Скопје
Опожарени два пластични контејнера во скопската општина Центар
Пред неколку часа, непознати сторители опожариле два сада наменети за одлагање комунален отпад во скопската населба Дебар Маало.
Контејнерите се лоцирани на улицата Орце Николов, во непосредна близина на Генералштабот и истите се со зафатнина од 3,2 кубни метри. Двата опожарени контејнера се неупотребливи и во најкус можен рок ќе бидат заменети од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Опожарувањето на контејнерите значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад и го оневозможува навременото реализирање на активностите предвидени согласно Оперативната програма за работа на ЈП Комунална хигиена-Скопје. Од почетокот на 2024 година се опожарени 22 садови наменети за одлагање на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени кај надлежните органи“, посочуваат од Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски од Карпош: Започна изградбата на спортската училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“
Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на поставување камен темелник на спортска училишна сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во населбата Влае, општина Карпош.
„Би сакал да изразам задоволство што овој објект добива своја физиономија, беше заглавена процедурата, беше заглавена изградбата и проектот самиот по себе, но еве гледате за колку кратко време можеби недела до две веќе почнува да се извишува и тоа е добро, затоа што е дел од образовниот процес, добро е што жителите на овој дел од градот ќе можат да ја користат оваа спортска сала, но она коешто е најважно, учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ќе може да добијат современ спортски објект каде што ќе може да се натпреваруваат во кошарка, во ракомет и во други спортови. Геометријата на самиот проект одговара на барањата и потребите на врвните федерации, така што тоа е посебно треба да се истакне за овој проект“, кажа Мицкоски.

„Јас му честитам на градоначалникот за успешно завршените подготвителни активност, сега останува на компанијата изведувач. Да се заблагодарам на администрацијата, на советниците, на пратеникот од Карпош којшто работат секојдневно за да овие проекти коишто дел од нив се во некоја полу форма добијат физиономија, добијат форма и во рокот да бидат завршени. Ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип на проекти затоа што иднината е во најмладите иднината е во децата, образованието на децата ни е најважно и така ќе се однесуваме во годините коишто следат. Уште еднаш честитам и посакувам уште многу вакви проекти да се реализираат“, додаде премиерот.
Изградбата на објектот започна во средината на јануари годинава, а градежните активности се очекува да завршат до мај. Изведувач на проектот е компанијата „Конструктор“, а вкупната вредност на инвестицијата изнесува 63.843.523 денари.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.

