Скопје
Ѓорѓиевски: Обезбедено ново противпожарно возило за потребите на Кисела Вода
Кисела Вода обезбеди противпожарно возило кое има за цел да ги заштити животите и имотот на граѓаните. Како што објави на прес конференција градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ова возило кое е донација од “Шпаркасе Лизинг”, ќе и биде понудено на Противпожарната Бригада-Скопје, со цел таа да може поефикасно да одговори на идните предизвици и да ги заштити жителите на општина Кисела Вода. Се заблагодари на компанијата за покажаната општествена одговорност, а директорот Марјан Манчев му ги предаде клучевите од возилото и најави дека ова е почеток на соработката од која треба да произлезат бројни проекти во интерес на граѓаните.
-Со големо задоволство денес сакам да објавам дека во насока на зголемување на безбедноста на нашите граѓани, со цел да се заштитиме од непредвидливите и разорни последици на пожарите, Општина Кисела Вода успеа да обезбеди противпожарно возило. Секое лето, а посебно изминатово, сите видовме колку лесно и брзо може да се запали и прошири пожар, загрозувајќи го животот, домот и природата и за жал увидовме дека е неопходно подобрување на капацитетите на нашата Противпожарна Бригада. Голема е мојата благодарност до компанијата “Шпаркасе Лизинг”, која ги препозна нашите намери и како општествено одговорна компанија, покажа исклучителна грижа за безбедноста на нашата заедница, донирајќи ни го ова противпожарно возило. Ваквите партнерства меѓу приватниот сектор, општините и јавните служби се и повеќе од потребни кога за цел имаме подобрување на условите за живот на сите граѓани. Она што е наш следен чекор, како локална самоуправа е да и’ го понудиме ова возило на Противпожарната Бригада, со цел, таа да може побрзо и ефикасно да реагира и да ги заштити граѓаните, а пред се’ жителите на општина Кисела Вода. Сметам дека снабдувањето со ново возило претставува значајна помош, особено во моменти кога навистина е неопходно брзо и ефикасно да се реагира-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Директорот на “Шпаркасе Лизинг”, Марјан Манчев истакна дека како компанија која е длабоко посветена на општествената одговорност и поддршката на локалните заедници, го препознаваат значењето на соработката меѓу приватниот сектор и јавните институции и ја продолжуваат таа традиција преку донацијата на противпожарно возило на Општина Кисела Вода.
-Знаеме дека секоја општина се соочува со предизвици кои бараат брзи и ефикасни одговори, особено во ситуациите кога е загрозена безбедноста на граѓаните и нивниот имот. Противпожарното возило кое ќе помогне во спасувањето на животи и намалувањето на штетите во моменти кога секоја секунда е важна. Со оваа донација, се надеваме дека ќе придонесеме кон уште побрза и поефикасна реакција на противпожарните служби за жителите на општина Кисела Вода. На крајот, би сакал да потенцирам дека и понатаму ќе останеме отворени за соработка и поддршка на вакви и слични иницијативи. Заеднички, можеме да направиме многу повеќе за нашата заедница и нашата иднина-изјави директорот Манчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Почнува реконструкцијата на сaлaта „Расадник“
Почнува темелната реконструкција на сaлaта „Расадник“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за спорт, Борко Ристовски, денес го означија почетокот на реконструкцијата на овој капитален проект, кој во изминатите 30 години беше оставен на милост и немилост на времето претворајќи се од најголема спортска гордост, во најголем срам. Со правната битка што ја водеше градоначалникот Ѓорѓиевски успеа да ја врати салата во сопственост на Општината, ослободена од наследените долгови. Следниот чекор како локална самоуправа беше да се нарача проект за нејзина целосна реконструкција по што, по добиената поддршка од Владата на Република Македонија и Министерство за спорт, кое ги обезбеди финансиските средства, денес беше означен почетокот на новиот живот за салата „Расадник“.
„На мое огромно задоволство денеска во нашата општина вторпат неделава за еден од најзначајните проекти е присутен и премиерот. Огромно е нашето задоволството од неговото присуство и од делата што ги прави во изминатиот релативно кус период откако е премиер, особено во Кисела Вода. Благодарност и до министерот за спорт за неговата заложба овој објект, каков што го гледате денеска, да го ставиме во историјата и овде повторно да никне храм на спортот за Кисела Вода, но и за цело Скопје. Како што може да ја видите состојбата, оваа сала е доказ за 30 години како не функционирал системот во нашата држава и како многу ветувале, а ништо не реализирале. Благодарение на силната заложба на Владата на Република Македонија, на премиерот и на министерот за спорт, од денеска па натаму овде се менуваат приказната и сликата и ова повторно ќе биде место каде што ќе се собира народот и каде што ќе се раѓаат нови спортски имиња како што било случај во минатото. Особено ми е драго што денеска е овде и г. Атанас Костовски, човек што во минатото присуствувал на отворањето на оваа сала и се договоривме на почетокот на мојот мандат дека тоа заеднички повторно ќе го направиме овде. Се надевам дека за неколку месеци и ќе ја отвориме салата заедно овде и со премиерот и со министерот. Ова е дом на ракометниот клуб ‘Вардар’, место каде што ги има направено своите почетоци. И по многу години, конечно и РК ‘Вардар’ ќе си дојде на своето место. Уште еднаш огромна, огромна благодарност до премиерот и претседател на Владата. Со овој проект, кој има сентиментална вредност за сите наши жители овде во Кисела Вода, претседателот на Владата и министерот се запишуваат во историјата кај сите граѓани овде, во историјата на Општина Кисела Вода и се надевам дека многу бргу од денеска ќе присуствуваме сите на еден настан што ќе значи преполна сала и создавање спортски спомени овде, во оваа сала“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Со особено задоволство го означуваме почетокот на проектот за комплетна реконструкција на салата ‘Расадник’, салата која некогаш беше полна со екипи, со спортски настани, но и беше дом за многу деца и многу генерации што се занимаваа со спорт. Она што го ветивме почнуваме да го реализираме. Од понеделник почнува комплетната реконструкција на салата, проектот за реконструкција чини 120 милиони денари. Се надеваме дека со една добра соработка со изведувачот и со поддршка од локалната самоуправа и константна комуникација со Министерството за спорт реконструкцијата ќе биде завршна и во многу пократок рок. Средствата се обезбедени, останува само да се почитува овој динамички план што ќе го договориме со економскиот оператор и повторно да ѝ го вратиме сјајот на оваа сала. Со реализацијата на овој проект ‘Расадник’ повторно ќе биде дом на многу спортови, сала што ќе произведува нови спортисти и во која ќе се промовираат вистински вредности, а не да биде ваква руина оставена на времето, во која повеќе од 15 години не е ништо направено“, рече министерот Борко Ристовски.
„Ова е еден посебен момент бидејќи нешто што со децении е оставено да пропаѓа сега почнува да се реновира, да се реконструира и да добива еден современ, модерен лик. Салата ‘Расадник’ ќе биде дом на многу спортски клубови. Од градоначалникот на Кисела Вода слушнавме дека можно е ракометниот клуб ‘Вардар’ да се пресели овде и ова да биде официјално нивниот дом. Она што можам да го кажам како претседател на Владата е дека ќе продолжиме да инвестираме. Капиталните инвестиции и реализацијата на капиталните инвестиции за нас претставува главен приоритет“, истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
На настанот со кој беше означено почнувањето на реконструкцијата на спортската сала „Расадник“ денеска присуствуваа многу граѓани, спортисти, како и Михајло Михајловски, кој многу години беше претседател на РК „Вардар“, како и доајенот на македонското спортско новинарство, Атанас Костовски, кој во 80-тите години ја отворил салата „Расадник“.
Скопје
Герасимовски ги награди најдобрите со престижниот „Феникс“ – признание за трудот на центарци
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ја додели највисоката општинска награда „Феникс“ за исклучителни постигнувања во стопанството, уметноста, образованието, спортот и други значајни области.
„Наградата е признание за трудот, талентот и ангажманот на нашите центарци кои активно ја промовираат и претставуваат нашата општина на домашна и меѓународна сцена“, истакна Герасимовски, честитајќи им на наградените.
Во категоријата поединци и групи – творци, добитници на наградата се:
– Љупчо Трајковски Фис – композитор, познат по „Дебармаалска елегија“.
– Михаил Арсовски – иноватор и едукатор, награден за постигнувања во природните науки.
Во категоријата наградени ученици и студенти:
– Кристијана Пецалевска – ученичка во V одделение при ООУ „Кочо Рацин“, наградена за натпревари по математика и ликовна уметност.
– Ива Амелија Микулчиќ – ученичка во IV одделение при ООУ „Гоце Делчев“, наградена за постигнувања во пијано.
– Су Али – ученичка во ООУ „Коле Неделковски“, за успеси во модерен танц.
– Дамјан Давидовски – ученик во IX одделение при ООУ „Кочо Рацин“, водечки македонски скијач во категорија јуниори.
– Мила Митровска – ученичка во ООУ „Димитар Миладинов“, за постигнувања во природните науки.
– Паноника Хаџи-Стефанова – ученичка во ООУ „Св. Кирил и Методиј“, за значајни резултати на регионални натпревари.
Наградените добија дипломи и паричен износ од 20.000 денари.
Градоначалникот Герасимовски и Општина Центар ќе продолжат посветено да ги мотивираат жителите на Центар кон нови успеси, поттикнувајќи ги да бидат амбасадори на креативноста, знаењето и иновативноста.
Скопје
Богата музичка програма по повод патрониот празник на ООУ „Ристо Крле“ во општина Илинден
Учениците од ООУ ,,Ристо Крле” од Кадино како и подрачните училишта во Мралино и Бунарџик на свечен начин и со повеќе дневна програма и активности го одбележаа патрониот празник на училиштето.
Во рамки на одбележувањето во текот на неделата се одржаа повеќе активности во кои беа вклучени учениците. Во подрачното училиште во Мралино се одржаа спортски игри, есенски настан во подрачното училиште во Бунарџик како и ликовна узложба и свечена завршна приредба во централното училиште во Кадино.
Спортската сала во која се одржа свечената приредба беше претесна за да ги прими сите оние кои сакаа да го проследат одбележувањето на 45 годишнината од постоењето на училиштето, а меѓу присутните ученици, родители, поранешни директори и гости беше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.
Учениците се претставија со богата културно-забавна и уметничка програма, што беше исполнета со драмски точки, рецитали, ритнички вежби, хорска изведба, фолклор. За прекрасно изведените точки учесниците во приредбата беа наградени со бурни аплаузи.