Скопје
Ѓорѓиевски на отворање канцеларија за поддршка на идни брачни двојки: Создаваме здрави и стабилни семејства!
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и претседателката на Здружението на социјални работници, проф. д-р Светлана Трбојевиќ, денес отворија канцеларија за социјална поддршка на млади брачни парови од општина Кисела Вода, лоцирана во Домот на култура „Билјана Беличанец”. Оваа канцеларија е прва и единствена од ваков вид во Македонија и ќе овозможи бесплатна стручна поддршка и совети за надминување на тешкотиите и одржување на здрава комуникација помеѓу идните брачни двојки, што е клучно за стабилноста на секое семејство.
– Денес со големо задоволство ја отвораме Канцеларијата за социјална поддршка на млади брачни парови, прва од ваков вид во нашата држава, посветена на жителите на Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива е плод на нашата соработка со Здружението на социјални работници, кое го обезбедува професионалниот тим, додека општината го овозможи просторот во Домот на култура „Билјана Беличанец“. Ова е единствена можност во Македонија каде младите брачни парови можат да добијат бесплатна и стручна поддршка за навремено справување со предизвиците во нивните односи.

Канцеларијата е создадена од потребата да се превенираат и спречат нарушените односи и семејни недоразбирања кои, за жал, сè почесто доведуваат до разводи. Наша цел е да ги поддржиме паровите во изградба на стабилни семејства, што има директен позитивен ефект врз благосостојбата на младите, но и на целокупната заедница. Стручниот тим во оваа канцеларија ќе им помогне на младите брачни парови да се справат со секојдневните проблеми, да ги решат предизвиците на заемното разбирање и да создадат основа за силен, стабилен и среќен дом.
Канцеларијата ќе работи два дена во неделата, секоја среда и сабота, по претходно закажани средби, што овозможува да се пристапи кон секое семејство индивидуално и со целосно внимание. Се надевам дека ова е почеток на позитивен тренд кој ќе го следат и други општини, бидејќи ваквите услуги се неопходни во едно модерно и динамично општество.
Искрено се заблагодарувам на претседателката на Здружението на социјални работници, проф. д-р Светлана Трбојевиќ и на сите негови членови за посветеноста и желбата да направат вистинска разлика за нашите граѓани. Заедно градиме општина која се грижи за своите жители, која вложува во иднината на младите семејства и која, со оваа канцеларија, им дава нова надеж и поддршка на сите оние кои сакаат да ги зајакнат своите семејни односи-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Канцеларијата ќе работи во среда од 16:00 до 20:00 часот и сабота од10:00 до 16:00 часот.Стручната помош и поддршка од страна на тимот се бесплатни. Потребно е претходно да се закаже термин на телeфонскиот број 02/3212 690. Термините се закажуваат во понеделник од 10.00 до 12:00 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Во текот на јануари се отстранети 𝟤𝟩𝟨𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на првиот месец од 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, известуваат од Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, беа отстранети и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.

