Скопје
Се реконструира водоводната мрежа за жителите на Бојане

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, денеска извршија увид во отпочнувањето на градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа во населеното место Бојане во општина Сарај.
Градежните активности на терен опфаќаат реконструкција на постојната водоводна мрежа, која има чести дефекти заради дотраеноста, како и заради незадоволителен профил и материјал на постојниот цевковод.
– Со реализацијата на овој инфраструктурен проект се решава долгогодишен проблем во овој дел од градот, а жителите на ова населено место добиваат поквалитетно водоснабдување и нови приклучоци. Се грижиме за сите граѓани подеднакво и инвестираме во обезбедување на квалитетни услови за живот во секоја општина и населено место во градот – изјави Арсовска.
Градоначалничката Арсовска истакна дека Градот Скопје континуирано работи на подобрување на водоснабдувањето во градот согласно ветените проекти од програмата „За модерно Скопје“, каде што решавањето на предизвиците со водоводната мрежа е еден од приоритетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Утре прекин на вода во дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализациа известуваат дека на ден 02.12.2023 година ( сабота ) поради уличен водоводен дефект од ф – 200 мм на ул. 11 Октомври бб – кај Билна Аптека, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од ул. 11 Октомври лоцирани на потегот од бул. Кочо Рацин до Стара Рампа.
Скопје
(Видео) Жонглер ги забавува возачите додека чекаат на црвено светло во Аеродром

Веќе неколку денови чекањето на црвено светло на семафорите во скопски Аеродром е различно од чекањето на сите останати семафори. Кога ќе светне црвеното светло на пешачкиот премин излегува жонглер кој со широко насмеано лице, од рака в рака, едновремено, префрла пет жонглерски палки. Пред да светне зелено се повлекува, а возачите го поздравуваат, му испраќаат бакнежи, а не се ретки и таквите кои му даваат пари.
Момчето, по кусиот настап, ненаметливо се повлекува и не им бара пари на возачите, како многумина други кои го користат моментот додека возачите чекаат да светне зелено.
Попладнево беше на булеварот Трета македонска бригада. Кога ќе светне зелено светло, тој се повлекува на паркингот покрај семафорите и таму жонглира. Оди на други крстосници во населбата Аеродром и секаде им измамува насмевки на возачите.
Скопје
Засадени 11.000 садници на Ајватовски Рид во рамките на проектот „Зелена општина Илинден“

Општина Илинден успешно ја спроведе големата акција за пошумување во рамките на проектот „Зелена општина Илинден“. Акција за пошумување се реализира на Ајватовски Рид, делот што беше опфатен со големите пожари летово и беше уништена шума со површина од 30 ха.
Во оваа акција за збогатување и обновување на шумскиот фонд засадени се 11.000 садници од видот багрем, а учествуваа голем број граѓани, ученици, јавните претпријатија, општинската администрација, како и општествено одговорни компании. Целта е да се обнови шумата и заеднички да ја подигнеме еколошката свест за здрава и чиста животна средина, чии придобивки ќе ги чувствуваме сите ние, но и генерации по нас.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, присуствуваше на акцијата и истакна дека обврска на секој од нас е активно да се грижи во подобрување на еколошката свест со цел да придонесеме да имаме чист воздух и здрава животна средина, така што во таа насока ваквите еколошки акции ќе продолжат и во иднина да се реализираат.
Градоначалникот Георгиевски упати и голема благодарност до општествено одговорните компании „Џонсон Мети“, „Хавеп импекс“, „Пекабеско“, „Еко Дани трејд“ и „Тримил Р“, МАН, СИГО, „Фреш фарм“ и „Рио кафе“, кои ја покажаа грижата за екологијата преку донирање на овие садници.