Скопје
Ново Скопје ветува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, ја посети Општина Шуто Оризари, каде што преку средби со граѓаните се запозна со нивните секојдневни проблеми и потреби.
На терен, Ѓорѓиевски и Ганиу остварија средба и со градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, како и со претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од оваа општина, Ерџан Демир. Тие разговараа за приоритетите на општината и идните инфраструктурни проекти, посебно во рамки на вториот повик на Владата за обезбедување средства за вакви проекти.
– Денеска ги слушнавме проблемите на граѓаните од Шуто Оризари и Чаир, кои заслужуваат сериозно внимание. Најважно е заеднички да работиме за да обезбедиме подобри услови за живот – изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски нагласи дека е неопходно ново сообраќајно поврзување меѓу Чаир и Шуто Оризари, што ќе го растерети сообраќајот и ќе ја подобри комуникацијата меѓу општините. Меѓу приоритетите е и проширување на булеварот Џон Кенеди, како и изградба на нов културен центар во Шуто Оризари.
– Градот Скопје ќе помогне со средства за културниот центар, за што веќе е одредена локација. Дополнително, ќе се доврши партерното уредување на спортската сала и ќе се реализираат уште многу проекти со поддршка на новата градска администрација – рече Ѓорѓиевски.
Претседателот на ЗЕЛС истакна дека луѓето од левата страна на Скопје имаат сериозни предизвици, но вети дека секогаш ќе имаат поддршка во него и во градската администрација.
– Скопје повторно ќе биде горд град – порача Ѓорѓиевски, изразувајќи подготвеност за решавање на проблемите на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Герасимовски: Забраната за мобилни во основните училишта во Центар функционира одлично, учениците се пофокусирани на наставата

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека забраната за употреба на мобилни телефони за време на наставата функционира одлично во сите осум основни училишта.
„Забраната за користење мобилни телефони за време на часовите дава резултати. Оваа мерка ја имплементираме две години во основното училиште “Св.Кирил и Методиј” и има бенефит. Учениците, целосно се посветуваат на учењето и се подобрува квалитетот на образовниот процес. Со препораките коишто ги прифатија сите осум основни училишта во Центар обезбедуваме подобри услови во учењето и придонесуваме за развој на позитивна училишна атмосфера. Со редуцирање на употребата на мобилните телефони за време на часовите, учениците ќе се научат на важноста на личната дисциплина и ќе имаат поголема социјализација со своите врсници“, истакнува Герасимовски.
Општина Центар е првата општина во државата што почна со имплементирање на ваква мерка. Препораките за забрана на користење на мобилните телефони се прифатени и во образовниот процес во дел од европските земји, велат од општината.
Скопје
Почна акцијата за подигање хаварисани возила во Карпош

Секторот инспекторат од Општина Карпош во соработка со колективниот постапувач „Греен Роад“, денеска ја започна долго најавуваната акција за отстранување на отпадни (хаварисани) возила на територија на локалната самоуправа, кои воедно претставуваат и опасност по животната околина во која живеат карпошани.
Во таа насока инспекциските служби од Општина Карпош ги мапираа старите (хаварисани) возила, означувајќи ги со налепници на кои беше напишано известување до нивните сопственици, дека во рок од 10 дена се должни да го отстранат отпадното возило. Оттука, доколку тие не го отстранат возилото, инспекторите преку добиени информации од МВР доставуваат записник за идентификација и Решение за опомена со рок од пет дена да се отстрани возилото. Доколку и по тој рок не се реагира, колективниот постапувач го подига возилото.
Акцијата ја поздрави и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој истакна дека оваа иницијатива ја поддржуваат голем дел од граѓаните на локалната самоуправа.
-Општина Карпош ја води акцијата за расчистување на хаварисаните возила на нашата територија за која мораме да спроведеме соодветна постапка. Во оваа пригода апелирам до граѓаните, сите возила кои што не се регистрирани, кои што зафаќаат несоодветно место или да ги регистрираат и да ги возат, или пак истите возила ние ќе мора да ги отстраниме. Постапката е таква да ги однесеме на соодветно место надвор од паркинг просторот каде што се тие, таму да чекаме отприлика 30-тина дена и потоа да видиме дали граѓаните ќе се интересираат за тоа возило или ќе треба да се спроведуваат нови постапки во кое што на крај возилото ќе оди на рециклирање. Не би сакале да имаме никакви немили настани нити пак непријатни разговори со граѓаните, но тие мора да водат сметка дека едно возило кое со години стои на едно место тоа практично ги оневозможува останатите граѓани да можат да го користат тој паркинг простор – објасни Јакимовски
Возилата ќе бидат транспортирани во собирен центар – депо, каде што ќе бидат оставени седум дена, а потоа ќе бидат однесени на рециклирање. Акцијата започна денеска од населбата Карпош 1 и ќе се одвива етапно, односно по отстранување на возилата во една урбана заедница ќе се продолжи во следната.
Инаку, во текот на месец декември и јануари, се мапирани 50 отпадни возила на територија на У.З. Карпош 1 и до денес се отстранети вкупно 35, додека за 11 возила се води инспекциска постапка. По истекот на роковите дадени во Решенијата за опомена ќе бидат подигнати и преостанатите возила, а оваа иницијатива предизвика голем интерес кај сопствениците за самоиницијативно отстранување на отпадните возила. Акцијата ќе трае до конечно отстранување на сите отпадни возила од територијата на Општина Карпош.
Скопје
Герасимовски се сретна со 8 стипендистки од Центар: Инвестираме во поквалитетни генерации, поздравена мерката за настава без мобилни телефони

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска се сретна со 8 стипендистки од осум основни училишта во Центар по повод одбележување на Меѓународниот ден на жените и девојчињата во науката, 11 февруари.
На средбата, Герасимовски и стипендиските разговараа за постигнувањата во природните науки, за образованието, но и за препораките за некористење на мобилни телефони за време на настава.
„Чест ми е што денеска имав можност да ве запознаам и да поразговарам, со дел од вас се знаеме, добитнички сте на највисоката наградата „Феникс“ на Општината во делот на науката. Вие сте нашите стипендистки, нашата иднина и гордост во државата и ние како локална самоуправа ќе инвестираме во вашето знаење и во што поквалитетни генерации. Огромна благодарност до наставниот кадар за сето она што го работат, за целиот труд и посветеност кон вас учениците, што придонесуваат од овие училишни клупи да излезат што поквалитетни и подобри генерации. Бидете упорни, вложувајте во себе, правете го тоа што го сакате, јас сум сигурен дека ќе успеете во соновите што ги сонувате“, рече Герасимовски.
Наставниот кадар и учениците, ја поздравија мерката за одземање на мобилните телефони за време на наставата. Тие потенцираат дека учениците се пофокусирани и активни на часовите. Општина Центар е првата општина во државата што препорача да не се употребуваат мобилни телефони за време на наставниот процес.