Скопје
Субвенции за поправка на покриви на згради и замена на азбестни покриви на куќи во општина Карпош
Согласно Програмата за уредување на градежно земјиште за 2025 година, Општина Карпош денеска објави Јавен повик за доделување финансиска подршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни кровни покривачи на индивидуални станбени објекти (куќи), на своја територија.
Во таа насока, за колективните станбени објекти (зградите), локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 50% но не повеќе од 350.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправка и санацијата на кровен покривач.
Додека пак за индивидуалните станбени објекти односно за куќите, Општина Карпош ќе субвенционира најмногу до 60%, но не повеќе од 120.000 денари од вкупниот износ на вредноста на замената на азбестниот кровен покривач.
Право на учество на Јавниот повик имаат сите оние коишто се регистрирани како Заедници на сопственици (ЗС) или со заедницата да управува правно лице – Управител (УСЗ) , согласно Законот за домување и сопственици на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош. Постапката за субвенционирање ќе се одвива во две фази од каде по комплетирање на документите од првата фаза, апликантот ќе добие писмено известување дека е потенцијален корисник на субвенцијата. Со самото тоа апликантот преминува во втората фаза што подразбира дека тој може да отпочне со замена на кровниот покривач.
Во овој случај, локалната самоуправа напоменува дека, доколку апликантот се одлучи да го промени стариот кровен покривач со користење на субвенција од Општина Карпош, истиот се обврзува да користи исклучиво бел или сив (силвер) лим за кровен покривач. Според условите од Јавниот повик, сите досегашни корисници на субвенција во изминатите јавни повици, објавени од страна на Општина Карпош, немаат право да учествуваат во јавниот повик за 2025 година.
Jавниот повик е отворен и трае до исцрпување на финансиските средства предвидени во Буџетот на Општина Карпош за 2025 година за предметната намена, по принципот „прв дојден-прв услужен“.
Пријавите се доставуваат во затворен и запечатен коверт, без означување на субјектот кој ја поднесува пријавата до Општина Карпош, преку пошта на адреса: ул. Радика бр.9 , 1000 Скопје, или во архивата на Општина Карпош, со назнака:
Јавен повик за доделување финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и замена на азбестни кровни покривачи на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош.
Заинтересираните странки можат да добијат повеќе детали околу условите и потребната документација, на следниве линкови:
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на следниве телефонски броеви: 071/350-388 или 078/487-636.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм. на булеварот Илинден бб. во кругот на Ј.П.Парови и Зеленило Скопје, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на булеварот Илнден од крстоницата со улицата Франклин Рузвелт до крстосницата со булеварот 8ми-Септември, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00часот до завршување на работните активности.

