Скопје
Левица бара политичарите да ги донираат платите за поплавените
Левица во вторник излезе со неколку предлог-мерки за справување со штетите од поплавите во Скопје и скопско, меѓу кои предлага и пратениците да донираат половина од својата јулска плата и сите патни трошоци кои би им се исплтиле до крајот на годината.
Поради трагичната ситуација во погодените области од невремето и неснаодливоста на државните органи Левица предлага целосно запирање на сите проекти од Скопје 2014, а посебно панорамското тркало и пренамена на средствата за санирање на штетата во погодените места, за помагање на поплавените и за превенирање на вакви штети во иднина.Предлагаат и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да ги донира сите пари кои ги има добиено како донација оваа година за помагање на погодените, а лидерот Никола Груевски да ги донира сите заштедени пари од 2015 година.Потоа, бараат донирање на половина јулска плата и сите дневници и патни трошоци до крајот на годината од сите 123 народни избраници и од државните функционери за помагање на погодените.Левица не заборави да побара забрана за прес-конференции од политичари во погодените области, како и формирање еден координативен штаб во кој нема да има ниту еден политичар, туку само стручни лица од сите засегнати институции и претставници од секое погодено местоСметаат дека треба да се објави јавен повик и организирање на волонтери од цела Македонија, за работна ација за расчистување на теренот, со бесплатен превоз од ЈСП и МЖ до погодените места.Исто така, бараат ангажирање на градежната механизација од сите градежни фирми кои добиле јавни тендери (Бетон, Гранит, Страбаг, Алпине, Трансмет) за расчистување на теренот и ангажирање на на теренски возила од сите државни институции (ЕЛЕМ, МЕПСО, Македонски шуми, МВР…) за расчистување на штетите и за дистрибуција на помош.Фирмите кои се занимаваат со продажба на станови бесплатно да ги отстапат празните станови за погодените семејства. (Адора, Настел, Голден Арт…), а субвенционираните земјоделски фирми (Пелагонија, Повардарие, Вардар, Агриа…) да донираат храна за лицата од погодените области.Левица предлага и секојдневно организирано собирање на непродадената храна на крајот на денот од сите скопски ресторани, кафеани, пекари, сендвичари, супермаркети и нејзино дистрибуирање до погодените.Секако, за потполно санирање на штетите побараа и да се објави повик до стручни фирми и Факултети за изработка на студија за санирање на инфраструктурата и изградба на домовите на граѓаните до крај на годината./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Кисела Вода – единствената македонска општина дел од мрежата на Партнерството за отворена власт
Денес, Партнерството за отворена власт (ПОВ) објави дeка Кисела Вода е една од новите 55 нови општини на својата растечка мрежа од 75 земји, кои ги унапредуваат иницијативите за отворена власт во светот.
Како единствена општина од Македонија, која беше избрана меѓу 138 апликанти, за Кисела Вода ова претставува значаен чекор во поттикнувањето на транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики и одговорноста на локално ниво. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со партнерите во овој процес, директорот на ИРИ, Крис Бренан, и високите претставници од ИРИ, Илина Мангова и Марија Саздевски, со националниот координатор за ПОВ, Гордана Гапиќ-Димитровска од МИОА, како и со претставниците од здружението КРИК, Константин Карадафов и Ангела Здравковска. Од сите нив доби честитки за успехот, кaко и за целата досегашна работа, за ентузијазмот и најавениот акциски план, кој ќе ја унапреди состојбата во општината и пошироко, со оглед на тоа што градоначалникот Ѓорѓиевски е и претседател на ЗЕЛС, а Кисела Вода исто така е дел од Б40-мрежата на градови од Балканот, информираат од Општината.
Градоначалникот го изрази своето задоволство што преку можноста да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ) на граѓаните ќе им се овозможи зголемена транспарентност и со тоа зголемена доверба во институцијата.
„Чест и привилегија е да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ), од оваа значајна мрежа на општини од светот, кои преку својата работа во изминатите 15-ина години дадоа големи резултати во насока на отворање на институциите кон граѓаните. Драго ми е што нашите досегашни заложби и реализирани проекти во изминатите две години, со посебен акцент на зголемената транспарентност и дигитализацијата, беа препознаени помеѓу други 138 апликанти и Општина Кисела Вода денес ги доби овие убави вести. Ова за нас како Општина и за мене како градоначалник претставува уште поголема обврска за да испорачаме уште подобри политики за граѓаните. Стекнатото знаење и помошта од експерти, кои треба произлезат од членството во ПОВ, за Општина Кисела Вода ќе значи постигнување уште подобри резултати во транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на политиките и одговорноста на локално ниво. Со оглед на тоа што сум и претседател на ЗЕЛС, ова ќе овозможи споделување на позитивните искуства со другите 80 општини, со што бенефитот ќе го почувствуваат и другите граѓани од државата. Верувајќи во сопствените потенцијали, сметаме дека со членството во ПОВ ќе можеме да го стимулираме развојот и на други членови на оваа престижна организација и градење капацитети, кои ќе бидат мостови при решавањето на проблеми од сличен карактер.
Дополнително, како дел од мрежата Б40 на градови од Балканот, Општина Кисела Вода ќе може своите стекнати искуства да ги вложи и во насока на унапредување на соработката и зајакнување на демократијата подобрувајќи го дијалогот меѓу локалните заедници“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Партнерството за отворена власт (ПОВ) e доброволна меѓународна иницијатива почната од осум земји во 2011 година. Република Македонија веднаш по почнувањето стана дел од оваа глобална инцијатива во рамките на која владите и граѓанските организации се залагаат за влади, кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Денес, во иницијативата учествуваат 78 земји членки и голем број граѓански организации.
Со приклучувањето кон иницијативата Владата на Република Македонија потпиша декларација, со која се обврза заедно со граѓанските организации и граѓаните да подготвува и спроведува конкретни заложби за промовирање на транспарентноста, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа за поддршка на иновациите и слично. Покрај процесот на ПОВ од извршната власт, во нашата земја се спроведуваат исти процеси и од страна на законодавната („Отворен парламент“), судската власт („Отворено судство“), а сега веќе со членството на Општина Кисела Вода и од локалната власт.
Скопје
Герасимовски: Почнува паметното осветление за центарци
Општина Центар ја започна првата фаза од проектот „Смарт сити“ со инсталација на паметни светилки низ цела територија на општината.
Системот го имплементира А1 Македонија преку целосна реконструкција на постоечкото улично осветлување и паралелна имплементација на светилките и паметните ормари. Станува збор за замена на 3982 улични светилки со нова технологија на ЛЕД светилки за паметно мерење и управување со електричната енергија. Инсталацијата на новите светилки започнува од улицата „Димче Мирчев“ близу министерството за внатрешни работи каде денес присутни беа градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и Стевчо Ристески, директор на бизнис продажба и ИКТ на А1 Македонија, како и раководители на информатички сектор на А1 Македонија, надзорни органи, проектни спонзори и лидери и членови на главни работни групи.
Градоначалникот Герасимовски оттаму порача дека преку реализација на овој проект, општината ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.
„Денеска општина Центар не го најавува туку го започнува поставувањето на новото „смарт“ јавно осветлување за што сум особено горд. Сакам да објаснам зошто е „смарт“ односно паметно јавно осветлување, затоа што станува збор за ЛЕД светилки со технологија за автоматско димирање односно прилагодување на светлината следствено временските услови или зачестениот сообраќај на улицата. Не е потребно време на палење, ладење или зголемување на осветлувањето. Светилките сами се палат и нивното светло се засилува како настапува ноќта. Доколку на улицата нема движење од автомобили или пешаци осветлувањето се намалува но и автоматски се зголемува при забележано движење. Ова значи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните доколку димирањето е во услови на намалена оптичка видливост или вонредно зголемен интензитет на сообраќајот“, рече денеска Герасимовски од Капиштец.
Тој исто така појасни дека новите ЛЕД светилки немаат еколошки штетни материјали, немаат UV зрачење, имаат висок и предвидлив животен век, емитуваат светлина само во видливиот опсег, имаат компактна големина, намалена потрошувачка на електрична енергија, висока светлосна ефикасност, одличен индекс за рендерирање на бои, лесни се за рециклирање, помалку привлекуваат ноќни инсекти и се отпорни на вибрации и удари.
„Инсталацијата на светилките ќе биде извршена во две фази и тоа по урбани заедници. Инсталација на светилките опфаќа демонтажа на старите и монтажа на новите светилки. Предвидени се различни типови на светилки за различни типови на сообраќајници односно дали истите ќе бидат оставени на главни, споредни и резиденцијални улици, пешачки патеки или споредни улици. Покрај замената на старите со новите ЛД светилки ќе бидат поставени и 150 паметни ормари преку кои ќе бидат вклучени група на светилки што ќе се постигне значително подобрување на работењето на уличното осветлување. Во овие улични кабинети ќе има вграден паметен контролер кој ќе биде поврзан со дигитално броило на електрична енергија и ќе може да се вклучи и исклучи мануелно или автоматски со користење на вграден астрономски часовник кој пресметува кога сонцето заоѓа и изгрева“, рече Герасимовски.
Скопје
Дел од општината Чаир денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека денеска без вода ќе бидат улици во општина Чаир.
Поради дефект на затворач на водоводна мрежа со пречник од ф 300 мм, на улицата Џон Кенеди бр. 25, од 09:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Џон Кенеди, 380, 376, Максут Садик, Јоаким Крчоски, Самоилова и Болницата – Гинекологија Мајка Тереза – Чаир.