Скопје
Изградени девет нови подземни контејнери во Општина Аеродром
Девет нови подземни контејнери беа изградени во Општина Аеродром, во кои ќе се селектира отпадот.
Нови подземни контејнери се изградија на три локации во Општина Аеродром и тоа во населбите Острово, Реонски центар „Аеродром“ и Јане Сандански во близина на Скај сити, избрани пред сѐ заради големата концентрација на население.
Станува збор за заеднички трипартитен проект меѓу Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ и Општина Аеродром, кој чини 6.600.000 денари, така што секоја од овие три институции вложува по една третина од сумата.
Подземните контејнери се иноксни и секој од нив има зафатнина од три кубни метри.
Предноста на ваквиот начин на собирање на отпадот е повеќекратна, посебно поради тоа што еден ваков подземен контејнер според капацитетот заменува три од постојните контејнери што се во употреба, па се постигнува повисок степен на хигиена и избегнување на непријатната миризба, која често е присутна во близина на контејнерите.
Сега во Општина Аеродром има вкупно 18 вакви контејнери. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
(Видео) „Прифатена иницијативата за конфискација на дивоградби, ова е голема победа на Општината“, вели Герасимовски
Општина Центар извојува победа. Една година по поднесувањето на иницијативата за регулирање, конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти од градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, до ЗЕЛС, Собранието го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Станува збор за иницијатива со која на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на своја територија и нивна пренамена во функција на општината.
„Општина Центар е лидер во промени, лидер во храбри и позитивни одлуки и решенија во полза на граѓаните. Прифаќањето на иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во законско решение е победа на Општина Центар но и сите други општини во државата. Собранието на 19 овој месец, го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имот на корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, каде во членот 66 е преточена иницијативата која ја поднесов до ЗЕЛС со која се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата дивоградбата да ја предаде на Општината. Ова значи дека ние општините имаме две можности или да го легализираме објектот или доколку има услови истиот да го урнеме во рок од 6 месеци од прием. Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови“, посочи Герасимовски денеска пред медиумите.
Герасимовски појаснува дека новото законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го ОТУЃАТ објектот на градежни фирми или други субјекти кои се работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема било каква можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти. Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка не се однесува за дивоградбите што се на приватно земјиште за кои веќе се води инспекциска постапка за рушење или се води постапка за легализација.
На прес-конференцијата Герасимовски потсети дека иако поднесувањето на иницијативата беше широко прифатена од градоначалниците, сепак мораше да ги помине институционалните процедури во Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда и Собранието како законодавен дом.
„Во државата има речиси 100 илјади дивоградби, еве во општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона. За онеспособување два такви поголеми објекта сумите се енормно високи, околу 5,5 милиони денари за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Но, сега со новото законско решение, наместо дувло на бездомници, како што најчеста е реалноста, дивоградбите ќе може да се пренаменат и за други потреби, односно да бидат или пензионерски домови, креативни работилници или клубови за млади или, пак, предадени за социјално загрозени семејства“, потенцира Герасимовски.
Герасимовски напоменува дека со донесувањето на ова законско решение ќе се превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба. Воедно, градоначалникот потсетува дека средствата планирани за уривање нелегални објекти општините ќе може да ги пренаменат во други потреби за граѓаните.
Скопје
„Маски, смеа, рингишпил – дојди во Шеговил!“ – голема забава под маски во Кисела Вода
Со слоганот „Маски, смеа, рингишпил – дојди во Шеговил!“ општина Кисела Вода, в понеделник, на 1 април, организира голема забава под маски за најмладите.
Пред салата „Расадник“ ќе биде поставен забавен парк со разни реквизити, ќе има кловнови и аниматори, а за музичкиот дел се задолжени „Поточиња“.
Настанот почнува во 11 часот, а за изборот на најдобра маска ќе одлучи жири-комисија од Општината. Најдобрите маски ќе добијат награди, велат од Општината, и ги покануваат сите дечиња да дојдат во Шеговил и со своите насмевки, шеги и маски да поминат прекрасен ден.
Скопје
Дел од општина Центар денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека, денеска без вода ќе биде дел од општина Центар.
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа на улицата 50-та Дивизија бр. 35, од 10:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и улицата Димче Мирчев во општина Центар.