Скопје
Градинката „Кочо Рацин“ во Капиштец по 67 години ќе добие нов објект
Градинката „Кочо Рацин“ во Капиштец изградена пред 67 години ќе биде целосно урната, а на нејзино место ќе биде изграден нов објект што ќе биде отворен во јуни, 2015 година. До тогаш дечињата од градинката ќе бидат сместени во други градинки на територија на Општина Центар.
„Старата градинка „Кочо Рацин“ во Капиштец изградена далечната 1947 година, со азбестни цементни ѕидови, со мувла по ѕидовите, руинирани подови, искршени и стари креветчиња и кујна која одамна го ислужила своето, конечно замина во историјата. Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и советниците не дозволуваат децата да престојуваат во објекти кои се штетни за нивното здравје“, соопшти во вторник Општина Центар.
Од таму информираат дека веќе започнале подготвителните работи и отстранувањето на стариот објект, по што ќе почне изградбата на нова, современа градинка, во која децата ќе се вселат во јуни 2015 година. Сега 170 деца се сместени во четири други клонови на градинките на територија на општина Центар.
Новата градинка во Капиштец ќе има 2000 метри квадратни, ќе биде на два спрата и ќе го зголеми опфатот на деца од 170 на 250.
Од Општина Центар соопштија дека буквално сé во градинката ќе биде ново, на сензор, ќе биде градена според стандардите за енергетска ефикасност, кујната ќе биде по ХАСАП стандардите, дворот ќе биде збогатен со 140 високо стеблести дрвја, ќе се реконструира детскиот брод, а за децата ќе бидат набавени нови, квалитетни играчки.
За новата градинка Општина Центар издвои 112 милиони денари од новиот буџет.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Едукативен мото настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори, ќе им биде презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Низ дружење со претставници и членови од мото клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење на електрични превозни средства“, велат од општина Кисела Вода.
Скопје
Герасимовски: Конечно, Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.