Скопје
Изградба на атлетска патека во општина Илинден
Општина Илинден отпочна со изградба на атлетска патека и трибина на веќе изграденото мултифункционално игралиште во близина на средното училиште во Илинден. Со завршување на градежните работи овој спортски комплекс ќе добие сосема нов лик кој веќе го носи името на прерано загинатиот бранител Драго Маневски.
Атлетската патека ќе биде со 4 патеки во вкупна должина од 200 метри, на којa ќе биде поставена најсовремена тартан подлога, ќе се гради бетонска трибина на која ќе бидат поставени 175 седишта, како и ограда околу трибината, извести општината Илинден.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски денеска направи увид на градежните работи и истакна дека работите се одвиваат според предвидената динамика. Тој додаде дека Општината е голем поддржувач на спортистите, а доказ за тоа се големиот број спортски натпревари, но и инвестициите кои ги прави Општината за создавање на соодветни, модерни спортски терени за нашите спортисти.
Спортски комплекс со атлетска патека за прв пат се гради во Општина Илинден, а по завршување на изградбата спортистите односно атлетичарите од Општина Илинден ќе имаат одлични услови за вежбање со цел остварување на големи успеси. Оваа атлетска патека ќе можат да ја користат и најмладите кои имаат афинитети кон атлетиката, но и оние посериозните, сениорите кои веќе се докажани и ќе ги развинаат своите атлетски способности за уште поголеми резултати, како во Македонија така и на странство, соопшти општината.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање на услови за спортување, постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, додаваат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска, без електрична енергија ќе останат:
-во периодот од 08.30 до 13.00 часот, корисниците од КРЊЕВО, Улиците од позади ВИП хотелот до кружниот тек, Ул. 164 (општина Центар).
Скопје
Герасимовски: Реновирана свечената сала и нов мебел во кабинетот за првачиња во ООУ „Димитар Миладинов“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски изврши увид во ООУ „Димитар Миладинов“ каде што во текот на летниот период беше обновена свечената сала.
Во салата со површина од 400 метри квадратни, санирани и варосани се таванот и внатрешните ѕидови. Целосно реконструирана е влезната просторија меѓу двете сали, каде е поставен нов ламинат. Свечената сала веќе е ставена во функција, а градоначалникот Герасимовски очекува дека реновираниот простор ќе си ја оправда својата намена.
„Добивме уредена сала за одржување приредби, настани, културно-општествени манифестации. Денеска и присуствуваме на настанот со кој се одбележа и Светскиот ден на првата помош, во организација на Црвениот крст на О.О.Центар. Осмоодделенците имаа можност, во чист и пријатен амбиент, да се стекнат со знаења за основите на прва помош. Имавме одличен настан, а ова е само почеток“, истакна Герасимовски.
Свечената сала е реновирана со средства од донации што ги обезбеди самото училиште.
Покрај оваа инвестиција, училиштето го опреми кабинетот за првачињата со нов мебел, во вредност од 200.000,00 денари.
Подобрување на условите во образовниот процес и квалитетната едукација се темел на нашата иднина, потенцираше Герасимовски, за време на посетата на основното училиште ООУ „Димитар Миладинов“.
Скопје
Мицкоски: Нов спортско-рекреативен центар „Бранители“ во Бутел
Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на официјалното отворање на спортскиот комплекс „Бранители“ во Општина Бутел.
„Да истакнам дека Општина Бутел е прилично активна кога станува збор за капитални инвестиции и во таа насока, како што кажа градоначалникот, во текот на вчерашниот ден Општина Бутел заедно со уште други 65 општини поднесоа повеќе од 215 проекти, коишто се дел од онаа иницијатива за реалокација на средства од централниот буџет кон општините за решавање реалните потреби на граѓаните“, рече Мицкоски.
„Повеќе од стотици илјади наши сограѓани ќе имаат решени реални проблеми коишто се напластувале изминативе децении.
Воедно, да изразам благодарност и до пратеничката којашто доаѓа од овде до Општина Бутел, до министерот за спорт, до администрацијата, до советот, до граѓаните на Општина Бутел што цело време даваат поддршка за реализација на овие капитални инвестиции.
Јас сум убеден дека реализацијата на овие капитални инвестиции ќе продолжи и во иднина и во следната година, во 2025 година. Слушнавте дека на почеток е реализација на една огромна и капитална инвестиција во делот на здравството, односно во делот на грижата за здравјето на граѓаните, тоа е поликлиника овде во Општина Бутел.
Како Влада сето тоа ќе го поддржиме и мислам дека со реализацијата на сите овие проекти ќе бидат решени многу проблеми на бутелчани, но и не само на бутелчани туку и насекаде низ цела Македонија на граѓаните коишто изминативе децении се соочуваа со такви предизвици“, изјави Мицкоски.
Тој упати честитки до градоначалникот, и до сите коишто учествуваа во реализацијата на ваквите проекти и посака уште многу вакви проекти низ целата државата затоа што, како што кажа, ова го очекуваат граѓаните, а тоа се проекти, развој и подобрување на квалитетот на живеење.