Скопје
Продолжува акцијата за асфалтирање на оштетените улици во Инџиково
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски, во саботата го посетија населеното место Инџиково, каде извршија увид на градежните работи на асфалтирањето на неколку улици.
Станува збор за 5 улици кои се асфалтираат во рамки на акцијата за санирање на оштетените улици од големата поплава што се случи во август 2016 година, каде оваа акција продолжува со стабилизацијата на временските услови.
„Градот Скопје, со одлука на Советот на Град Скопје, минатата година додели 150 милиони денари, или 2,5 милиони евра за санација на оштетената инфраструктура во сите населени места кои претрпеа штети за време на поплавите минатиот август. Минатата година започнавме со реконструкција на улиците во населените места Синѓелиќ и Стајковци, а со подобрувањето на временските услови оваа година продолжуваме со асфалтирање на преостанатите улици. Деновиве во населеното место Инџиково се асфалтираат 5 улици, кои се краци на улица „2“. Задоволен сум од интензитетот со кои продолживме со активностите за асфалтирање на овие улици, кои ги правиме со соработка со Општина Гази Баба и Владата на Република Македонија“, изјави градоначалникот Трајановски.
Петте улици коишто деновиве се реконструираат во населеното место Инџиково се со различна должина, од 150 до 250 метри, а нивната вкупна должина изнесува околу 1.000 метри.
“Продолжуваме со активностите за санација на патната инфраструктура во Гази Баба во местата кои беа зафатени со елементарната непогода. Минатата година успеавме да асфалтираме повеќе од 50 улици, додека за оваа година планираме да асфалтираме 80 улици. Покрај овие пет улици, ние работиме паралелно на санација на улицата број „10“ во должина од околу 700 метри, а започнавме и со санацијата на улица број „12“, која е во должина од околу 1.000 метри. Пред неколку денови ја завршивме втората фаза од улицата „Антон Велковски“ во н. Стајковци,а во соработка со Градот Скопје интензивно се работи и на целосна реконструкција на ул. „Алија Авдовиќ“ во Синѓелиќ“, рече градоначалникот на Гази Баба Трајковски.
На санацијата на петте улици во населеното место Инџиково работат екипите на ЈП „Улици и патишта“ и се очекува градежните работи да бидат целосно готови викендов, додека од наредната недела градежните работи ќе продолжат на оштетените улици во населените места Синѓелиќ и Стајковци./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Асфалтирана улица „6“ во локалната економска зона „Стопански комплекс – Илинден“
Општина Илинден ја асфалтираше улица „6“ во локалната економска зона „Стопански комплекс – Илинден“, проект кој е дел од континуираните активности за подобрување на патната инфраструктура и создавањето подобри услови за развој на локалните економски зони на територија на општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во асфалтирањето, и потенцираше дека станува збор за улица во должина од околу 450 метри и широчина на коловозот од 6 метри.

Како што истакна градоначалникот Георгиевски, станува збор за значајна сообраќајна врска во рамки на локалната економска зона, чија реализација ќе придонесе за подобра пристапност, побезбедно одвивање на сообраќајот и поефикасно функционирање на компаниите што работат во овој дел од зоната.

Со реализацијата на овој инфраструктурен проект, Општина Илинден продолжува со инвестиции во модернизација на локалната патна инфраструктура, обезбедувајќи поквалитетни услови за работа на стопанските субјекти и создавајќи подобри услови за севкупниот локален економски развој, велат од Општината.
Македонија
Општина Карпош ја реконструира улицата „Атинска“ во у.з. „Владо Тасевски“
Општина Карпош започна со реализација на проектот за реконструкција на постојната улична мрежа и тротоарските површини на улицата „Атинска„ во у.з. „Владо Тасевски“.
Во рамки на градежните активности ќе биде извршена целосна реконструкција на коловозната конструкција која опфаќа асфалтирање на коловозната лента, замена на рабниците и замена на долниот строј. Во меѓувреме ќе се реконструираат и тротоарските површини кои ќе бидат уредени со комбинација на бекатон елементи и асфалт, известува Општина Карпош.

„Започнуваме целосна реконструкција на овој дел од улицата „Атинска“ која ќе биде завршена за 30 дена. Ги замолуваме нашите граѓани за трпение и разбирање за време на градежните активности“, истакна Лукровски.
„Проектот опфаќа реконструкција на улицата во должина од 435 метри, со што значително ќе се подобрат условите за движење на возилата и пешаците, а ќе се зголеми и безбедноста во сообраќајот.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 16 милиони денари, а рокот за завршување на реконструкцијата на улицата е 30 работни дена.
Општина Карпош продолжува со континуирани вложувања во подобрувањето и модернизацијата на локалната инфраструктура, со цел создавање безбедна, функционална и квалитетна урбана средина“, се додава во соопштението од Општината.
Македонија
Видеонадзор за поголема безбедност во општина Aеродром
Општина Аеродром започнува постапка за воспоставување систем за видеонадзор на детските и спортските игралишта, како и во парковите. На вчерашната седница на Советот беше усвоен предлогот за отпочнување на постапката.
Општината упатува благодарност до советниците „кои ја препознаа важноста на оваа мерка и дадоа поддршка за нејзината реализација“.
„Секое искршено игралиште претставува загуба за сите граѓани, а најмногу за најмладите. Затоа, покрај реконструкцијата и обновата на спортските и детските игралишта, Општина Аеродром презема конкретни чекори за нивна трајна заштита. Целта е да се спречи вандализмот и да се зачува јавниот имот.
Новиот систем за видеонадзор ќе придонесе за спречување на вандализмот, заштита на општинскиот имот и урбаната опрема, зачувување на парковите и игралиштата, како и поддршка на надлежните институции во откривањето сторители на казниви дела. Истовремено, ќе овозможи поголем јавен ред, повисоко ниво на безбедност и подобра заштита на јавната инфраструктура.
Реализацијата на проектот ќе се спроведе согласно со законските процедури, со целосно почитување на прописите за заштита на личните податоци и сите важечки стандарди.
Безбедноста е инвестиција во иднината. Со оваа мерка, Општина Аеродром продолжува да создава побезбедни, уредени и зачувани јавни простори, во интерес на сите граѓани и на идните генерации“, се вели во соопштението од Општината.
