Скопје
Општина Ѓорче Петров ја воведува услугата „Итно копче“ за поддршка на изнемоштени и болни лица

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска ја промовираше услугата „Итно копче“, наменета за лица над 65 години кои живеат сами, како и за други изнемоштени и болни лица на територијата на општината. Оваа услуга, која се спроведува во соработка со Црвениот крст на град Скопје, ќе им овозможи на корисниците да добијат итна помош со едноставно притискање на едно копче.
„Со воведувањето на „Итно копче“, ние како општина ја зајакнуваме грижата за најранливите категории граѓани. Секој оној кој има потреба од помош ќе може да ја добие 24/7, со поддршка од обучени тимови. Оваа услуга за корисниците од Општина Ѓорче Петров ќе биде целосно бесплатна, бидејќи сите финансиски средства за нејзината реализација ги обезбедуваме ние“, истакна градоначалникот Стојкоски.
Преку оваа услуга, корисниците ќе имаат можност: Да добијат итна поддршка во секој момент кога им е потребна; Да бидат во контакт со стручни оператори, кои ќе им дадат насоки за понатамошно постапување; Да добијат прва медицинска или психолошка помош, како и транспорт до соодветна здравствена установа; Да имаат бесплатно техничко одржување на аларм-уредот.
Сите жители на Општина Ѓорче Петров кои живеат сами и имаат здравствени проблеми можат да се пријават за услугата на телефонскиот број 076 212 329 или на email: [email protected].
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Итна седница на Советот на Општина Гази Баба

Денеска со почеток во 12:00 часот, по барање на градоначалникот Бобан Стефковски, Советот на општина Гази Баба ќе одржи итна седница со единствена точка на дневен ред: Одлука за доделување на финансиска помош за семејствата на настраданите во несреќата во Кочани.
Градоначалникот Бобан Стефковски претходно извести дека се потпишал во книгата на жалост која е отворена во Собранието на Република Македонија.
„Како човек и родител сочувствувам со семејствата кои ги загубија своите деца во несреќата во Кочани. Нема зборови кои можат да ја опишат болката и тагата која ја чувствуваме сите ние. Македонија е завиена во црно и заедно тагува“.
Скопје
Отстранети 𝟩𝟧 кубни метри отпад од диви депонии во скопските општини Чаир, Бутел, Центар и Ѓорче Петров

Во текот на вчерашното деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија приближно 75 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Бутел, Центар и Ѓорче Петров.
„Во општината Чаир е интервенирано на улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“ каде што се подигнати близу 20 кубни метри непрописно одложен кабаст и мешан комунален отпад. Посочената локација претставува таканаречена „црна точка“ каде што веќе подолг период континуирано се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини. Во оваа скопска општина беа отстранети и 10 кубни метри отпад од дива депонија лоцирана на улицата Славеј Планина, во близина на скопското Теќе“, известува ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„На улицата Ферид Бајрам во скопската општина Бутел се подигнати 10 кубни метри непрописно одложен кабаст и отпад од картонски пакувања. ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше активности за подигнување отпад од диви депонии и во општината Центар, каде што е интервенирано на улицата Васил Ѓорѓов и на булеварот Илинден, во близина на Зоолошката градина и Тениското игралиште, при што се расчистени 15 кубни метри кабаст, градежен и отпад од картонски пакувања одложен на сообраќајни и тревни површини.
Во скопската општина Ѓорче Петров беа подигнати вкупно 20 кубни метри непрописно одложен кабаст отпад на главната улица и на улицата Борис Сарафов“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Без струја денеска дел од Карпош

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците на ул.Осло (општина Карпош)
– во периодот од 11.00 до 14.00 часот, дел од корисниците на ул.Петар Драганов и Софиска (општина Карпош)
– во периодот од 12.30 до 14.30 часот, дел од корисниците на ул.Бањалучка спроти бр.20 и ул.Будимпештанска бр.35Б (општина Карпош)