателството меѓу нашите две земји, велат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Сарај, Кисела Вода, Гази Баба, Илинден и Чучер Сандево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 до 09:30 часот, корисниците од дел од с. Кондово. (Општина Сарај)
· од 09:00 до 11:0 часот, корисниците од дел од ул. Киро Фетак во нас. Драчево. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. Благоја Стефковски, (во околина на куќен бр. 20). (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во месноста Бела Земја во нас. Илинден. (Општина Илинден)
· од 09:00 до 17:00 часот, корисниците од Викенд населбата и селото Побожје. (Општина Чучер Сандево)
· од 10:00 до 14:30 часот, корисниците од дел од село Кучевиште. (Општина Чучер Сандево)
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Христио Татарчев – подулица бр.14. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Герасимовски: Општина Центар издвои еден милиони денари за семејствата на загинатите и повредените во Кочани

Општина Центар денеска одржа вонредна седница по барање на градоначалникот Горан Герасимовски, на која советниците едногласно донесоа одлука за доделување парична помош во висина од еден милион денари за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани. Седницата започна со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите.
Герасимовски, потенцира дека во овие моменти на голема болка, не постојат зборови што може да ја намалат тагата, но постои нешто што може сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно.
„Трагедијата во Кочани е огромна болка за сите нас, не можам ни да замислам како им е на оние фамилии што ги загубија своите најмили. Во овие моменти на тага, не постојат зборови што можат да ја намалат тагата, но постои нешто што можеме сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно. Загубата е непроценлива, но човечката поддршка и заедништвото се тие што можат барем малку да ја олеснат тежината што ја носат овие семејства. Општина Центар издвои еден милион денари за семејствата на настраданите и повредените, ги повикувам и другите општини да се мобилираат, мораме да бидеме солидарни и сплотени“, истакнува Герасимовски.
Семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје. Оваа иницијатива се реализира со поддршка на скопските хотели, а граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120.
Македонија
Кисела Вода донира еден милион денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани

Општина Кисела Вода ќе донира еден милион денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Одлуката беше донесена едногласно, на денешната вонредна седница на Советот на Општина Кисела Вода. Седницата на Советот започна со едноминутен молк во чест на загинатите во трагедијата.
„Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите, со сите кои загубија свои најблиски, како и со повредените, на кои им посакуваме брзо закрепнување. Ова е незамислива и ненадоместлива загуба за целото општество. Во знак на сочувство и солидарност, Општина Кисела Вода донесе едногласна одлука да донира еден милион денари за семејствата на настраданите. Ова е само мал гест на поддршка, но во овие моменти е многу важно да бидеме обединети, да си помагаме и да се грижиме едни за други. Нека почиваат во мир сите што ги загубија животите, а нивните семејства нека најдат сила да ја пребродат оваа огромна болка“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.