Скопје
Центар и Шиченг, Пекинг потпишаа договор за соработка
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и градоначалникот на областа Шиченг од кинеската престолнина Пекинг, Ванг Шаопенг, потпишаа договор за соработка.
„Ние сме првпат во Македонија, среќни сме и благодарни што имаме можност да ја посетиме општина Центар. Многу ни значи соработката со градоначалникот Андреј Жерновски, бидејќи на овој начин се воспоставува и поголема соработка меѓу двете држави“, рече градоначалникот на областа Шиченг, Ванг Шаопенг.
„Ова не е само протоколарна посета. Ова значи почеток на едно големо пријателство и соработка на полето на економијата, образованието и културата. Се договоривме да инвестираме во иднината и затоа, следната посета ќе биде со децата од двете општини“, рече градоначалникот Жерновски.
Градоначалникот на општина Центар посочи дека во овој мандат, приоритет се става на децата и затоа, наместо изградба на нова административна зграда, се изгради нова градинка во Капиштец и ќе започне градењето на најсовременото основно училиште во регионот. Во убавините и функционалноста на градинката “Кочо Рацин“ се уверија и гостите од Кина, а за нив децата изведоа пригодна програма.
Двајцата градоначалници ја отворија и изложбата на фотографии на тема „Древниот Пекинг, шармантниот Шиченг“.
Шестчлената делегација од општината е во дводневна официјална посета на општина Центар, а во придружба е и амбасадорот на Кина во Македонија, Вен Женшун.
Во рамките на посетата, беше посетена и винаријата “Камник“, каде градоначалникот на областа Шиченг, Ванг Шаопенг запиша,“Го оставам моето срце во овој град“.
Областа Шиченг е централна општина во Пекинг и е административен, културен и политички центар. Во оваа општина се и седиштата на Владата и сите државни институции. Областа Шиченг има богата меѓународна соработка, со 19 градови и општини од Европа, САД, Азија и Океанија./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните
Скопје
Советот на Општина Центар даде зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички во салата на ООУ ,,Коле Неделковски’’
На денешната 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле Неделковски” за потребите на младите кошаркари на КК Работнички, без надоместок, додека не биде реновирана салата во Градски парк.
На советниците градоначалникот Герасимовски им појасни дека се работи за исклучителна ситуација која ќе трае само додека не се создадат услови за одржување тренинзи во реновираното здание и дека оваа одлука е наменета само за јуниорскиот тим.
,,Ова не е одлука за првиот тим на Работнички туку за младинскиот клуб на КК Работнички бидејќи во моментот кога ќе почне да се реновира салата, тие ќе немаат простор за тренинзи. Знаеме каква е финасиската ситуација на младинскиот тим. Истиот функционира и од спортскиот ваучер што го доделува Владата, кој за жал доцни. И поради тие причини и поради тоа што самиот тим е сопственост на Општината, ние мораме да се грижиме за клубот и за младинците што таму тренираат и играат. Затоа мислам дека барањето е издржано и очекувам советниците да се согласат” истакна Герасимовски.
Предлог одлуката за користење на спортската сала во ООУ ,,Коле Неделковски” без надоместок од страна на КК Работнички за 2024 година е усвоен со 21 гласа ЗА, ниеден глас против и без воздржани.
Одлуката беше донесена откако КК Работнички-Скопје побара од Општината, како акционер, да добие тренинг термини во основните училишта за својот младински тим, поради реновирање на салата.
,,Како наш единствен акционер, сопственик и воедно сопственик на основните училишта во општината ве замолуваме да ни дозволите нашите младинци да тренираат во една од салите на школите кои се во ваша надлежност, стои во дописот на КК Работнички-Скопје испратен до Општина Центар.