Скопје
Почнува Викендот на гордоста во Скопје, ќе има изложби и перформанси
Вечерва, почнува единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје 2023. Фестивалот се отвора со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот уметник Карол Раѓишевски (1980, Полска), во 20.30 часот во Музејот на современата уметност.
„Раѓишевски работи интердисциплинарно, користи уникатни алатки при уредување на материјалите, комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавање и за да прикаже неочекувани алтернативни траги на сеќавањата не само што ги открива индивидуалните и ретки искуства туку и ги документира и историите на различните заедници. На изложбата ќе бидат претставени неговата мултидисциплинарната и архивска практика преку периодичниот фанзин ДИК, кој тој го издавал и уредувал, и проектот КАИ, што ја претставува параинституцијата Институтот за квир-архиви, која ја основал. Освен тоа, ќе бидат прикажани и монументалната серијата „Галерија на портрети“ (2020 – во тек), серијата „Сида“ (2012 – во тек), презентирана преку стратегија на спојување архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики и тапети, клучното негово дело „Зумбул“ (2019-2020) и филмовите „Кишленд“ (Kiseiland, 2012) и „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021)“, велат организаторите.
Веќе следниот ден, на 2 јуни, во 21 часот, во МСУ ќе се одржи перформансот ОСУДЕНИК (GONER) на Малик Нашад Шарпе (UK) со уметничко име Marikiscrycrycry, чии настапи се познати по сценирањето силна атмосфера.
„Делото претставува сензуално, напнато и застрашувачко кореографско патување во психолошките длабочини на хоророт низ кој поминува ликот на Осуденикот. Перформансот само ги навестува злоупотребата, миграцијата, отуѓувањето, припадноста, зависноста и насилноста, а примената на формалните алатки на авторството и естетиката на хоророт создава радикална визуелна уметност од маргинализирана перспектива. Делото ја испитува перцепцијата на специфичните култни наративи, каков што е возбудливиот, крвав и психолошки хорор, и тоа во контекст на црнечката хорор-традиција“, додаваат организаторите.
Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје се одржува од 1 до 13 јуни во Музејот на современата уметност, МКЦ и КСП „Центар – Јадро“.
„Викендот на гордоста е фестивал за квир-култура, уметност и теорија и има цел да создаде простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите, што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни. Тематскиот фокус на СПВ 2023 е КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии. Проблемите што ќе ги адресира годинашното издание тргнуваат од мноштвото квир-теории и историографии, што го ставаат прашањето на времето и историјата во центарот на своите иследувања. Во посебен фокус на фестивалот е преиспитувањето на хегемониските националистички историографски наративи и политиките на националните архиви, како и нивните стратегии на бришење, исклучување и игнорирање на невидливите и тајните истории на сексуалните и родовите малцинства и нивните искуства, како и можностите за ревизија, преисчитување, преиспишување и презамислување на историските (отсутни) траги и гласови и ефемерните архиви на квир-луѓето“, додаваат организаторите.
Фестивалот е во организација на коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центар за поддршка, а се реализира во партнерство со „ТрансФормА“, „Заедно посилни“, Музејот на современата уметност – Скопје, КСП „Центар – Јадро“ и „Тиииит!Инк“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Советот на Општина Центар даде зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички во салата на ООУ ,,Коле Неделковски’’
На денешната 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле Неделковски” за потребите на младите кошаркари на КК Работнички, без надоместок, додека не биде реновирана салата во Градски парк.
На советниците градоначалникот Герасимовски им појасни дека се работи за исклучителна ситуација која ќе трае само додека не се создадат услови за одржување тренинзи во реновираното здание и дека оваа одлука е наменета само за јуниорскиот тим.
,,Ова не е одлука за првиот тим на Работнички туку за младинскиот клуб на КК Работнички бидејќи во моментот кога ќе почне да се реновира салата, тие ќе немаат простор за тренинзи. Знаеме каква е финасиската ситуација на младинскиот тим. Истиот функционира и од спортскиот ваучер што го доделува Владата, кој за жал доцни. И поради тие причини и поради тоа што самиот тим е сопственост на Општината, ние мораме да се грижиме за клубот и за младинците што таму тренираат и играат. Затоа мислам дека барањето е издржано и очекувам советниците да се согласат” истакна Герасимовски.
Предлог одлуката за користење на спортската сала во ООУ ,,Коле Неделковски” без надоместок од страна на КК Работнички за 2024 година е усвоен со 21 гласа ЗА, ниеден глас против и без воздржани.
Одлуката беше донесена откако КК Работнички-Скопје побара од Општината, како акционер, да добие тренинг термини во основните училишта за својот младински тим, поради реновирање на салата.
,,Како наш единствен акционер, сопственик и воедно сопственик на основните училишта во општината ве замолуваме да ни дозволите нашите младинци да тренираат во една од салите на школите кои се во ваша надлежност, стои во дописот на КК Работнички-Скопје испратен до Општина Центар.
Скопје
Герасимовски: Решен децениски проблем со безбедноста на сообраќајот на улицата Наум Наумовски-Борче
Општина Центар ја отстрани рампата на улицата „Наум Наумовски Борче” кај хотел Дувет, на раскрсницата помеѓу „Ленинова” и „Партизанска” која претставуваше проблем и пречка за функционирање на сите учесници во сообраќајот.
Со овој потег општината го реши деценискиот проблем на барање на жителите, по поднесена петиција во која се потпишаа 327 граѓани. Ова е направено во согласност со ДУП-от и за овој зафат се добиени потребните дозволи од сите надлежни институции.
На улицата се поставени столпчиња за безбедност во сообраќајот и за влегувањето на возилата во подземните гаражи. Со овој зафат се обезбедува пристапна зона која ќе биде проодна и безбедна за граѓаните.
,,Конечно го решаваме долгогодишниот проблем на ваше барање. Улицата станува безбедна за пешаците и за вас жителите. На овој потег постојано се случуваа сообраќајни незгоди и затоа ова моравме да го направиме. Со вадењето на рампата воедно и ја ослободивме улицата од сите пречки поради кои имаше проблеми”, им се обрати Герасимовски на собраните жители.
Општина Центар известува дека улицата ќе биде двонасочна, во широчина од 7 метри, по 3.5 од секоја страна, ќе се отстрани страничната урбана опрема и ќе се намалат надворешните тераси на угостителските објекти долж улицата „Наум Наумовски Борче”.
Со ова исто така ќе се оневозможи дивото паркирање на улицата што претходно претставуваше проблем за пешаците.
Скопје
Дел од неколку скопски населби без струја
Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Во период од 09,00ч до 16,00ч дел од корисниците во с. Волково и с. Кучково ( о. Ѓ. Петров);
· Од 09,00ч до 14,00ч корисниците од ул. Банско, ул. Баница, ул. Наум Охридски и ул. Жванска (о. К. Вода);
· Од 07,00ч до 15,00ч новите згради спроти Мерцедес ул. 852 (о. Г. Баба) и
· Во период од 09,00ч до 15,00ч дел од ул. Милан Мијалковиќ, ул.Пржино, ул.Кавалска (о. К. Вода).