Скопје
Мицкоски: Нов спортско-рекреативен центар „Бранители“ во Бутел
Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на официјалното отворање на спортскиот комплекс „Бранители“ во Општина Бутел.
„Да истакнам дека Општина Бутел е прилично активна кога станува збор за капитални инвестиции и во таа насока, како што кажа градоначалникот, во текот на вчерашниот ден Општина Бутел заедно со уште други 65 општини поднесоа повеќе од 215 проекти, коишто се дел од онаа иницијатива за реалокација на средства од централниот буџет кон општините за решавање реалните потреби на граѓаните“, рече Мицкоски.
„Повеќе од стотици илјади наши сограѓани ќе имаат решени реални проблеми коишто се напластувале изминативе децении.
Воедно, да изразам благодарност и до пратеничката којашто доаѓа од овде до Општина Бутел, до министерот за спорт, до администрацијата, до советот, до граѓаните на Општина Бутел што цело време даваат поддршка за реализација на овие капитални инвестиции.
Јас сум убеден дека реализацијата на овие капитални инвестиции ќе продолжи и во иднина и во следната година, во 2025 година. Слушнавте дека на почеток е реализација на една огромна и капитална инвестиција во делот на здравството, односно во делот на грижата за здравјето на граѓаните, тоа е поликлиника овде во Општина Бутел.
Како Влада сето тоа ќе го поддржиме и мислам дека со реализацијата на сите овие проекти ќе бидат решени многу проблеми на бутелчани, но и не само на бутелчани туку и насекаде низ цела Македонија на граѓаните коишто изминативе децении се соочуваа со такви предизвици“, изјави Мицкоски.
Тој упати честитки до градоначалникот, и до сите коишто учествуваа во реализацијата на ваквите проекти и посака уште многу вакви проекти низ целата државата затоа што, како што кажа, ова го очекуваат граѓаните, а тоа се проекти, развој и подобрување на квалитетот на живеење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Привремен режим на сообраќај за време на одржувањето на 20. Виз Ер Скопски маратон
Поради претстојното 20-то јубилејно издание на Виз Ер Скопски Маратон, што ќе се одржи на 06.10.2024 (недела), а на кој ќе учествуваат рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји, во недела со почеток од 03:00 часот, ќе важи привремен режим на сообраќај во главниот град. Ова значи дека одредени улици ќе бидат целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот, а променетиот режим ќе биде на сила до завршувањето на маратонот, до 14:00 часот.
Поточно, во недела, 06.10.2024, започнувајќи од 03:00 часот, сообраќајот ќе биде затворен од Градска Болница, сѐ до Палома Бјанка, а целата патека се затвора исто во недела, 06.10.2024, од 06:00 часот.
Целта на сите трки е на Плоштад Македонија. Локација за старт на сите трки e Собрание на Р. Македонија. Време за старт на сите трки e 08:00 часот, но организаторите апелираат тркачите да дојдат барем 20 минути порано. При влез во старт зоната, се апелира секој тркач да влезе во соодветниот бокс за својата трка или таргет време што го има одбрано при процесот на регистрација, сѐ со цел да не се создаваат турканици. Тркачите на маратонската, полумаратонската и штафетната трка ќе тргнат во правец кон Католичка Црква, а тркачите на трката Комерцијална Банка 5км ќе трнат во правец кон Црвен Крст.
Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, ќе стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат во правец кон центар по истите улици и булевари. Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до раскрсницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до раскрсницата со бул. „Јане Сандански“. На раскрсницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до раскрсницата со Бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред раскрсницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до раскрсницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, полумаратонците финишираат на Плоштад Македонија, а Маратонците трчаат уште еден круг.
За патеката за трката на 5 км, стартот е пред Собранието, по кое натпреварувачите ќе трчаат во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат ќе свртат лево, по „Трета македонска бригада“ и кај Супермаркетот Тинекс ќе свртат полукружно и по истата траса назад до целта – плоштад „Македонија“.
Организаторите на Виз Ер Скопскиот маратон ги замолуваат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај. Исто така, СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката.
Од ЈСП Скопје, пак, ги информираат скопјани дека во период од 07:00 до 14:00 часот, поради одржување на маратонот, дел од возилата од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот, а дел воопшто нема да се вклучат во сообраќај. Во период од 07:00 до 14:00 часот нема да сообраќаат линиите: 3, 3Б, 4, 4А, 9, 16, 22А, 24, 25, 59Б.
Скопје
ЈСП: Превозот утре од 18:00 до 2:00 часот наредниот ден ќе биде бесплатен
На 5 октомври 2024 година, сабота, поради oвогодинешното издание на „Бела ноќ“ кое ќе се одржи на повеќе централни локации низ градот Скопје, во периодот од 18:00 – 2:00 часот (наредниот ден), превозот на патниците во јавниот градски превоз ќе биде бесплатен.
Скопје
Општина Аеродром им додели признанија и парични награди на најдобрите наставници
Најдобрите наставници и стручни соработници од осумте основни училишта во Општина Аеродром денеска добија признанија и парични награди во висина од 10 илјади денари.
Признанијата и наградите им ги врачи в. д. градоначланикот на Општина Аеродром, Дејан Митески, во пресрет на утрешниот Светски ден на наставникот – 5 Октомври. Тој им се заблагодари за нивната посветеност и за љубовта со која ја работат една од најблагородните професии и им посака уште многу поголеми успеси и достигнувања во нивната кариера.
Оваа година за најдобри наставници од страна на училишните одбори се избрани: Ивана Цветановска од ОУ „Љубен Лапе“, Марјанa Настевска од ОУ „Блаже Конески“, Александар Темелковски од ОУ „Александар Македонски“, Соња Фортуманова од ОУ „Браќа Миладиновци“, Виолета Јовановска-Никовска од ОУ „Димитар Македонски“, Љубинка Стојановска од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, Марија Андонова од ОУ „Гоце Делчев“ и Марина Нанева од ОУ „Лазо Ангеловски“.