Скопје
Почна изградбата на третата фаза од булеварот кон Драчево
Почна изградбата на третата фаза од проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски – трета фаза, од фабриката Стаклара до влезот во населбата Пинтија, со вкупна должина од 2.200 метри.
Со проширувањето оваа сообраќајница ќе стане модерен булевар со четири сообраќајни ленти, со вкупна ширина од 13,75 метри, пешачки патеки од двете страни со вкупна ширина од 3,5 метри, како и велосипедска патека од левата страна со вкупна ширина од 2,75 метри. Вкупната ширина на новиот булевар ќе изнесува 20 метри.
„Градежните работи на улицата Борис Трајковски ќе се искористат за да се изгради нова атмосферска канализација по должината на коловозот, со три краци, вкупна должина од 2.284 метри и променлив профил од Ф 300 до Ф 1.000 милиметри. На новопроширената делница ќе се постави ново улично осветлување со 121 столб за улично осветлување, високи по осум метри. Со реализацијата на третата фаза од овој проект, граѓаните ќе добијат нова модерна сообраќајна врска со вкупна должина од 6 километри на потегот од Кисела Вода до Пинтија и околните населени мести“, изјави скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Премиерот Никола Груевски го поздрави почетокот на градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски – 3 фаза.
„Денеска го продолжуваме големиот проект за проширување на некогашната улица „Првомајска“ и изградбата на големиот булевар „Борис Трајковски“ кој е од големо значење за жителите на Кисела Вода. Овој проект почна во 2011 година и во неколку етапи тесната улица која порано беше синоним за гужви и нервоза се претвори во широк булевар со четири коловозни ленти и со останати пропратни содржини. Вкупната инвестиција е 3,7 милини евра, а реализацијата на проектот е од особено значење за жителите од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и сите околни населени места кои гравитираат во овој регион“ – изјави Груевски.
Средствата за реализација на овој капитален проект се обезбедени преку долгорочно домашно задолжување на Град Скопје, кој потпиша Договор за под-заем со Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени со Проектот за подобрување на општинските услуги финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка.
Вкупната сума за реализацијата на овој проект изнесува 228.164.592 денари со вклучен ДДВ, или околу 3,7 милиони евра.
Изведувач на градежните работи е конзорциумот составен од компаниите „ДГ Бетон АД”, „Бауер БГ” и „Понстрој инженеринг ЕАД”, а рокот на изведба е 18 месеци.
Со реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, што значително ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници со сообраќајот, ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми проточноста на сообраќајот во овој дел од градот. Овој капитален проект особено ќе биде значаен за околу 70.000 граѓани од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и околните населени места кои ќе можат побезбедно и полесно да патуваат, а бенефит ќе има и индустриската зона лоцирана во овој дел од градот. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.
Скопје
Арсовска избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, денес во Совет на Европа на конгресот на локални власти едногласно е избрана за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво.
Арсовска минатата година беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, а годинава со нов мандат за портпарол и координатор за следење и спречување корупција на локално и регионално ниво ќе ги води и следи процесите на почитување на европскиот кодекс на однесување за сите лица вклучени во локалното и регионалното управување.
Нејзини надлежности, како што информираат од Град Скопје, меѓу другите, се да го координира и подобри влијанието на работата на конгресот за спречување на корупцијата во локалните власти, да известува за утврдени случаи на корупција на локални и регионални власти и да ја промовира стратегијата на конгресот за спречување на корупцијата и унапредување на јавната етика на локално и регионално ниво.
Арсовска ќе го претставува конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и справување со корупцијата, организира и координира активности со групата држави против корупцијата (ГРЕКО), со цел идентификување и размена на добри практики, решенија за предизвиците и начини за промовирање на јавната етика и спречување на корупцијата.
Скопје
(Видео) „Прифатена иницијативата за конфискација на дивоградби, ова е голема победа на Општината“, вели Герасимовски
Општина Центар извојува победа. Една година по поднесувањето на иницијативата за регулирање, конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти од градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, до ЗЕЛС, Собранието го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Станува збор за иницијатива со која на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на своја територија и нивна пренамена во функција на општината.
„Општина Центар е лидер во промени, лидер во храбри и позитивни одлуки и решенија во полза на граѓаните. Прифаќањето на иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во законско решение е победа на Општина Центар но и сите други општини во државата. Собранието на 19 овој месец, го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имот на корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, каде во членот 66 е преточена иницијативата која ја поднесов до ЗЕЛС со која се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата дивоградбата да ја предаде на Општината. Ова значи дека ние општините имаме две можности или да го легализираме објектот или доколку има услови истиот да го урнеме во рок од 6 месеци од прием. Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови“, посочи Герасимовски денеска пред медиумите.
Герасимовски појаснува дека новото законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го ОТУЃАТ објектот на градежни фирми или други субјекти кои се работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема било каква можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти. Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка не се однесува за дивоградбите што се на приватно земјиште за кои веќе се води инспекциска постапка за рушење или се води постапка за легализација.
На прес-конференцијата Герасимовски потсети дека иако поднесувањето на иницијативата беше широко прифатена од градоначалниците, сепак мораше да ги помине институционалните процедури во Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда и Собранието како законодавен дом.
„Во државата има речиси 100 илјади дивоградби, еве во општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона. За онеспособување два такви поголеми објекта сумите се енормно високи, околу 5,5 милиони денари за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Но, сега со новото законско решение, наместо дувло на бездомници, како што најчеста е реалноста, дивоградбите ќе може да се пренаменат и за други потреби, односно да бидат или пензионерски домови, креативни работилници или клубови за млади или, пак, предадени за социјално загрозени семејства“, потенцира Герасимовски.
Герасимовски напоменува дека со донесувањето на ова законско решение ќе се превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба. Воедно, градоначалникот потсетува дека средствата планирани за уривање нелегални објекти општините ќе може да ги пренаменат во други потреби за граѓаните.