Скопје
Отворени вратите на новото училиште „Рајко Жинзифов“ во Драчево
Новоизграденото училиште во населбата Драчево, ООУ „Рајко Жинзифов“, во понеделник свечено беше отворено.
Градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ истакна дека отворањето на овој објект претставува исполнување на едно големо ветување дадено пред жителите на општината.
„Свесни дека одвивањето на наставата во современи и модерни услови, денес веќе е неопходност, општина Кисела Вода, предводена од мојот претходник, тогашниот градоначалник на општина Кисела Вода, г-нот Марјан Ѓорчев, се зафати со овој крупен проект кој се финализира денеска. Објектот кој постоеше на ова место замина во историјата, денес отвораме врати на нашата визија, конкретизирана во новиот лик на општинското основно училиште „Рајко Жинзифов, симбол на кинеско-македонско пријателство”, истакна Беличанец Алексиќ.
Новото училиште „Рајко Жинзифов, симбол на кинеско-македонското пријателство” во населбата Драчево се протега на 4.500 квадратни метри во кои се сместени 35 училници, пет модерно опремени кабинети и библиотека. Во дворот кој се протега на 16.000 квадрати ќе има фудбалско и кошаркарско игралиште, атлетска патека, простор за слободни активности на отворено.
Училиштево годинава ќе прими вкупно 704 ученици. Од нив, 82 се првачиња.
Додека траеше изградбата на новиот објект учениците посетуваа настава во ОУ „Кузман Шапкарев” и Државното училиште за средно образование „Браќа Миладиновци”.
Проектот чинеше околу четири милиони евра и е комплетна донација од НР Кина.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
(Видео) „Прифатена Иницијативата за конфискација на дивоградби, ова е голема победа на општината“, вели Герасимовски
Општина Центар извојува победа. Една година по поднесувањето на Иницијативата за регулирање, конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти од градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски до ЗЕЛС, Собранието го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Станува збор за Иницијатива со која на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на нивна територија и нивна пренамена во функција на општината.
„Општина Центар е лидер во промени, лидер во храбри и позитивни одлуки и решенија во полза на граѓаните. Прифаќањето на Иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во Законско решение е победа на Општина Центар но и сите други општини во државата. Собранието на 19 овој месец, го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имот на корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, каде во Членот 66 е преточена Иницијативата која ја поднесов до ЗЕЛС со која се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата дивоградбата да ја предаде на општината. Ова значи дека ние општините имаме две можности или да го легализираме објектот или доколку има услови истиот да го урнеме во рок од 6 месеци од прием. Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови“, посочи Герасимовски денеска пред медиумите.
Герасимовски појаснува дека новото Законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го ОТУЃАТ објектот на градежни фирми или други субјекти кои се работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема било каква можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти. Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка не се однесува за дивоградбите кои се на приватно земјиште, за кои веќе се води инспекциска постапка за рушење или се води постапка за легализација.
На прес-конференцијата Герасимовски потсети дека иако поднесувањето на Иницијативата беше широко прифатена од градоначалниците сепак мораше да ги помине институционалните процедури во Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда и Собранието како законодавен дом.
„Во државата има близу 100 илјади дивоградби, еве во Општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона. За онеспособување на два такви поголеми објекти сумите се енормно високи, околу 5,5 милиони денари за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Но сега со новото законско решение наместо дувло на бездомници како што најчеста е реалноста дивоградбите ќе можат да се пренаменат и за други потреби односно да бидат или пензионерски домови, креативни работилници или клубови за млади или пак предадени за социјално загрозени семејства“, потенцира Герасимовски.
Герасимовски напоменува дека со донесувањето на ова законско решение ќе се превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба. Воедно потсетува градоначалникот дека средствата планирани за уривање на нелегални објекти општините ќе може да ги пренаменат во други потреби за граѓаните.
Скопје
„Маски, смеа, рингишпил- дојди во Шеговил!“ – голема забава под маски во Кисела Вода
Под слоганот „Маски, смеа, рингишпил- дојди во Шеговил!“ општина Кисела Вода, в понеделник, на први април, организира голема забава под маски за најмладите.
Пред салата Расадник ќе биде поставен забавен парк со најразлични реквизити, ќе има кловнови и аниматори, а за музичкиот дел се задолжени „Поточиња”.
Настанот започнува во 11 часот, а за изборот на најдобра маска ќе одлучи жири комисија од општината. Најдобрите маски ќе добијат награди, велат од општината и ги покануваат сите дечиња да дојдат во Шеговил и со своите насмевки, шеги и маски да поминат еден прекрасен ден.
Скопје
Дел од општина Центар денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека, денеска без вода ќе биде дел од општина Центар.
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа на улицата 50-та Дивизија бр. 35, од 10:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и улицата Димче Мирчев во општина Центар.