Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 12.00 часот, корисниците од улицата Костурска ,ул. Тале Христов Слога, Клиника ВФВ и Санте плус 3, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улица Франце Прешер околу објект 141, општина Карпош;
– во периодот од 12.00 до 14.00 часот, корисниците од Бул. Босна и Херцеговина и ул.Боро Менков, општина Бутел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Лајка-Фест“ во Градски парк: едукација, вдомување и заедништво со животните
ЈП Лајка денеска и утре организира дводневен едукативно-забавен настан Лајка-Фест во Градски парк – Скопје, посветен на вдомување, одговорно сопствеништво, едукација и заедништво помеѓу граѓаните и животните.
Како што информираат од ЈП Лајка, во рамки на фестивалот присутните ќе имаат можност да уживаат во зона за вдомување и привремено згрижување, едукативна зона за одговорно сопствеништво, зона за обука и дресура, детска зона со интерактивни активности и главна сцена со натпревари, игри и забавна програма.

Детската зона „Растеме со љубов“ е простор каде најмладите преку игра, креативни активности и директна интеракција со животните ќе учат за грижата, емпатијата и одговорноста.
-Веруваме дека едукацијата уште од најмала возраст е еден од најважните чекори кон создавање похумано и поодговорно општество. Токму децата што денес учат како правилно да пријдат на куче, како да се грижат за миленик и зошто е важна љубовта и почитта кон животните, утре ќе бидат возрасни кои носат подобри и поодговорни одлуки. Преку цртање, едукативни игри, активности со ветеринари и дресери, како и интерактивни содржини, децата ќе имаат можност на забавен и разбирлив начин да научат повеќе за животните и одговорното сопствеништво. Нашата цел е преку позитивно искуство, дружење и едукација да придонесеме кон генерации кои ќе градат повеќе разбирање, грижа и хуманост, велат од ЈП Лајка.
Проблемот со бездомните кучиња, посочуваат оттаму, не започнува на улица. Тој започнува со неодговорно сопствеништво, напуштање, неконтролирано размножување и недостаток на едукација.
-Токму затоа, на Лајка Фест ќе имаме посебна зона посветена на едукација, одговорност и подигнување на јавната свест. Во оваа зона ќе можете да разговарате со тимот на Лајка, да дознаете повеќе за одговорно сопствеништво, да проверите дали сте одговорен сопственик, да научите зошто стерилизацијата и микрочипирањето се важни и да разберете како всушност се решава проблемот со бездомните кучиња. Секој едуциран граѓанин е чекор кон похумано, побезбедно и подобро општество за сите, нагласуваат од Лајка.

На Лајка фест ќе има и зона за обука и дресура каде присутните ќе може да научат дали занаат што значи кога куче ја врти опашката, како правилно да му пријдат и зошто добрата комуникација е клуч за подобар однос помеѓу луѓето и кучињата.
-Во зоната „Учиме добри манири со Киско“ посетителите ќе имаат можност преку практични демонстрации, интерактивни активности и дружба со дресер да научат повеќе за: избор на миленик според животен стил, најчести проблеми со миленици, социјализација, а ќе стекнат основи на обука и дресура – затоа што добриот однос со кучето не започнува со команда – туку со разбирање, потенцираат од јавното претпријатије за хуман третман и благосостојба на бездомни кучиња

Дел од активностите што ќе се одржуваат за време на фестивалот се: „Ти и твоето куче – кој на кого личи?“, „Изложба на вдомени миленици“, аќе бидат доделени и награди и активности за посетителите и нивните миленици.
Лајка Фест, велат од јавното претпријатие, има за цел да покаже дека преку едукација, одговорност и активно вклучување на заедницата можеме да придонесеме кон похуман и побезбеден град за сите.
Македонија
Во Прилеп отворено 60-тото издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“
Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е симбол на творечка енергија, уметничка храброст и ненаситна љубопитност за нови сценски дострели кои инспирираат, многупати вознемируваат, провоцираат, но и облагородуваат, порача претседателката Гордана Силјановска Давкова на отворањето на 60-тото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Претседателката Силјаноска Давкова која е покровител на Фестивалот рече дека Фестивалот е свет дом каде се одвивале илјадници дијалози меѓу човекот и совеста на универзален театарски јазик и е почестена што може да го прогласи за отворен.
– Шест децении сцената на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност. Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може. Театарот изнедрува храбри луѓе, личности со достоинство, интегритет, ерудиција. И кога, ако не тука, ако не сега, каде што и воздухот мириса на театар, како што вели нашиот голем драмски автор Јордан Плевнеш. Посакувам овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни, рече претседателката Силјановска Давкова на свеченото отворање на Фестивалот.
Според министерот за култура Зоран Љутков, Фестивалот претставува временска верига на високи театарски вредности што се создаваат на македонска почва и само овде, во Прилеп, театарот умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и нè поведува по патеките што единствено ја откриваат суштината на постоењето и иднината на вечниот театар.
-Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ и Прилеп, главниот град на театарска Македонија, засекогаш ќе останат место на кое македонските поклоници на Талија, се среќаваат со добра мисла и креативно се споредуваат едни со други, стремејќи се кон сѐ повисоки и поблагородни уметнички дострели, рече Љутков.
Министерот за култура нагласи дека нема да се однесува како да не постои проблем дека во Прилеп нема функционална театарска зграда. Смета дека е време за решавање на долгогодиниот проблем.
-Тоа не е само проблем на Прилеп. Тоа е прашање на достоинството на македонската култура. Проектот за целосна реконструкција на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е подготвен и ќе го реализираме. Не како политичко ветување, туку како долг кон генерациите уметници што ја создаваа историјата на овој театар и кон генерациите што допрва ќе ја создаваат неговата иднина. Реконструираната зграда ќе биде современа, функционална и безбедна, смета министерот за култура Зоран Љутков.
Прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски во името на градот домаќин на шестдецениската театарска магија сведочи колку и како Прилеп го негува ова културно богатство кое за прилепчани е духовна храна и гордост.
– Фестивалот е мост меѓу генерациите, место каде што се пренесуваат вредности, идеи и емоции. Нашиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ни дава сила да растеме како луѓе, да се грижиме за него, за да остане светилник на културата и духовноста во Прилеп, уште многу децении, рече Проданоски.
На сцената од центарот за култура „Марко Цепенков“ на четворица театарски уметници. Атила Клинче, Веби Керими, Сашо Миленковски и на Љубомир Чадиковски им беа врачени наградите за животно дело.
Заблагодарувајќи се за наградата Атила Клинче рече голема благодарнот ѝ должи на публиката за сѐ што направил во театарот.
-Зад мене се 44 години како актер, како директор на една театарска институција. Ова е потврда за мојот придонес кон македонскиот театар, кон турската заедница кој мислам дека го имам. А со ваша поддршка, драга публико, ние израснавме, ги поминавме годините. Наградата не мислам дека е крај, туку е поттик. Секогаш им стојам на располагање на моите колеги, рече Атила Клинче.
За Веби Керими е посебно чувството да се добие фестивалската награда за животно дело.
-Благодарност до Фестивалот, но не треба да се заборави оваа прекрасна прилепска публика која има голем удел во овој голем културен настан во Македонија. Честитки за фестивалот и за сите учесници, рече Керими.
Во името на режисерот Сашо Милекновски, емоциите за наградата ги пренесе неговата ќерка Сара.
-Во името на татко ми кој од здравствени причини не беше во можност да дојде, му се заблагодарувам на Фестивалот кој уште во почетокот на неговата кариера го имаше препознаено неговиот храбар пристап кон театарот, рече Сара Миленковска.
Поранешниот директор на Театарот за деца и младинци, Љубомир Чадиковски ја нагласи посебноста за сите вљубеници во театарската уметност, посебно во работата во претстави за деца.
-Наградата за животно дело на Фестивалот не е само лично признание. Таа е признание за еден пат. За години поминати во Театарот, зад сцената, меѓу сценографии, проби, претстави, актери, деца, млади луѓе и меѓу публика. И, додека има сцена, публика, додека има деца што веруваат во приказни, театарот продолжува да живее, рече Љубомир Чадиковски, добитник на наградата за животно дело пред прилепската публика на свеченото отворање на Фестивалот.
Фестивалот преку своевидна изложба со актерски креации, фотографии, факти, потсети на хронологијата на 60 -годишниот јубилеј. Под наслов „60 години театарска меморија“, почнувајќи од пред прилепскиот народен театар Војдан Чернодрински“, преку Музејот на икони, платото кај Градскиот саат, пред Рекламите во Центарот на Прилеп до домот на културата „Марко Цепенков“, Фестивалот потсети на почетоците од далечниот јуни 1965 година до денес на оваа најзначајна театарска манифестација кај нас.
На отворањето на Фестивалот, Драмски театар од Скопје ја изведе првата претстава во официјална конкуренција, претставата „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски.
Македонија
Во руските напади врз јужна Украина загинаа пет лица
Во три одделни руски напади врз јужната украинска област Херсон загинаа пет луѓе.
Гувернерот на Херсон, Олекдсандар Прокудин на Телеграм објави дека во еден од нападите загинале три лица над 70 години, чии тела биле откриени во нивните домови.
Херсонската област е една од четирите региони анектирани од Русија по инвазијата врз Украина во 2022 година. На почетокот на војната Русија зазеде голем дел од областа, но украинската армија успеа да ги врати под своја контрола териториите, како и градот Херсон.
