Скопје
Општина Центар обезбедува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои биле жртви на насилство или друга злоупотреба
Општина Центар во соработка со Националниот совет за родова рамноправност овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство или биле било како злоупотребени. Станува збор за давање бесплатни совети од страна на стручни тимови со различни области.
Психолошкото советување опфаќа психолошката помош обезбедена од страна на стручно лице-психолог искусен за траума и злоупотреба кој нуди индивидуални и групни советувања за жртвите, фокусирајќи се на исцелување, зајакнување и развивање на отпорност.
Правно советување се однесува на примарна правната помош обезбедена од страна на стручно лице кое на граѓаните кои биле злоупотребени им нуди општи и начални упатства и информации за начинот, условите и постапката за остварување на определено право или интерес во областа за семејно и родово базирано насилство, исполнување на конкретна обврска и упатување на надлежен јавен орган или надлежен суд, совет за начинот и можностите за решавање на правното прашање, за законската регулатива, можноста за вонсудско решавање, за правилата и трошоците на постапката, за извршување на одлуките на постапката како и запознавање со правата и обврските на барателите и корисниците на бесплатна правна помош.
Додека пак советувањето од социјален работник на граѓаните жртви им нуди поддршка во пристапот до социјални услуги, вклучувајќи советување за вдомување, можности за вработување и образовни ресурси.
Услугите на советување ќе се реализираат секој вторник во времетраење од 4 часа со почеток од 10:00 часот до 14:00 часот во просториите на Младински Центар, Општина Центар.
Општина Центар напоменува дека давателите на услуги односно стручниот тим во постапувањето обезбедува заштита на жртвите, го штити нивниот идентитет и нивните податоци, ја гарантира доверливоста на податоците и информациите кои се прибираат при работа и го почитува нивното достоинството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Бесплатна градинка за децата Роми од ранливи семејства
Општина Центар продолжува со својата посветеност за создавање поинклузивно општество за сите граѓани. И оваа година, општината запишува 20 дечиња од ромска националност кои доаѓаат од згрижувачки семејства или приматели на социјална помош на возраст од 3 до 6 години во градинката „Раде Јовчевски – Корчагин“.
Како дел од проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и директорката на детската градинка „Раде Јовчевски – Корчагин“ Елена Устамитова, денеска ги потпишаа новите договори за соработка за учебната 2024/2025 година. Овој проект има за цел поддршка на социјално ранливи групи и инклузија за поквалитетен раст и развој на дечињата, независно од нивната социјална или етничка припадност.
„Интеграцијата на децата Роми во воспитно-образовниот процес со сите останати деца е важен за создавање инклузивно општество. Кога децата растат заедно тие учат за солидарност, толеранција и меѓусебно прифаќање – вредности кои во иднина треба ги изградат во подобри личности. Децата заслужуваат без никакви пречки да го развиваат својот потенцијал, а денешниот потпишан договор е потврда за заложбата и посветеноста за инклузивност и добросостојба на децата од ранливите групи. Општина Центар со години наназад обезбедува еднакви шанси за сите деца, ги намалува социјалните разлики и го подобрува раниот детски развој. Само со ваков пристап можеме да инвестираме во иднината на децата, создавајќи услови за социјален и образовен напредок“, рече градоначалникот Герасимовски.
Проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи – детски градинки“ се спроведува од 2011 година со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Со овој договор, Општина Центар ги покрива месечните трошоци за посетување на градинката Ј.У.Д.Г. на Општина Центар „Раде Јовчевски – Корчагин“.
Скопје
Граѓаните на општина Илинден вклучени во креирањето на буџетот за 2025 година
И оваа година Општина Илинден ги вклучува граѓаните во креирањето на Буџетот за наредната година, такашто од денеска 12.11.2024 година до 29 ноември 2024 година ќе се реализира процесот на изработка на новиот Буџет за 2025 година.
Врвен приоритет на Општина Илинден е транспарентно и одговорно работење во служба на граѓаните.
Посветени на оваа цел, ги повикуваме сите граѓани, претставници на граѓански здруженија и правни лица за активно учество во креирање на новиот буџет со свои предлози за подобрување на условите за живот, да ги посочат предлозите, потребите и проблемите со кои се соочуваат во општината, соопштуваат од ооштината.
Ваквата инклузивна можност со директно учество од страна на сите граѓани, здруженија и правни лица ќе овозможи ефективни механизми за подобрување на квалитетот на локалните услуги и ќе воспостави процеси на одговорност, транспарентност и отчетност на локалната власт.
Општина Илинден ги повикува и охрабрува сите граѓани предлозите преку пополнување на анкетен лист да ги испратат по електронски пат на официјалната е-маил адреса [email protected] или директно во архивата на општината секој работен ден до 29.11.2024 година.
Предлозите ќе бидат анализирани од соодветните одделенија, согласно финансиските можности, остварливоста и издржливоста на проектите и ќе бидат интегрирани во нашите буџетски програми, велат од општината.
Скопје
Минатата недела санкционирани 𝟣𝟫𝟦 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 04.11. до 10.11.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 194 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од ПОЦ.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар, соопшти ПОЦ.