Скопје
Општина Центар продолжува со проектот „Цел Центар на точак“
Општина Центар продолжува со реализацијата на проектот „Цел Центар на точак“, а жителите на Центар можат да се пријават и за секој купен велосипед, да добијат субвенција.
Општина Центар за 2016 година издвои 2.800.000 денари и како и минатите две години, ќе субвенционира 30 отсто од вредноста на секој нов купен велосипед, но најмногу до 3.000 денари.„Секој полнолетен жител на општина Центар, кој ќе купи велосипед, треба да достави копија од лична карта со која потврдува дека е жител на општината, фискална сметка со сметко-потврда или фактура за купен велосипед и копија од трансакциска сметка“, рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.Досега, преку истиот проект во 2014 и 2015 година се исплатени субвенции за купени нови 1.867 велосипеди. Дека интересот на граѓаните е голем, покажува и податокот дека денеска, на првиот ден на почеткот на проектот „Цел Центар на точак“ се поднесени 14 барања за субвеции на нов велосипед. Градоначалникот потсети дека важат барањата за велосипеди кои се купени од денешниот ден.Жерновски најави уште еден проект кој се однесува подобрување на подобрување на велосипедската инфраструктура во општината.„Свесни сме дека само финансиска поддршка за нови велосипеди не е доволна и дека инфраструктурата е голем проблем. По сугестии на граѓаните започнавме со реализација на темелна студија за лоцирање на проблемите во рутите и движењето на велосипедистите на територија на општината. Проектот го изработуваме во соработка со професори од Архитектонскиот факултет во кој преку следење на движењата на велосипедистите преку мобилна апликација прецизно ќе се утврдат најзначајните рути и за нив ќе се изработи план за реконструкција на постоечката или поставувања на нова велосипедска инфраструктура. Веќе е спроведено онлајн истражување со 800 корисници на велосипеди кои со нас ги споделија нивните мислења и сугестии како и каде треба да се подобрат условите за движење“, рече Жерновски. Центар, преку научна студија ќе ја дизајнира велосипедската инфраструктура на својата територија. Студијата покажа дека 96,7 отсто од корисниците на велосипеди минуваат низ општина Центар. Затоа Општина Центар ќе работи на создавање нова и подобрување на постојната инфраструктура./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните
Скопје
Советот на Општина Центар даде зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички во салата на ООУ ,,Коле Неделковски’’
На денешната 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле Неделковски” за потребите на младите кошаркари на КК Работнички, без надоместок, додека не биде реновирана салата во Градски парк.
На советниците градоначалникот Герасимовски им појасни дека се работи за исклучителна ситуација која ќе трае само додека не се создадат услови за одржување тренинзи во реновираното здание и дека оваа одлука е наменета само за јуниорскиот тим.
,,Ова не е одлука за првиот тим на Работнички туку за младинскиот клуб на КК Работнички бидејќи во моментот кога ќе почне да се реновира салата, тие ќе немаат простор за тренинзи. Знаеме каква е финасиската ситуација на младинскиот тим. Истиот функционира и од спортскиот ваучер што го доделува Владата, кој за жал доцни. И поради тие причини и поради тоа што самиот тим е сопственост на Општината, ние мораме да се грижиме за клубот и за младинците што таму тренираат и играат. Затоа мислам дека барањето е издржано и очекувам советниците да се согласат” истакна Герасимовски.
Предлог одлуката за користење на спортската сала во ООУ ,,Коле Неделковски” без надоместок од страна на КК Работнички за 2024 година е усвоен со 21 гласа ЗА, ниеден глас против и без воздржани.
Одлуката беше донесена откако КК Работнички-Скопје побара од Општината, како акционер, да добие тренинг термини во основните училишта за својот младински тим, поради реновирање на салата.
,,Како наш единствен акционер, сопственик и воедно сопственик на основните училишта во општината ве замолуваме да ни дозволите нашите младинци да тренираат во една од салите на школите кои се во ваша надлежност, стои во дописот на КК Работнички-Скопје испратен до Општина Центар.