Скопје
Град Скопје: Мицкоски да преземе одговорност за состојбите во главниот град, апелираме да се стави крај на политичкиот терор
„Ја поздравуваме најавата на претседателот на Владата Христијан Мицкоски и го охрабруваме во најбрз можен рок да преземе одговорност за нарушените состојби во главниот град, кои што ги креираше“, вели Град Скопје чиј градоначалник е Данела Арсовска и додава:.
„Како за почеток, апелираме премиерот Мицковски да ги вразуми советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје кои трета година по ред свесно и за политички поени ја кочат работата на јавните претпријатија. Апелираме Мицковски да ги убеди советниците да гласаат за набавка на нови еколошки автобуси, проект кој заедно со градоначалничката Арсовска го ветуваше на скопјани. Апелираме советниците навремено да ги гласаат програмите за работа на јавните претпријатија со цел да не се кочи нивната ефикасност, апелираме Мицкоски да превземе одговорност и за свесното блокирање на претпријатијата.
Го охрабруваме Мицкоски да се обиде и да ја превземе одговорноста за членовите на Управните и Надзорните одбори во претпријатијата на градот Скопје каде владејачката ВМРО-ДПМНЕ е застапена со над 90% од членовите на Одборите. Токму овие членови на УО и НО три години се изживуваат врз вработените и граѓаните на Скопје. Сите управни одбори без исклучок се со мнозинство членови на ВМРО-ДПМНЕ и се чини имаат единствена задача – влошување на состојбите и блокирање на услугите. Го охрабруваме Мицкоски да ги охрабри овие луѓе да ги одобрат плановите за вработување, плановите за набавки на нови контејнери, машини, дрвја, зеленило, автобуси и резервни делови.
Апелираме да се стави крај на политичкиот терор, и сега како одговорна владејачка партија, Мицкоски да превземе одговорност за состојбите во главниот град за кои најзаслужни се советниците и членовите на Управните и Надзорните одбори на градските јавни претпријатија“, завршуваат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Подобрување на патната инфраструктура во локалната економска зона Ограѓе во општина Илинден
Општина Илинден интензивно работи на подобрување на патната инфраструктура. Деновиве се асфалтираше на спојот на улиците н„10“ и улица „1“ во локалната економска зона Ограѓе, во населба Илинден.
Станува збор за доста важен дел од овие две улици, затоа што е од големо значење за функционалноста на стопанските субјекти кои се наоѓаат во овој дел на локалната економска зона Ограѓе, како и за растеретување на утринскиот сообраќаен метеж кај новото подрачно основно училиште „Гоце Делчев“ во н.Илинден, каде од сега ќе може да се користи како алтернативен пристап до училиштето.
Покрај асфалтирањето на овој дел поставени се и цевки под коловозот со цел одведување на атмосферските води.
Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи да реализира проекти за подобрување на локалната патна инфраструктура како еден од главните приоритети за локален економски развој на Општината.
Скопје
Општина Аеродром им додели над 860 таблет-уреди на сите четвртоодделеци
Над 860 четвртоодделенци од сите основни училишта во општина Аеродром добија бесплатни таблет-уреди обезбедени со средства од општинскиот буџет.
В.д. градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска го посетија ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, каде што лично им ги поделија таблет-уредите на учениците во ова училиште.
Станува збор за проект на Општина Аеродром што се спроведува веќе трета година, а кој има цел да го подигне образовниот процес на едно повисоко ниво, со што учениците добиваат можност да го следат чекорот со современите текови на глобално ниво и да стекнат нови знаења и развој на дигиталните вештини.
Градоначалникот Митески посочи дека ова е само еден сегмент од инвестициите што се вложуваат во училиштата како дел од процесот на создавање модерна и развиена општина, од што најголеми придобивки имаат учениците.
Министерката Јаневска нагласи дека доделувањето бесплатни таблет-уреди е важен проект, со што доаѓа до израз синергијата меѓу Општина Аеродром и централната власт, што претставува еден од главните приоритети за дигитализацијата и осовременувањето на сите процеси.
Скопје
Утре и в понеделник ЈСП Скопје ќе работи по неделен возен ред
ЈСП Скопје ги известува своите патници дека по повод државниот празник 8 Септември – Ден на независноста, на ден 7.09.2024 година (сабота) и 9.09.2024 година (понеделник) ќе се работи по неделен возен ред.
За време на трите дена од продолжениот викенд, дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација на:
– Транспортен центар;
– Ѓорче Петров; и
– Зелен пазар.
Жичницата ќе функционира вообичаено за време на викендот во сабота и недела, со работно време од 10-20 часот, при што од 19-19:30 е последното возење од долу кон врвот, а во 19:45 часот е последно возење од врвот надолу.
В понеделник 9.09.2024 година, нема да биде во функција жичницата.