Скопје
Општина Центар ќе ги реконструира коловозот и тротоарите на улицата Апостол Гусларот
Скопската Општина Центар ќе ја реконструира улицата „Апостол Гусларот“ во Буњаковец, која беше во катастрофално лоша состојба, а граѓаните со години реагираат на ударните дупки и оштетените ивичници.
Улицата беше небезбедна и за граѓаните, но и за учениците, бидејќи тука се наоѓа основното училиште „Ј.Х. Песталоци“. Општинските власти ја започнаа реконструкцијата на коловозот и ивичниците на улицата, во должина од 180 метри, на потег од улицата „Стефан Јакимов Дедов“ до „Никола Тримпаре“.
На најоштетениот дел од улицата целосно ќе се вади подлогата и ќе се става два тона асфалт, а во другиот дел ќе се гребе постојниот и ќе се поставува нов асфалт. На руинираните ивичници ќе се постават нови бехатон плочки, со што ќе се овозможи непречено движење на пешаците, а за лицата со посебни потреби – пристапни рампи.
Ова е втора улица која се реконструира во делот на Буњаковец и е во рамките на проектот „Нова пролет – нова офанзива“. „Златко Шнајдер“ е наредната улица која ќе биде реконструирана во овој дел од Центар./крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.
Скопје
Арсовска избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денес во Совет на Европа на конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво.
Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.
Нејзини надлежности, како што информираат од Град Скопје, меѓу другите, се да го координира и подобри влијанието на работата на конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.
Арсовска ќе го претставува конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со групата држави против корупцијата (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.