Скопје
Отворен вториот Скопски цветен фестивал
Вториот Скопски цветен фестивал, кој свечено во саботата го прогласи за отворен градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, привлече огромен број граѓани во Градски парк каде што имаа можност да уживаат во цветните аранжмани, да се едуцираат и да се забавуваат на отворено.
„Фестивалот на цвеќето, кој се одржува под покровителство на Град Скопје, а во организација на Јавното претпријатие ‘Паркови и зеленило’, им овозможува на сите посетители да учествуваат во креативни работилници каде што вработени им ги пренесуваат своите искуства за правилно садење и одгледување цвеќиња. Ние постојано садиме и ги одржуваме цвеќињата околу булеварите во градот и имаме тенденција градот Скопје да го направиме Градот на цвеќето. Исто така, сакам да им се заблагодарам на компаниите коишто учествуваат на овој фестивал и придонесуваат тој да биде со побогати содржини и им дава можност на граѓаните да видат како може да ги уредат хортикултурно и пејзажно своите мини градини. Ги повикувам граѓаните да го посетат овој прекрасен фестивал, кој планираме да стане традиционален, и да уживаат во неговата убавина“, реча градоначалникот Трајановски.
Просторот на кој ќе се одржува фестивалот е поделен на три зони. Во првата зона е намената за креативни работилници, анимации, креации, иновации и идеи. Вработени во ЈП „Паркови и зеленило“ учествуваат на креативните работилници и на сите заинтересирани учесници им пренесуваат искуства за правилно садење и одгледување цвеќиња. Учесниците во работилниците имаат можност да научат и како да изработат цветно оригами, венчиња за девојчиња, како да направат цветен аранжман…
Во втората зона – зона за промоција, познати цвеќари и фирми за хортикултурно и пејзажно уредување имаат изработено мини градини. Во оваа зона своите вештини ќе ги покажуваат стручни лица од ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС „Георги Димитров“, Грин планет, Хортиексперт, Хорти дизајн, Маган мак, Евгени, Китка планет фарм,Гарден центар Рушити од Тетово, Биро проект, Гео Инг, Флораком, Сардонекс, Дамбо цвеќе и подароци, купи момент, Градина цвет од Струмица и СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица.
Во овој дел граѓаните можат и да купат цвеќе по намалени цени и тоа: цветен расад за сезонски цвеќе ( бегонија, петунија, импатија …) од 25 до 150 денари; саксиски култури од 90 денари; саксиско цвеќе од 150 денари; зачински билки од 25 денари; украсни треви од 50 до 60 денари; висечки саксии од 150 до 300 денари; како и промотивни цени на орхидеи од 550 денари.
Во третата зона – зона за забава и еко-пикник, граѓаните имаат можност да погледнат цветни перформанси, да вежбаат аеробик, зумба со своите деца и да слушаат музика во прекрасниот цветен амбиент.
На Цветниот фестивал се промовира одгледувањето цвеќе во затворен и на отворен простор, а граѓаните, особено најмладите, ќе имаат можност да се вклучат во креативните работилници, да ја покажат својата креативност и да научат корисни совети како да одгледуваат цвеќиња.
Градот Скопје уште еднаш ги поканува сите заинтересирани граѓани да го посетат вториот Скопски цветен фестивал и да уживаат во шаренилото. Фестивалот завршува во недела (17-ти мај), во 19 часот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.
Скопје
Скопје викендов со изменет режим на сообраќај поради одржување на предизборни митинзи
Поради одржување митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година на 21 април (недела) во 13.00 часот пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на оваа улица почнувајќи од 19:00 часот на 20 април (сабота) до 21.00 часот на 21 април (недела), соопштуваат од МВР.
Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со булевар „Кочо Рацин“ до крстосница со булевар „Св. Климент Охридски“.
Исто така, на 21 април во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните
Скопје
Советот на Општина Центар даде зелено светло за бесплатни тренинзи на јуниорите на КК Работнички во салата на ООУ ,,Коле Неделковски’’
На денешната 35. Седница на Советот на Општина Центар е усвоен предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за користење на училишната спортска сала во ООУ ,,Коле Неделковски” за потребите на младите кошаркари на КК Работнички, без надоместок, додека не биде реновирана салата во Градски парк.
На советниците градоначалникот Герасимовски им појасни дека се работи за исклучителна ситуација која ќе трае само додека не се создадат услови за одржување тренинзи во реновираното здание и дека оваа одлука е наменета само за јуниорскиот тим.
,,Ова не е одлука за првиот тим на Работнички туку за младинскиот клуб на КК Работнички бидејќи во моментот кога ќе почне да се реновира салата, тие ќе немаат простор за тренинзи. Знаеме каква е финасиската ситуација на младинскиот тим. Истиот функционира и од спортскиот ваучер што го доделува Владата, кој за жал доцни. И поради тие причини и поради тоа што самиот тим е сопственост на Општината, ние мораме да се грижиме за клубот и за младинците што таму тренираат и играат. Затоа мислам дека барањето е издржано и очекувам советниците да се согласат” истакна Герасимовски.
Предлог одлуката за користење на спортската сала во ООУ ,,Коле Неделковски” без надоместок од страна на КК Работнички за 2024 година е усвоен со 21 гласа ЗА, ниеден глас против и без воздржани.
Одлуката беше донесена откако КК Работнички-Скопје побара од Општината, како акционер, да добие тренинг термини во основните училишта за својот младински тим, поради реновирање на салата.
,,Како наш единствен акционер, сопственик и воедно сопственик на основните училишта во општината ве замолуваме да ни дозволите нашите младинци да тренираат во една од салите на школите кои се во ваша надлежност, стои во дописот на КК Работнички-Скопје испратен до Општина Центар.