Скопје
Административците од Карпош донираа за децата без родители и за лица со инвалидитет
Дечињата од една до шестгодишна возраст ,од приватната градинка „Сент Пол“ од скопската населба Карпош во средат ги посетија административните простории на Општината и градоначалникот Стевчо Јакимовски со цел да се соберат финансиски средства со кои ќе им се купат подароци на децата без родители за престојните Новогодишни и Божикни празници.
Во оваа пригода, малите хуманитарци му испеаја Божикна песна на градоначалникот Јакимовски и му подарија од „волшебните џинџер колачиња“.
Во рамките на добротворната кампања „Биди причината за нечија насмевка“, вработените и родителите на децата од оваа приватна градинка, изработија новогодишни и божиќни колачи кои беа дел од хуманата акција. Со купувањето на колачите и донацијата, паричните средства кои ќе се соберат ќе бидат наменети за купување едукативни и други видови материјали на децата од Домот без родителска грижа „11 Октомври“ од Скопје и Домот за доенчиња и мали деца од Битола.
На сличен начин, на 20-ти декември ќе се одржи новогодишен базар во холот на трговскиот центар „Скопје Сити Мол“, во организација на градинката „Сент Пол“ во соработка со Здружението за деца со аутизам. Паричните средства собрани од новогодишниот базар ќе бидат наменети и употребени во Здружението за деца со аутизам.
Истовремено, во средата во просториите на општина Карпош, градоначалникот Јакимовски им врачи еднократна парична помош на лица со инвалидитет. Станува збор за 52 лица со инвалидитет кои живеат на територијата на општина Карпош а паричната сума која ќе им се оддели изнесува 5.000 денари./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Арсовска избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денес во Совет на Европа на конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво.
Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.
Нејзини надлежности, како што информираат од Град Скопје, меѓу другите, се да го координира и подобри влијанието на работата на конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.
Арсовска ќе го претставува конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со групата држави против корупцијата (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.
Скопје
(Видео) „Прифатена иницијативата за конфискација на дивоградби, ова е голема победа на Општината“, вели Герасимовски
Општина Центар извојува победа. Една година по поднесувањето на иницијативата за регулирање, конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти од градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, до ЗЕЛС, Собранието го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Станува збор за иницијатива со која на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на своја територија и нивна пренамена во функција на општината.
„Општина Центар е лидер во промени, лидер во храбри и позитивни одлуки и решенија во полза на граѓаните. Прифаќањето на иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во законско решение е победа на Општина Центар но и сите други општини во државата. Собранието на 19 овој месец, го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имот на корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, каде во членот 66 е преточена иницијативата која ја поднесов до ЗЕЛС со која се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата дивоградбата да ја предаде на Општината. Ова значи дека ние општините имаме две можности или да го легализираме објектот или доколку има услови истиот да го урнеме во рок од 6 месеци од прием. Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови“, посочи Герасимовски денеска пред медиумите.
Герасимовски појаснува дека новото законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го ОТУЃАТ објектот на градежни фирми или други субјекти кои се работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема било каква можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти. Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка не се однесува за дивоградбите што се на приватно земјиште за кои веќе се води инспекциска постапка за рушење или се води постапка за легализација.
На прес-конференцијата Герасимовски потсети дека иако поднесувањето на иницијативата беше широко прифатена од градоначалниците, сепак мораше да ги помине институционалните процедури во Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда и Собранието како законодавен дом.
„Во државата има речиси 100 илјади дивоградби, еве во општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона. За онеспособување два такви поголеми објекта сумите се енормно високи, околу 5,5 милиони денари за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Но, сега со новото законско решение, наместо дувло на бездомници, како што најчеста е реалноста, дивоградбите ќе може да се пренаменат и за други потреби, односно да бидат или пензионерски домови, креативни работилници или клубови за млади или, пак, предадени за социјално загрозени семејства“, потенцира Герасимовски.
Герасимовски напоменува дека со донесувањето на ова законско решение ќе се превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба. Воедно, градоначалникот потсетува дека средствата планирани за уривање нелегални објекти општините ќе може да ги пренаменат во други потреби за граѓаните.
Скопје
„Маски, смеа, рингишпил – дојди во Шеговил!“ – голема забава под маски во Кисела Вода
Со слоганот „Маски, смеа, рингишпил – дојди во Шеговил!“ општина Кисела Вода, в понеделник, на 1 април, организира голема забава под маски за најмладите.
Пред салата „Расадник“ ќе биде поставен забавен парк со разни реквизити, ќе има кловнови и аниматори, а за музичкиот дел се задолжени „Поточиња“.
Настанот почнува во 11 часот, а за изборот на најдобра маска ќе одлучи жири-комисија од Општината. Најдобрите маски ќе добијат награди, велат од Општината, и ги покануваат сите дечиња да дојдат во Шеговил и со своите насмевки, шеги и маски да поминат прекрасен ден.