Скопје
Oпштина Аеродром реагира: Ги унапредуваме условите во училиштата за разлика од времето со СДСМ кога децата немаа учебници
Остро ги отфрламе обвинувањата од СДСМ за тоа дека изминатите години не сме придонеле ништо за модернизација на нашите училишта, затоа што реалноста е сосема различна од нивните тврдења, реагира Општина Аеродром на обвинувањата што претходно денес ги изнесе СДСМ.
Општината нагласува дека додека СДСМ беа на власт, учениците не добиваа ниту учебници, што се основни средства за изведување на наставата, па поради тоа сега немаат никаков кредибилитет да ја критикуваат, ниту централната, ниту локалната власт.
„Ние како Општина, изминатите три години навистина се потрудивме учениците да го добијат најдоброто, а училиштата да ги следат современите текови на образовниот процес. Токму затоа ќе издвоиме дел од проектите и од активностите што се реализирани во училиштата во Општина Аеродром.
– Проект ,,Учиме да пливаме” воведовме бесплатни часови за пливање за секое прваче и за дечињата со посебни образовни потреби;
– Проект – грижа за дечињата со посебни образовни потреби – бесплатни часови по пливање и бесплатни часови за спортување со лиценцирани тренери во ООУ „Александар Македонски“ каде спортуваат и се дружат со останатите дечиња од групата;
-Проект Дигитализација на наставниот процес во училиштата;
– Бесплатен таблет за секој ученик во четврто одделение според концепцијата за дигитализација на основното образование и смарт табли за секое училиште;
– Проект – фотоволтаици на секое училиште – поставени фотоволтаици на сите основни училишта;
– Инвестиравме во енергетско ефикасни фасади на училиштата ( ООУ „Блаже Конески“ и подрачното основно училиште „Гоце Делчев“)
– Реконструкција на внатрешноста на ООУ „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Браќа Миладиновци“, „Гоце Делчев“.
– Промена на санитарните јасли во „Љубен Лапе“, „Лазо Ангеловски“, „Браќа Миладиновци“, централното и подрачното училиште „Гоце Делчев“.
– Реконструкција на велосипедскиот полигон во „Ѓорѓија Пулевски“
– Секоја година учениците добиваат бесплатна училишна униформа;
– А, само оваа година Општината издвои 5 милиони денари за реконструкција и санација на училиштата;
Тука не застануваме, наредните денови ја отпочнуваме градбата и доградбата на ООУ „Блаже Конески“ со што значително ќе се зголеми капацитетот на ова училиште, едно од најстарите училишта во Аеродром, кое конечно ќе добие нов изглед.
Ова се само дел од инвестициите во училиштата во Аеродром, а ние остануваме посветени на унапредување на условите во воспитно-образовниот проецес, како за учениците, така и за наставниците“, се наведува во соопштението на Општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Привремен режим на сообраќај за време на одржувањето на 20. Виз Ер Скопски маратон
Поради претстојното 20-то јубилејно издание на Виз Ер Скопски Маратон, што ќе се одржи на 06.10.2024 (недела), а на кој ќе учествуваат рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји, во недела со почеток од 03:00 часот, ќе важи привремен режим на сообраќај во главниот град. Ова значи дека одредени улици ќе бидат целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот, а променетиот режим ќе биде на сила до завршувањето на маратонот, до 14:00 часот.
Поточно, во недела, 06.10.2024, започнувајќи од 03:00 часот, сообраќајот ќе биде затворен од Градска Болница, сѐ до Палома Бјанка, а целата патека се затвора исто во недела, 06.10.2024, од 06:00 часот.
Целта на сите трки е на Плоштад Македонија. Локација за старт на сите трки e Собрание на Р. Македонија. Време за старт на сите трки e 08:00 часот, но организаторите апелираат тркачите да дојдат барем 20 минути порано. При влез во старт зоната, се апелира секој тркач да влезе во соодветниот бокс за својата трка или таргет време што го има одбрано при процесот на регистрација, сѐ со цел да не се создаваат турканици. Тркачите на маратонската, полумаратонската и штафетната трка ќе тргнат во правец кон Католичка Црква, а тркачите на трката Комерцијална Банка 5км ќе трнат во правец кон Црвен Крст.
Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, ќе стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат во правец кон центар по истите улици и булевари. Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до раскрсницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до раскрсницата со бул. „Јане Сандански“. На раскрсницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до раскрсницата со Бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред раскрсницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до раскрсницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, полумаратонците финишираат на Плоштад Македонија, а Маратонците трчаат уште еден круг.
За патеката за трката на 5 км, стартот е пред Собранието, по кое натпреварувачите ќе трчаат во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат ќе свртат лево, по „Трета македонска бригада“ и кај Супермаркетот Тинекс ќе свртат полукружно и по истата траса назад до целта – плоштад „Македонија“.
Организаторите на Виз Ер Скопскиот маратон ги замолуваат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај. Исто така, СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката.
Од ЈСП Скопје, пак, ги информираат скопјани дека во период од 07:00 до 14:00 часот, поради одржување на маратонот, дел од возилата од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот, а дел воопшто нема да се вклучат во сообраќај. Во период од 07:00 до 14:00 часот нема да сообраќаат линиите: 3, 3Б, 4, 4А, 9, 16, 22А, 24, 25, 59Б.
Скопје
ЈСП: Превозот утре од 18:00 до 2:00 часот наредниот ден ќе биде бесплатен
На 5 октомври 2024 година, сабота, поради oвогодинешното издание на „Бела ноќ“ кое ќе се одржи на повеќе централни локации низ градот Скопје, во периодот од 18:00 – 2:00 часот (наредниот ден), превозот на патниците во јавниот градски превоз ќе биде бесплатен.
Скопје
Општина Аеродром им додели признанија и парични награди на најдобрите наставници
Најдобрите наставници и стручни соработници од осумте основни училишта во Општина Аеродром денеска добија признанија и парични награди во висина од 10 илјади денари.
Признанијата и наградите им ги врачи в. д. градоначланикот на Општина Аеродром, Дејан Митески, во пресрет на утрешниот Светски ден на наставникот – 5 Октомври. Тој им се заблагодари за нивната посветеност и за љубовта со која ја работат една од најблагородните професии и им посака уште многу поголеми успеси и достигнувања во нивната кариера.
Оваа година за најдобри наставници од страна на училишните одбори се избрани: Ивана Цветановска од ОУ „Љубен Лапе“, Марјанa Настевска од ОУ „Блаже Конески“, Александар Темелковски од ОУ „Александар Македонски“, Соња Фортуманова од ОУ „Браќа Миладиновци“, Виолета Јовановска-Никовска од ОУ „Димитар Македонски“, Љубинка Стојановска од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, Марија Андонова од ОУ „Гоце Делчев“ и Марина Нанева од ОУ „Лазо Ангеловски“.