Скопје
Општина Центар: Се продолжува рокот за пријавување лични асистенти на учениците со посебни образовни потреби

Општина Центар го продолжува рокот за пријавување на јавниот повик за ангажирање лични асистенти во проектот „Образование за сите“ за потребите на ученици со посебни образовни потреби вклучени во образовниот процес во основните училишта на територијата на општина Центар во Скопје во учебната 2023/2024 година.
Повторниот јавен повик се распишува поради недоволно пријавени кандидати за лични асистенти на претходниот повик.
Имено, заинтересираните кандидати, кои сакаат да бидат ангажирани, треба да ги исполнуваат следните услови:
– минимум завршено средно образование;
– претходно искуство во работа со деца со посебни образовни потреби;
– долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над пет години);
– млади лица до 29 години;
– лица постари од 50 години;
– самохрани родители;
– родители на деца со попреченост.
Општина Центар напоменува дека предност ќе имаат кандидатите што:
– имаат завршено високо образование: дипломиран наставник по предметна/одделенска настава, дипломиран психолог, дипломиран педагог, дипломиран дефектолог или дипломиран социјален работник;
– имаат искуство во работа како лични/образовни асистенти во претходните циклуси на проекти;
– поседуваат лиценца за личен асистент на лица со попреченост издадена од овластена институција.
Заинтересираните лица што ќе бидат вклучени во проектот „Образование за сите“ ќе бидат работно ангажирани како лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби, вклучени во образовниот процес во основните училишта на територијата на општина Центар, Скопје, во учебната 2023/2024 година. Тие ќе имаат скратено работно време од дваесет (20) работни часа неделно, во период од девет (8) месеци, почнувајќи од 1 октомври 2023 година до крајот на учебната 2023/2024 година. За кандидатите што ќе бидат избрани и вклучени во проектот „Образование за сите“ се предвидува паричен надоместок во висина од 12.000,00 денари (нето-износ), со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.
Лицата што сакаат да аплицираат за учество во јавниот повик треба да приложат:
– барање за учество во проектот „Образование за сите“;
– професионална кратка биографија;
Потврда од Агенцијата за вработување (доколку кандидатот е невработено лице евидентирано во Агенцијата на Република Северна Македонија);
– доказ за завршено образование (копија);
– потврда за претходно работно искуство со лица со попреченост (доколку кандидатот поседува таква);
– лиценца за личен асистент на лица со попреченост (доколку кандидатот поседува таква).
Барањето за учество во проектот „Образование за сите“ (заедно со потребната придружна документација) може да се поднесе во архивата на Општина Центар – Скопје, барака 6, од 9 до 15 часот.
Јавниот повик е достапен на веб-страницата на Општина Центар – Скопје https://www.centar.gov.mk/?p=18532 и на огласните табли на општинските основни училишта на територијата на општина Центар – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Дрес од „МЗТ Скопје Аеродром“ за градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс

Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, изминативе неколку дена учествуваше на светскиот самит, кој се организира во рамките на Мрежата на силните градови, каде што членува и Општина Аеродром. Во рамките на учеството тој на градоначалникот на Њујорк, кој истовремено е домаќин на настанот, му врачи дрес од кошаркарскиот клуб „МЗТ Скопје Аеродром“, извести Општината.
Настанот, кој е финансиран од страна на Европската Унија и Стејт департментот во Њујорк, на едно место ги собра повеќе од 70 градоначалници на општини и градови. Домаќин на настанот беше градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, кој е голем фан на кошарката. По тој повод, од страна на градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, му беше врачен дрес од македонскиот кошаркарски шампион, „МЗТ Скопје Аеродром“.
Градоначалникот Тимчо Муцунски во својата објава на „Инстаграм“ истакна дека дресот на „МЗТ Скопје Аеродром“ треба биде поттик за нови победи и симбол за меѓусебната поддршка и соработка.
„Сино-белата боја на македонскиот шампион ќе биде дел од неговата канцеларија и во духот на спортот и спортските успеси на МЗТ, таа нека биде поттик за идни победи и симбол на меѓусебната соработка, поддршка и пријателство“, истакна Муцунски во објавата.
Муцунски упати и апел до навивачите и до љубителите на спортот, в сабота, во СРЦ „Кале“, да дадат поддршка за „МЗТ Скопје Аеродром“ во финалето од Суперкупот.
Македонија
„Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“ – кампања на ЈП „Лајка“ за посвојување бездомни кучиња

Јавното претпријатие „Лајка“ го објави почетокот на својата најнова општествено-одговорна иницијатива во соработка со креативната агенција „Њу момент“, со цел промоција на посвојувањето на кучињата скитници.
Кампањата симболично почнува утре, 23 септември, Интернационалниот ден на удомените кучиња.
Кампањата е со мотото „Ако имаш место во срцето, имаш и во домот“. Дизајнирана да ја зголеми стапката на посвоени кучиња, но и да ја подигне свеста на јавноста за работата на „Лајка“, градското јавно претпријатие за третман на улични кучиња.
Главната цел на кампањата е удомување што поголем број бездомни кучиња и реален придонес кон решавање на овој проблем, со конкретни резултати на крајот од кампањата.
Во согласност со бројките од претпријатието, во просек месечно се удомуваат 40 кучиња, минатата година се удомени над 400 улични кучиња, а за оваа година се очекува бројката да биде уште поголема.
Скопје
Денеска без струја делови од Чаир и Кисела Вода

„ЕВН Македонија“ известува дека, денеска, без електрична енергија ќе останат улици во општините Чаир и Кисела Вода.
Во периодот од 8 до 10 часот, без струја ќе бидат корисниците од улицата Роналд Реган, од бр. 4 до бр. 20, како и корисниците од улицата Благоја Паровиќ, од бр. 4 до бр. 20, во општина Чаир.
Во периодот од 9 до 11 часот, без струја ќе останат и дел од корисниците од улиците Серска и Востаничка, а во периодот од 12 до 15 часот дел од корисниците од улицата Невена Георгиева-Дуња во општина Кисела Вода.