Скопје
Изградени сообраќајни острови долж булеварот Партизански одреди

Сообраќајни острови се изградени по должината на булеварот Партизански одреди, и тоа на вкрстувањето на овој булевар со улицата Аминта Трети, кај Порта Буњаковец и на вкрстувањето на булеварот со улицата Костурски херои, спроти Конгресниот центар Александар Македонски.
При изградбата на сообраќајните острови целосно се реконструирани двете крстосници, поместени се семафорските темели и шахти, извршена е демонтажа на семафорските столбови и репрограмирање на светлосните сигнали. Исто така, обележана е хоризонталната сигнализација – пешачки премини и велосипедски патеки на двете локации и поставени се соодветни сообраќајни знаци.
Претходно, на овие две локации постоеја по два пешачки премина на кратко растојание кои беа искосени, особено на вкрстувањето на булеварот Партизански одреди со улицата Костурски херои. За да се зголеми безбедноста на пешаците, на двете локации сега е формиран по еден поширок пешачки премин.
Дополнително, на пешачкиот премин преку булеварот Партизански одреди на вкрстувањето со улицата Костурски херои е поставена ограда со двојна функција – да ги заштитува и да ги насочува пешаците да преминуваат во права линија на пешачкиот премин, зашто сообраќајните острови од двете страни на булеварот се асиметрични поради природната косина на улиците.
За реализација на овој проект Градот Скопје има согласност и од Министерството за внатрешни работи. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Ѓорѓиевски: По 30 години, конечно започнува реконструкцијата на „Румена Хаџипанзова“

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваше на почетокот на градежните активности за реконструкција на улицата “Румена Хаџипанзова’ и нејзините краци во населбата Драчево. Овој значаен инфраструктурен зафат опфаќа површина од 6500 квадратни метри, односно 1500 метри должина, каде што во еден дел се врши комплетна реконструкција, додека во друг дел се гради сосема нова улица.
По цели три децении, жителите на овој дел од Драчево конечно ќе добијат модерна и безбедна сообраќајница. Според динамиката на изведба, работите се очекува да завршат во наредните две седмици.
Реконструкцијата на улицата “Румена Хаџипанзова” е дел од пошироката стратегија на градоначалникот Ѓорѓиевски за асфалтирање на сите улици во oпштина Кисела Вода, со цел постигнување на рамномерен развој и подеднакви услови за живот во сите населени места. Овој пристап гарантира декa сите населби и населени места ќе добијат еднаков третман, што значи дека сите граѓани ќе добијат современа инфраструктура
– Денес започнуваме со реализација на уште едно важно ветување – комплетна реконструкција на улицата “Румена Хаџипанзова” во Драчево, која жителите ја чекаа повеќе од 30 години. Ова не е само реконструкција на улица, туку враќање на достоинството на граѓаните кои со децении се соочуваа со лоша инфраструктура. Ова е само уште еден доказ дека нашата стратегија за целосна инфраструктурна обнова на Кисела Вода не е само ветување, туку реалност што ја градиме чекор по чекор. Продолжуваме со силно темпо, затоа што секој дел од општината заслужува подеднакво внимание и развој- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Скопје
Герасимовски: Владата во најбрз можен рок да ја преточи нашата иницијатива во закон

„Очекувам иницијативата на Општина Центар за поригорозни мерки и зголемена одговорност за малолетничкиот вандализам да добие зелено светло на владината седница. Следното е да се оформи работна група, составена од повеќе министерства, која ќе работи на нејзиното преточување во законски одредби. Со тоа, оваа иницијатива ќе стане функционална и применлива“, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во изјава за МРТВ.
Во врска со проверките кои се спроведуваат со колегите и надлежните служби на терен, Герасимовски посочи дека цел е уште од сега да се преземат мерки и да има што поголемо полициско присуство на одредени точки, за во потоплите денови, кога ваквите појави зачестуваат, да спречиме нивно повторување.
,,Навременото делување е клучно за обезбедување безбедна и уредна средина за сите граѓани”, истакна градоначалникот.
Герасимовски е дециден дека одговорноста мора да биде индивидуализирана, а мерките праведни и ефикасни.
„Не се виновни сите деца, но оние што намерно оштетуваат јавен имот треба да сносат одговорност. Затоа предлагаме мерка според која сторителите, заедно со родителите, ќе мораат да ги поправат реквизитите што ги уништиле. Вака ќе поттикнеме поголема свест и почит кон јавниот простор,“ рече Герасимовски.
Тој подвлече дека иницијативата не е насочена против децата, туку кон нивно подобро воспитување и насочување кон спортот и позитивните вредности.
„Важно е сите заедно да ја негуваме јавната одговорност и да создадеме безбедна и уредна средина за нашите најмлади. Верувам дека оваа иницијатива ќе добие поддршка и наскоро ќе стане реалност”, заклучи Герасимовски.
Скопје
Дел од Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 12.00 часот, корисниците од улицата Мите Богоевски – подулици број 3, 4, 5 и 7. во општина Аеродром.