Скопје
Поради технички зафати, делови од Скопје без струја

Од „ЕВН Македонија“ АД известуваат дека денеска, поради веќе закажани технички зафати во мрежата, без напон ќе останат:
– од 9.30 до 14.30 часот корисниците од улицата Методи Андонов – Ченто, левата страна од патот на потегот од „Еуро империјал маркет“ до „Грос маркет“ (општина Гази Баба);
– од 09.15 до 15.30 часот корисниците од улицата Раштак и улицата 4 во с. Раштак, како и сите објекти во околината на игралиштето и патот кон с. Љуботен (општина Гази Баба).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски на средба со в.д. амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф

Градоначалникот Ѓорѓиевски денес оствари средба со в.д. амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Ото Граф. На средбата се говореше за македонско-германската соработка низ призмата на проектите од доменот на локалната самоуправа, нешто што веќе профункционира како успешен модел во Општина Кисела Вода.
Току затоа градоначалникот Ѓорѓиевски уште на почетокот се заблагодари за неодамнешната донација од страна на германската амбасада преку која беа обезбедени креветчиња и душеци за новата градинка „Симба“, која Кисела Вода со сопствени средства ја отвора во Усје. В.д. амбасадорот Граф се интересира за планираните проекти во програмата на градоначалникот и заеднички ги утврдија новите можности за соработка.
„Со в.д. амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, Ото Граф, денес имавме конструктивна и пријателска средба, преку која разменивме искуства и ги дефиниравме можностите за нови сфери во кои е можна заедничката соработка. Му се заблагодарив за неодамнешната донација преку која на дечињата што ќе бидат згрижени во градинката ‘Симба’ во Усје им обезбедивме креветчиња и душеци. Убаво е кога се има поддршка, особено во вакви големи проекти, каде што Општината од сопствени средства прави голема инвестиција, отвора инклузивна градинка на место на кое никогаш немало ваков објект. Со ваквите потези праќаме јасна порака дека унапредувањето на условите и со тоа овозможувањето поддршка на позитивниот развој на најмладата популација е заедничка стратешка определба. Се надевам, а точно тоа и го договоривме на денешната средба со в.д. амбасадорот Граф, дека проектите од ваков и сличен карактер ќе ја имаат поддршката од Сојузна Република Германија и во периодот што ни претстои. Воедно, кога веќе говориме за новата градинка во Усје, сакам да се заблагодарам и на студентите од Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот балкански универзитет од Скопје, кои под менторство на своите професори работеа на визуелно обликување на оваа прва инклузивна градинка на територијата на град Скопје. На овој начин сите заедно дадовме свој придонес во обликувањето на инклузивната иднина на младите, што е најголемиот императив и мотив за сите нас. Паралелно, како локална самоуправа, ја поддржавме потребата од креативно изразување и ликовно-уметничко реализирање на проекти и активности на младите, со посебен акцент на нивно поактивно вклучување во придонесот за подигнување на свеста за социјалните придобивки и социјалната култура и образование“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Град Скопје: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во коалиција против Данела Арсовска

Уште еднаш на дело се покажа коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ при денешното гласање во Заедница на единиците на локална самоуправа на Република Македонија. Со здружени гласови на градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, претставници во ЗЕЛС, беше разрешена од позицијата претседател на ЗЕЛС, градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, се вели во соопштението од Град Скопје.
Од Градот додаваат дека ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На постојниот политички естаблишмент очигледно му пречат луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе што се независни и дејствуваат исклучително во интерес на граѓаните. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно му пречат луѓе што знаат да им кажат „не“ на корупцијата и криминалот, луѓе што јавниот го ставаат пред бизнис-интересот на врхушката во партиите.
Истите луѓе што се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја преземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Град Скопје, се вели во соопштението.
Македонија
Муцунски: Ветив дека ќе работиме поинаку и на дело го покажуваме тоа

Деновиве заврши реконструкцијата на основното училиште „Блаже Конески“ во Аеродром. Проект што целосно се реализира со средства првично планирани за кабинетот на градоначалникот, кои беа пренаменети за овој проект по иницијатива на градоначалникот Тимчо Муцунски.
„Ветив дека ќе работиме поинаку и на дело го покажуваме тоа. Реализираме проекти што за дечињата значат многу. Сега родителите веќе не треба да водат грижа затоа што дечињата ќе учат во модерни и реновирани простории. По обновувањето на фасадата на училиштето и извршената реконструкција, важно е дека до крајот на оваа година планирано е да почне и доградба на училишната зграда. Со тоа ќе го зголемиме капацитетот на училиштето и ќе обезбедиме подобри услови за реализација на училишните активности“, истакна градоначалникот при посетата на основното училиште.
Инвестицијата во висина од 30 илјади евра, средства целосно обезбедени од буџетот на Општина Аеродром, опфати санација и реконструкција на дел од училишната зграда, реконструкција на училницата за дневен престој, санација на санитарните јазли, промена на вратите и промена на подот во дел од училниците.
Со овој проект уште еднаш покажавме дека инвестициите во објекти наменети за децата се исклучително важни. Сите механизми на општината им се ставени на располагање за дечињата да спортуваат и рекреираат во модерни објекти, каде има соодветни услови за нивен раст и развој. Новиот начин на управување, одговорното и транспарентното работење и пренамената на непродуктивните трошоци кон проекти за нашата иднина се уште еден доказ за нашата намера да го направиме Аеродром поубава општина за сите генерации.