Македонија
Шилегов: Пуштена е втората велопатека на Водно, Скопје станува туристичка атракција
Од денес љубителите на велосипедизмот може да уживаат во втората велопатека, која е пуштена на Водно, информира преку напис на својата фејсбук-страница градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
„Новата планинска велосипедска патека е долга 3,64 км и широка 3 метри, со специјално изработени безбедни свиоци и рампи. На патеката нема пресеци и мешање со пешачки патеки, што ја прави многу безбедна. Патеката спаѓа во таканаречената семејна категорија. Таа е истовремено безбедна за употреба од страна на сите генерации, но апелираме таа да се користи исклучиво со соодветна заштитна опрема. Новата велопатека Flow е наменета за надолно движење со која се комплетира трасата Скопје – Средно Водно – Скопје“, напиша Шилегов.
За да можеме да ја доживееме убавината на велопатеките што ги направивме на Водно, ги повикуваме сите љубители на природата, в недела, 24 октомври, да го посетат вториот Фестивал за алтернативен туризам, кој ќе се одржи на Средно Водно. Настанот е со почеток во 10 часот и учество ќе земат сите најголеми дистрибутери на велосипеди и велосипедска опрема, а ќе биде проследен секако со добра забава, дополни Шилегов во информацијата на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ симулира седница на која Бугарите влегоа во Уставот, Села е претседател на Собранието, а Османи на државата
„Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција симулираше конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се случувало ако победат на парламентарните избори и ако Бујар Османи биде избран за претседател на државата.
Симулативната седница на Собранието ја отвори претседателот на ДУИ, Али Ахмети, а откако ги поздрави пратениците и присутните, најпрво избра двајца заменици Фатима Османовска и Бејџан Иљаз, а како прва точка на дневен ред ја предложи верификација на мандатите на пратениците и втора точка избор на претседател на Собранието.
Зиадин Села на симулативната седница беше избран за претседател на Собранието, а трета точка на дневниот ред, беа предложени уставните амандмани со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ ќе станат дел од Уставот, преку измена на уставот со гласање на 120 пратеници.
Четврта точка на дневниот ред беше за време на симулацијата беше Свечената декларација на Бујар Османи, како претседател на државата.
Македонија
Отстранети 100 кубни метри отпад од диви депонии во Ѓорче Петров
Во текот на изминатите два дена екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во координација со Град Скопје, спроведоа акција за отстранување неколку диви депонии лоцирани во скопската општина Ѓорче Петров.
Во рамките на акцијата беа подигнати и транспортирани приближно 100 кубни метри претежно кабаст, градежен и мешан комунален отпад, при што се отстранети 60 кубни метри отпад од обемна дива депонија на улицата Црногорска, во близина на автобуската постојка, како и 40 кубни метри отпад од неколку помали диви депонии лоцирани на улиците Македонска војска, Христо Батанџиев, Борис Сарафов, Никола Пушкаров и Лука Геров.
Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје апелираат до граѓаните правилно и совесно да го одлагаат својот отпад и на тој начин да придонесат кон заштитата на животната средина и јавното здравје.
Македонија
„Алкалоид“ најпосакуван работодавец за 2023 година – апсолутен победник според „Вработување.ком“
„Алкалоид“ најпосакуван работодавач за 2023 година – апсолутен победник според „Вработување.ком“ „За една успешна и амбициозна компанија огромен предизвик е да се одржат високото ниво на организациска култура, фокусот на резултати и високото ниво на етички вредности. ’Алкалоид’ секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на трудот, без оглед на тоа за која позиција станува збор“.
„Алкалоид“ АД Скопје по вторпат е прогласен за апсолутен победник за најатрактивен работодавач, односно најпосакувана македонска компанија за работа за 2023 година, врз основа на следните критериуми: следење на интересот за објавите и за огласите на компаниите од страна на посетителите на интернет-страницата „Вработување.ком“, интересот на апликантите и спроведената анкета на тема „Во која компанија би се вработиле без размислување?“. Настанот за првпат се реализираше во 2023 година низ симболиката на оскари за работодавачите во земјава, со цел афирмирање на позитивните практики на македонскиот пазар на трудот.
Наградата за работодавач на годината му беше врачена на Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој изјави: „Ова е награда на 3.000 семејства кои работат во ’Алкалоид’ во Македонија и подружниците во странство! Признание за целиот оној труд, знаење и вештини кои се вградени во секој наш производ и во секој наш процес во изминатите 88 години постоење. Ова признание е доказ дека во Македонија навистина има квалитетни луѓе.“
„Алкалоид“ континуирано негува стимулирачка работна средина и постојано го надградува системот на бенефиции за своите вработени, кој вклучува: обезбедено доброволно приватно здравствено осигурување, бенефиции за децата на вработените во форма на субвенциониран износ за вонучилишни активности, новогодишен линеарен надомест за секој вработен, исплата на регрес за годишен одмор во износ над законски утврдениот минимум, награди за вработените за лојалност и дополнителни надоместоци во согласност со вклученоста во успешно завршени интерни проекти, годишен наменски буџет за едукации и за стручни доусовршувања, редовни тим-билдинг активности, можности за кариерен развој во компанијата и надвор од неа, подарок за секое новороденче на вработен, новогодишни пакетчиња за децата на вработените и друго.
ПР