Скопје
(Фото) Изгоре автобус на ЈСП во Сопиште, патниците се спасиле во последен момент

Еден од украинските автобуси на Јавното Сообраќајно Претпријатие (ЈСП) со број 58 се запалил денеска во Општина Сопиште.
Според сведочењата на очевидци, автобусот, кој се наоѓал во близина на приватни куќи и дрва, започнал да гори од задниот дел. Брзата реакција на патниците овозможила веднаш да го напуштат возилото и нема повредени лица.
Од противпожарната бригада веднаш пристигнале на местото на настанот и го изгасиле пожарот, спречувајќи го понатамошното ширење на огнот.
Сепак, инцидентот предизвика загриженост кај локалното население поради близината на приватните куќи и растителноста. Засега нема информации за причините за пожарот, а истрагата е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Герасимовски: Акција за собирање кабаст отпад на локации во Пролет, Водно и Буњаковец

Општина Центар започнува нова акција за собирање кабаст отпад, со цел заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на живот во локалната самоуправа.
Во периодот од 15-ти до 20-ти во наредните три месеци – февруари, март и април, граѓаните ќе можат бесплатно да го одложат кабастиот отпад на три локации:
– Во населба Пролет, кај Феријален дом;
– На Водно, кај КТК до контејнерите;
– Во Буњаковец, кај контејнерите кај Вучко.
„Апелирам до сите да ја искористат оваа можност и на еколошки начин да се ослободат од кабастиот отпад. Да ги чуваме нашите улици чисти и да придонесеме кон поздрава животна средина!“, порача градоначалникот Герасимовски.
Акцијата се спроведува согласно Акцискиот план за чист воздух и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Дополнително, службите на локалната самоуправа активно спроведуваат голема кампања за чистење на општината под мотото „Центар не чека, Центар чисти“. Оваа иницијатива доби силна поддршка и позитивни реакции од жителите.
Заедно со граѓаните продолжуваме да создаваме чиста и уредена општина, во која приоритет ќе биде здравата животна средина, велат од општината.
Скопје
Општина Аеродром започна со бесплатен скрининг на тироидна жлезда кај деветтоодделенците

Учениците од деветто одделение од сите основни училишта во Општина Аеродром имаат можност да извршат бесплатен скрининг на тироидната жлезда.
Скринингот стартуваше вчера во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и ќе бидат прегледани сите деветтоодделенци по претходно добиена писмена согласност од родителите или старателите, извести општината.
В.д. градоначалникот, Дејан Митески, посочи дека Аеродром е прва општина во која се спроведуваат вакви скрининзи што имаат превентивен карактер.
Иницијативата ја даде директорот на здравствената установа „8-ми Септември“, проф. д-р Синиша Стојаноски, а родителите на учениците без двоумење ја прифатија оваа превентивна мерка.
Инаку, д-р Стојаноски ги спроведува скрининзите во училиштата заедно со д-р Невена Маневска.
Општина Аеродром останува посветена на создавање уште подобри услови за безгрижно и здраво детство на нашите најмили, додаваат од општината.
Скопје
Центар и Аеродром денеска без струја

ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат делови на Центар и Аеродром.
– во периодот од 10.00 до 12.00 часот, корисниците од дел од улицата Преспанска, Маџармаало, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 15.30 часот, корисниците од дел од улицата Мите Богоевски 2, дел од улицата Мите Богоевски 6, дел од улицата Мите Богоевски 3, дел од улицата Мите Богоевски 4, во општина Аеродром;
– во периодот од 06.30 до 19.00 часот, корисниците од пат за Горно Лисиче, Лисец, Улица 1627, околина Црква Св Петар и Павле, Колдакопласт, Биолаб во општина Аеродром.