Скопје
Асфалтирана улица „4“ во населено место Бучинци
Комплетно е реконструирана и асфалтирана улица „4“ во населено место Бучинци, Општина Илинден, со вкупна должина од 300 метри и широчина од четири метри.
Паралелно со санацијата и асфалтирањето на улицата, исчистено е и проширено коритото на Сува Река, со што се овозможува нормален проток на водите, а на местото на досегашниот, поставен е нов бетонски цевкаст пропуст со пречник од Ф 1000 кој ќе овозможи непречен проток на водите во време на поројни дождови.
Покрај асфалтирањето на улица „4“ асфалтиран е и просторот пред Домот на култура „Бучинци“, со површина од 200 метри квадратни.
Со поставување на новиот асфалт се подобрува функционалноста на улицата, се олеснува движењето на возилата и на пешаците, со што се овозможува подобра и побезбедна комуникација. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Левицата: Тревниците неискосени, општината претворена во змијарник, а Тимчо го нема
Ова е веќе трета огромна змија на територијата на општина Аеродром за која жителите сведочат. Тревниците во парковите сѐ уште се неискосени, општината е претворена во змијарник, а Тимчо и ДПМНЕ си тераат кампања безгрижно, реагираат од Левицата.
Според нив, катастрофата за општина Аеродром со име Тимчо, како што велат, поради негрижата ги става во опасност животите на децата на жителите на Аеродром.
„Веќе трета година од неговиот мандат се повторуваат истите грешки и негрижа за зелените површини во урбаниот дел од општината, при што општината е претворена во змијарник, а огромни змии почнаа да никнуваат како печурки“, истакнуваат од оваа партија.
Апелираат идниот министер за надворешни во најава Тимчо Муцунск, како што велат, да се свести и да почне да се грижи за општината барем во последните неколку месеци од неговиот нецелосен мандат.
„Полош градоначалник нашата општина нема видено до сега за жал. Се надеваме дека жителите конечно ќе се свестат и на наредните избори ќе ги казнат двете узурпаторски и криминални партии ДПМНЕ и СДС и ќе изберат градоначалник кој навистина си ја сака општината и е спремен да се грижи за сите жители на Општина Аеродром“, се нагласува во реакцијата на Левица.
Скопје
Муцунски пред пензионерите од Аеродром: Вашето искуство и вашата мудрост се непроценливо важни за создавање подобра општина
Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и претседателот на советот, Дејан Митески денеска присуствуваа на настан на кој беше одбележана 15-годишнината од формирањето на Здружението на пензионери – Аеродром.
Во рамки на своето обраќање Муцунски истакна дека искуството и мудрост на пензионерите се непроценливо важни во создавањето подобра општина, а Општина Аеродром секогаш е отворена за предлозите, сугестии и забелешките што доаѓаат од нивна страна.
Тој се заблагодари за поддршката која пензионерите ја даваат на општината и нагласи дека и понатаму тој и Општина Аеродром остануваат отворени за соработка.
„Како заедница, општина, но и како држава мораме поактивно да работиме на подобрување на статусот на пензионерите и решавање на предизвиците со кои тие се соочуваат во животот. И понатаму, лично ќе се заложувам Општина Аеродром да биде важен партнер во реализација на нивните планови и активности“, потенцираше Муцуски во своето обраќање пред пензионери.
Скопје
Општина Центар: Американ Колеџ ја избра градинката Пролет како пример за лекција по архитектура
Студентите од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, под водство на професорот Сашо Блажевски направија студиска обиколка на градинката Пролет во Центар, која е во финална фаза на градба. Во разговорот со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и со службите на Општина Центар, студентите беа информирирани за проектот и неговата реализација.
„Се работи за објект наменет за деца од предучилишна возраст единствен во државата по својата големина, современиот дизајн и енергетската ефикасност. Драго ми е што сте овде за да се запознаете со сите решенија и карактеристики на оваа градба бидејќи токму вие како идни планери и урбанисти сте кадар што е многу потребен не само во општината, туку и во целата државата“, им порача Герасимовски на студентите од втората година на архитектонскиот факултет на Американ Колеџ.
Општинските служби задолжени за менаџирање на проектот на студентите им ги демонстрираа карактеристиките на објектот. Идните архитекти имаа можност да се запознаат со спецификите на проектот во секторот на греење, енергетска ефикасност, стабилноста и безбедноста на градбата, инклузивниот пристап, итн, велат од општина Центар.
Новата градинка Пролет треба да биде завршена наесен, а во моментов се работи во внатрешноста на зградата. Градинка се простира на вкупна површина од 3.276 метри квадратни, со капацитет за згрижување на 150 деца. Ќе има 9 занимални и надворешно игралиште до кое можат да пристапат и деца со попреченост во движењето. Во градинката ќе има и лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето. Предвидена е и изградба на кујна само за потребите на градинката, со што децата ќе добиваат свежо зготвена и здрава храна, соопшти општината.