Скопје
Нови комунални услуги за Аеродромци за почиста Општина

Жителите на Општина Аеродром отсега имаат можност да уживаат во нови, модерни и достапни комунални услуги, што ги воведува Јавното претпријатие за комунални дејности на општината. Со ова, Аеродром станува првата општина во Град Скопје што нуди ваков вид услуга.
Новите комунални услуги опфаќаат:
Транспорт на градежен шут (пакуван во вреќи), кабаст, растителен и комунален отпад од домаќинства, комерцијални и индустриски објекти, како и мешан отпад;
Машинско косење и чистење зелени површини;
Гребење и собирање искосена трева, како и отстранување отпад (камења, гранки и друго);
Поставување и подигање на контејнери за кабаст отпад со транспорт до депонија.
Приватни и правни лица ќе можат да ги закажат овие услуги на телефонскиот број 072/270-886 или преку е-пошта: [email protected], по минимален надомест.
„Собраниот отпад ќе се третира согласно сите законски регулативи и ќе се транспортира до депонијата „Дрисла,“ со која општината веќе има договор. Ваквиот пристап не само што ќе им го олесни секојдневието на жителите туку и ќе придонесе кон почиста и поуредена средина“, велат од Општината.
Со воведувањето на овие услуги, Општина Аеродром планира да стави крај на несоодветното фрлање отпад на несоодветни места. Затоа, инспекциските контроли ќе бидат зајакнати, а несовесното однесување ќе се санкционира со парични казни.
„Целта ни е да обезбедиме чиста и уредна средина за сите граѓани. Воведувањето на овие услуги е чекор напред кон одговорно управување со отпадот“, велат од Општина Аеродром.
Со оваа иницијатива, Аеродром поставува нови стандарди за комуналните услуги, поттикнувајќи одржливо управување со отпадот и подигање на свеста кај граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Сарај, Кисела Вода, Гази Баба, Илинден и Чучер Сандево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 до 09:30 часот, корисниците од дел од с. Кондово. (Општина Сарај)
· од 09:00 до 11:0 часот, корисниците од дел од ул. Киро Фетак во нас. Драчево. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. Благоја Стефковски, (во околина на куќен бр. 20). (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во месноста Бела Земја во нас. Илинден. (Општина Илинден)
· од 09:00 до 17:00 часот, корисниците од Викенд населбата и селото Побожје. (Општина Чучер Сандево)
· од 10:00 до 14:30 часот, корисниците од дел од село Кучевиште. (Општина Чучер Сандево)
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Христио Татарчев – подулица бр.14. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Герасимовски: Општина Центар издвои еден милиони денари за семејствата на загинатите и повредените во Кочани

Општина Центар денеска одржа вонредна седница по барање на градоначалникот Горан Герасимовски, на која советниците едногласно донесоа одлука за доделување парична помош во висина од еден милион денари за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани. Седницата започна со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите.
Герасимовски, потенцира дека во овие моменти на голема болка, не постојат зборови што може да ја намалат тагата, но постои нешто што може сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно.
„Трагедијата во Кочани е огромна болка за сите нас, не можам ни да замислам како им е на оние фамилии што ги загубија своите најмили. Во овие моменти на тага, не постојат зборови што можат да ја намалат тагата, но постои нешто што можеме сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно. Загубата е непроценлива, но човечката поддршка и заедништвото се тие што можат барем малку да ја олеснат тежината што ја носат овие семејства. Општина Центар издвои еден милион денари за семејствата на настраданите и повредените, ги повикувам и другите општини да се мобилираат, мораме да бидеме солидарни и сплотени“, истакнува Герасимовски.
Семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје. Оваа иницијатива се реализира со поддршка на скопските хотели, а граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120.
Македонија
Кисела Вода донира еден милион денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани

Општина Кисела Вода ќе донира еден милион денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Одлуката беше донесена едногласно, на денешната вонредна седница на Советот на Општина Кисела Вода. Седницата на Советот започна со едноминутен молк во чест на загинатите во трагедијата.
„Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите, со сите кои загубија свои најблиски, како и со повредените, на кои им посакуваме брзо закрепнување. Ова е незамислива и ненадоместлива загуба за целото општество. Во знак на сочувство и солидарност, Општина Кисела Вода донесе едногласна одлука да донира еден милион денари за семејствата на настраданите. Ова е само мал гест на поддршка, но во овие моменти е многу важно да бидеме обединети, да си помагаме и да се грижиме едни за други. Нека почиваат во мир сите што ги загубија животите, а нивните семејства нека најдат сила да ја пребродат оваа огромна болка“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.