Скопје
Официјално отворен 7-от Меѓународен женски сатетелит турнир во одбојка 2016
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Европската одбојкарска конфедерација /CEV/, Александар Боричиќ и претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски, цо петокот вечерта официјално го отворија традиционалниот меѓународен турнир во одбојка на песок 2016 CEV Beach volleyball women satellite Skopje.
„Имам чест по седми пат како градоначалник на Град Скопје да се обратам на отворањето на овој исклучително важен и атрактивен настан за Република Македонија, Меѓународниот Сателит турнир во одбојка на плажа во женска конкуренција. Задоволство ми е да кажам дека во соработка со Одбојкарската Федерација на Македонија, Градот Скопје годинава за првпат овозможува во нашиот град да имаме можност да ги видиме мајсториите на најдобрите женски натпреварувачки во одбојка на песок од Европа. Од вчера до недела, домаќини сме на 26 женски двојки од 16 држави: Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Косово, Холандија, Романија, Србија, Турција и Украина, кои ќе се борат за титулата и за наградниот фонд, кој годинава изнесува 8.000 евра“, рече на отворањето на оовј веќе традиционален меѓународниот турнир градоначалникот Трајановски.
Покрај високиот награден фонд, кој годинава е најголем од сите други организатори на еден официјален меѓународен сателит турнир, големиот интерес на најквалитетните одбојкарки и нивните федерации се должи и на извонредно квалитетна организација на турнирите во изминативе години. Добрата организација беше и причината поради која и влеговме во официјалните календари на CEV за организација на квалитетните сателит турнири.
Градоначалникот Трајановски истакна дека минатата година бевме домаќини на машкиот Сателит, годинава на женски, а Градот Скопје се надева дека во иднина ќе ја добиеме и организацијата на Сателит на кој ќе настапат најдобрите и во женска и во машка конкуренција.
„Дозволете ми да подвлечам и дека Градот Скопје, годинава од својот буџет издвои 1.000.000 за организацијата на овој турнир, но и дека нашата поддршка не застанува тука. Оттаму им се заблагодарувам на вработените во сите јавни претпријатија на градот, без чија ангажираност и труд, еден ваков турнир навистина е невозможен. Честитки и за Одбојкарската федерација на Македонија како технички организатор и реализатор на турнирот, со која, како партнер во организацијата ќе стремиме кон уште поголеми успеси во иднина.Ви посакувам спортска среќа, фер-плеј натпревари и добри резултати, но и незаборавен престој, добра дружба и забава во градот на спортот и на солидарноста – Скопје“, додаде Трајановски.
Претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски истакна дека е многу среќен што со организирањето на овој меѓународен женски сателит турнир на кејот на реката Вардар повторно овој простор кој порано бил плажа на граѓаните на Скопје им нуди забава.
Годинава првпат на овој турнир присуствуваше првиот човек на европската одбојка, претседателот на Европската одбојкарска конфедерација (CEV), Александар Боричиќ, кој во име на асоцијацијата изрази задоволство што заедно со Градот Скопје и Одбојкарската федерација на Македонија го организирале овој женски турнир и надеж дека следната година ќе организираат и машки и женски турнир во Скопје.
Турнирот почна на 1-ви септември а ќе заврши на 4-ти септември, в недела, кога ќе се одиграат и полуфиналните и финалните натпревари на веќе познатата локација во градскиот парк покрај кејот на реката Вардар. /крај/мф/нц
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Кисела Вода – единствената македонска општина дел од мрежата на Партнерството за отворена власт
Денес, Партнерството за отворена власт (ПОВ) објави дeка Кисела Вода е една од новите 55 нови општини на својата растечка мрежа од 75 земји, кои ги унапредуваат иницијативите за отворена власт во светот.
Како единствена општина од Македонија, која беше избрана меѓу 138 апликанти, за Кисела Вода ова претставува значаен чекор во поттикнувањето на транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики и одговорноста на локално ниво. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со партнерите во овој процес, директорот на ИРИ, Крис Бренан, и високите претставници од ИРИ, Илина Мангова и Марија Саздевски, со националниот координатор за ПОВ, Гордана Гапиќ-Димитровска од МИОА, како и со претставниците од здружението КРИК, Константин Карадафов и Ангела Здравковска. Од сите нив доби честитки за успехот, кaко и за целата досегашна работа, за ентузијазмот и најавениот акциски план, кој ќе ја унапреди состојбата во општината и пошироко, со оглед на тоа што градоначалникот Ѓорѓиевски е и претседател на ЗЕЛС, а Кисела Вода исто така е дел од Б40-мрежата на градови од Балканот, информираат од Општината.
Градоначалникот го изрази своето задоволство што преку можноста да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ) на граѓаните ќе им се овозможи зголемена транспарентност и со тоа зголемена доверба во институцијата.
„Чест и привилегија е да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ), од оваа значајна мрежа на општини од светот, кои преку својата работа во изминатите 15-ина години дадоа големи резултати во насока на отворање на институциите кон граѓаните. Драго ми е што нашите досегашни заложби и реализирани проекти во изминатите две години, со посебен акцент на зголемената транспарентност и дигитализацијата, беа препознаени помеѓу други 138 апликанти и Општина Кисела Вода денес ги доби овие убави вести. Ова за нас како Општина и за мене како градоначалник претставува уште поголема обврска за да испорачаме уште подобри политики за граѓаните. Стекнатото знаење и помошта од експерти, кои треба произлезат од членството во ПОВ, за Општина Кисела Вода ќе значи постигнување уште подобри резултати во транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на политиките и одговорноста на локално ниво. Со оглед на тоа што сум и претседател на ЗЕЛС, ова ќе овозможи споделување на позитивните искуства со другите 80 општини, со што бенефитот ќе го почувствуваат и другите граѓани од државата. Верувајќи во сопствените потенцијали, сметаме дека со членството во ПОВ ќе можеме да го стимулираме развојот и на други членови на оваа престижна организација и градење капацитети, кои ќе бидат мостови при решавањето на проблеми од сличен карактер.
Дополнително, како дел од мрежата Б40 на градови од Балканот, Општина Кисела Вода ќе може своите стекнати искуства да ги вложи и во насока на унапредување на соработката и зајакнување на демократијата подобрувајќи го дијалогот меѓу локалните заедници“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Партнерството за отворена власт (ПОВ) e доброволна меѓународна иницијатива почната од осум земји во 2011 година. Република Македонија веднаш по почнувањето стана дел од оваа глобална инцијатива во рамките на која владите и граѓанските организации се залагаат за влади, кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Денес, во иницијативата учествуваат 78 земји членки и голем број граѓански организации.
Со приклучувањето кон иницијативата Владата на Република Македонија потпиша декларација, со која се обврза заедно со граѓанските организации и граѓаните да подготвува и спроведува конкретни заложби за промовирање на транспарентноста, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа за поддршка на иновациите и слично. Покрај процесот на ПОВ од извршната власт, во нашата земја се спроведуваат исти процеси и од страна на законодавната („Отворен парламент“), судската власт („Отворено судство“), а сега веќе со членството на Општина Кисела Вода и од локалната власт.
Скопје
Герасимовски: Почнува паметното осветление за центарци
Општина Центар ја започна првата фаза од проектот „Смарт сити“ со инсталација на паметни светилки низ цела територија на општината.
Системот го имплементира А1 Македонија преку целосна реконструкција на постоечкото улично осветлување и паралелна имплементација на светилките и паметните ормари. Станува збор за замена на 3982 улични светилки со нова технологија на ЛЕД светилки за паметно мерење и управување со електричната енергија. Инсталацијата на новите светилки започнува од улицата „Димче Мирчев“ близу министерството за внатрешни работи каде денес присутни беа градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и Стевчо Ристески, директор на бизнис продажба и ИКТ на А1 Македонија, како и раководители на информатички сектор на А1 Македонија, надзорни органи, проектни спонзори и лидери и членови на главни работни групи.
Градоначалникот Герасимовски оттаму порача дека преку реализација на овој проект, општината ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.
„Денеска општина Центар не го најавува туку го започнува поставувањето на новото „смарт“ јавно осветлување за што сум особено горд. Сакам да објаснам зошто е „смарт“ односно паметно јавно осветлување, затоа што станува збор за ЛЕД светилки со технологија за автоматско димирање односно прилагодување на светлината следствено временските услови или зачестениот сообраќај на улицата. Не е потребно време на палење, ладење или зголемување на осветлувањето. Светилките сами се палат и нивното светло се засилува како настапува ноќта. Доколку на улицата нема движење од автомобили или пешаци осветлувањето се намалува но и автоматски се зголемува при забележано движење. Ова значи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните доколку димирањето е во услови на намалена оптичка видливост или вонредно зголемен интензитет на сообраќајот“, рече денеска Герасимовски од Капиштец.
Тој исто така појасни дека новите ЛЕД светилки немаат еколошки штетни материјали, немаат UV зрачење, имаат висок и предвидлив животен век, емитуваат светлина само во видливиот опсег, имаат компактна големина, намалена потрошувачка на електрична енергија, висока светлосна ефикасност, одличен индекс за рендерирање на бои, лесни се за рециклирање, помалку привлекуваат ноќни инсекти и се отпорни на вибрации и удари.
„Инсталацијата на светилките ќе биде извршена во две фази и тоа по урбани заедници. Инсталација на светилките опфаќа демонтажа на старите и монтажа на новите светилки. Предвидени се различни типови на светилки за различни типови на сообраќајници односно дали истите ќе бидат оставени на главни, споредни и резиденцијални улици, пешачки патеки или споредни улици. Покрај замената на старите со новите ЛД светилки ќе бидат поставени и 150 паметни ормари преку кои ќе бидат вклучени група на светилки што ќе се постигне значително подобрување на работењето на уличното осветлување. Во овие улични кабинети ќе има вграден паметен контролер кој ќе биде поврзан со дигитално броило на електрична енергија и ќе може да се вклучи и исклучи мануелно или автоматски со користење на вграден астрономски часовник кој пресметува кога сонцето заоѓа и изгрева“, рече Герасимовски.
Скопје
Дел од општината Чаир денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека денеска без вода ќе бидат улици во општина Чаир.
Поради дефект на затворач на водоводна мрежа со пречник од ф 300 мм, на улицата Џон Кенеди бр. 25, од 09:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Џон Кенеди, 380, 376, Максут Садик, Јоаким Крчоски, Самоилова и Болницата – Гинекологија Мајка Тереза – Чаир.