Скопје
Нова пешачко-рекреативна патека ќе се гради во општината Илинден
Општина Илинден започна со активности за реализација на проектот „Изградба на пешачко-рекреативна патека Марино-Кадино“ во должина од 1.500 метри.
За таа цел изговена е целосна техничка документација и во моментов во тек е јавната набавка за избор на најповолен екномски оператор односно фирма изведувач на градежните работи.
Изградбата на новата пешачко-рекреативна патека, покрај тоа што ќе ги поврзе населените места Илинден, Марино и Кадино, со вкупно околу 10.000 жители, ќе понуди и нови можности за рекреација, комуникација, заедничкото дружење и рекреативно спортување.
Со проектните активности покрај изградбата на патеката, ќе се изгради и велостипедска патека, патека за ролерки и скејтборди, ќе се постават реквизити за спортување и рекреација, ќе се постави урбана опрема и ќе се изврши уредување на зелени површини во должина на патеката.
Вкупната вредност на овој проект изнесува 14,5 милиони денари и се планира активностите да бидат завршени до крајот на годината.
Со реализацијата на овој проект ќе се придонесе во подобрување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, особено на пешаците како и поголема безбедност на децата од училишна возраст кои се движат од зоните на домување кон детската градинка, основното и средното училиште како и ќе се придонесе во подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните во Општина Илинден.
Овој проект ќе се рализира во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните
Скопје
Советот на Општина Центар даде зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички во салата на ООУ ,,Коле Неделковски’’
На денешната 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле Неделковски” за потребите на младите кошаркари на КК Работнички, без надоместок, додека не биде реновирана салата во Градски парк.
На советниците градоначалникот Герасимовски им појасни дека се работи за исклучителна ситуација која ќе трае само додека не се создадат услови за одржување тренинзи во реновираното здание и дека оваа одлука е наменета само за јуниорскиот тим.
,,Ова не е одлука за првиот тим на Работнички туку за младинскиот клуб на КК Работнички бидејќи во моментот кога ќе почне да се реновира салата, тие ќе немаат простор за тренинзи. Знаеме каква е финасиската ситуација на младинскиот тим. Истиот функционира и од спортскиот ваучер што го доделува Владата, кој за жал доцни. И поради тие причини и поради тоа што самиот тим е сопственост на Општината, ние мораме да се грижиме за клубот и за младинците што таму тренираат и играат. Затоа мислам дека барањето е издржано и очекувам советниците да се согласат” истакна Герасимовски.
Предлог одлуката за користење на спортската сала во ООУ ,,Коле Неделковски” без надоместок од страна на КК Работнички за 2024 година е усвоен со 21 гласа ЗА, ниеден глас против и без воздржани.
Одлуката беше донесена откако КК Работнички-Скопје побара од Општината, како акционер, да добие тренинг термини во основните училишта за својот младински тим, поради реновирање на салата.
,,Како наш единствен акционер, сопственик и воедно сопственик на основните училишта во општината ве замолуваме да ни дозволите нашите младинци да тренираат во една од салите на школите кои се во ваша надлежност, стои во дописот на КК Работнички-Скопје испратен до Општина Центар.