Скопје
Почна поставувањето на подземни контејнери во Општина Кисела Вода
Поставувањето на подземни контејнери во Општина Кисела Вода почна во вторник на ул. „Христо Татарчев“.
На три локации во Општината ќе бидат поставени девет контејнери, од фирмата „Атрикот“ од Словенија. На секоја локација ќе се постават по два контејнера за мешан отпад и еден за ПЕТ амбалажа.
Системот кој ќе се користи за вадење и спуштање на контејнерите, oдносно за нивно празнење, е на хидрауличен погон и е еден од најсовремените во регионот, истакна градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајаноски.
За реализација на овој проект се издвоени вкупно 6,6 милиони денари, од кои секоја од трите вклучени страни издвојува по 2,2 милиони денари, односно подеднакво инвестираат Градот Скопје, општината Кисела Вода и ЈП„Комунална хигиена“.
Вакви контејнери веќе се поставени во Општините Центар и Чаир, со втората фаза освен Кисела Вода ќе бидат опфатени и Аеродром и Гази Баба, а Трајановски најави дека поставувањето ќе продолжи и во другите општини.
Подземните контејнери имаат зафатнина од три кубни метри, во нив отпадот се складира на пониска температура, притоа не зафаќајќи слободна површина над земјата.
Празнењето на подземните контејнери е на хидрауличен погон, за што ќе се употребуваат три од постојните возила на ЈП „Комунална хигиена“, коишто се специјално надградени за оваа намена. Системот за собирање на комуналниот отпад во подземни контејнери е исклучително софистициран и успешен и веќе подолг период се применува во светски рамки, со одлични ефекти во заштитата и зачувувањето на здравјето на граѓаните и природната околина.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Кисела Вода – единствената македонска општина дел од мрежата на Партнерството за отворена власт
Денес, Партнерството за отворена власт (ПОВ) објави дeка Кисела Вода е една од новите 55 нови општини на својата растечка мрежа од 75 земји, кои ги унапредуваат иницијативите за отворена власт во светот.
Како единствена општина од Македонија, која беше избрана меѓу 138 апликанти, за Кисела Вода ова претставува значаен чекор во поттикнувањето на транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики и одговорноста на локално ниво. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со партнерите во овој процес, директорот на ИРИ, Крис Бренан, и високите претставници од ИРИ, Илина Мангова и Марија Саздевски, со националниот координатор за ПОВ, Гордана Гапиќ-Димитровска од МИОА, како и со претставниците од здружението КРИК, Константин Карадафов и Ангела Здравковска. Од сите нив доби честитки за успехот, кaко и за целата досегашна работа, за ентузијазмот и најавениот акциски план, кој ќе ја унапреди состојбата во општината и пошироко, со оглед на тоа што градоначалникот Ѓорѓиевски е и претседател на ЗЕЛС, а Кисела Вода исто така е дел од Б40-мрежата на градови од Балканот, информираат од Општината.
Градоначалникот го изрази своето задоволство што преку можноста да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ) на граѓаните ќе им се овозможи зголемена транспарентност и со тоа зголемена доверба во институцијата.
„Чест и привилегија е да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ), од оваа значајна мрежа на општини од светот, кои преку својата работа во изминатите 15-ина години дадоа големи резултати во насока на отворање на институциите кон граѓаните. Драго ми е што нашите досегашни заложби и реализирани проекти во изминатите две години, со посебен акцент на зголемената транспарентност и дигитализацијата, беа препознаени помеѓу други 138 апликанти и Општина Кисела Вода денес ги доби овие убави вести. Ова за нас како Општина и за мене како градоначалник претставува уште поголема обврска за да испорачаме уште подобри политики за граѓаните. Стекнатото знаење и помошта од експерти, кои треба произлезат од членството во ПОВ, за Општина Кисела Вода ќе значи постигнување уште подобри резултати во транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на политиките и одговорноста на локално ниво. Со оглед на тоа што сум и претседател на ЗЕЛС, ова ќе овозможи споделување на позитивните искуства со другите 80 општини, со што бенефитот ќе го почувствуваат и другите граѓани од државата. Верувајќи во сопствените потенцијали, сметаме дека со членството во ПОВ ќе можеме да го стимулираме развојот и на други членови на оваа престижна организација и градење капацитети, кои ќе бидат мостови при решавањето на проблеми од сличен карактер.
Дополнително, како дел од мрежата Б40 на градови од Балканот, Општина Кисела Вода ќе може своите стекнати искуства да ги вложи и во насока на унапредување на соработката и зајакнување на демократијата подобрувајќи го дијалогот меѓу локалните заедници“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Партнерството за отворена власт (ПОВ) e доброволна меѓународна иницијатива почната од осум земји во 2011 година. Република Македонија веднаш по почнувањето стана дел од оваа глобална инцијатива во рамките на која владите и граѓанските организации се залагаат за влади, кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Денес, во иницијативата учествуваат 78 земји членки и голем број граѓански организации.
Со приклучувањето кон иницијативата Владата на Република Македонија потпиша декларација, со која се обврза заедно со граѓанските организации и граѓаните да подготвува и спроведува конкретни заложби за промовирање на транспарентноста, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа за поддршка на иновациите и слично. Покрај процесот на ПОВ од извршната власт, во нашата земја се спроведуваат исти процеси и од страна на законодавната („Отворен парламент“), судската власт („Отворено судство“), а сега веќе со членството на Општина Кисела Вода и од локалната власт.
Скопје
Герасимовски: Почнува паметното осветление за центарци
Општина Центар ја започна првата фаза од проектот „Смарт сити“ со инсталација на паметни светилки низ цела територија на општината.
Системот го имплементира А1 Македонија преку целосна реконструкција на постоечкото улично осветлување и паралелна имплементација на светилките и паметните ормари. Станува збор за замена на 3982 улични светилки со нова технологија на ЛЕД светилки за паметно мерење и управување со електричната енергија. Инсталацијата на новите светилки започнува од улицата „Димче Мирчев“ близу министерството за внатрешни работи каде денес присутни беа градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и Стевчо Ристески, директор на бизнис продажба и ИКТ на А1 Македонија, како и раководители на информатички сектор на А1 Македонија, надзорни органи, проектни спонзори и лидери и членови на главни работни групи.
Градоначалникот Герасимовски оттаму порача дека преку реализација на овој проект, општината ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.
„Денеска општина Центар не го најавува туку го започнува поставувањето на новото „смарт“ јавно осветлување за што сум особено горд. Сакам да објаснам зошто е „смарт“ односно паметно јавно осветлување, затоа што станува збор за ЛЕД светилки со технологија за автоматско димирање односно прилагодување на светлината следствено временските услови или зачестениот сообраќај на улицата. Не е потребно време на палење, ладење или зголемување на осветлувањето. Светилките сами се палат и нивното светло се засилува како настапува ноќта. Доколку на улицата нема движење од автомобили или пешаци осветлувањето се намалува но и автоматски се зголемува при забележано движење. Ова значи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните доколку димирањето е во услови на намалена оптичка видливост или вонредно зголемен интензитет на сообраќајот“, рече денеска Герасимовски од Капиштец.
Тој исто така појасни дека новите ЛЕД светилки немаат еколошки штетни материјали, немаат UV зрачење, имаат висок и предвидлив животен век, емитуваат светлина само во видливиот опсег, имаат компактна големина, намалена потрошувачка на електрична енергија, висока светлосна ефикасност, одличен индекс за рендерирање на бои, лесни се за рециклирање, помалку привлекуваат ноќни инсекти и се отпорни на вибрации и удари.
„Инсталацијата на светилките ќе биде извршена во две фази и тоа по урбани заедници. Инсталација на светилките опфаќа демонтажа на старите и монтажа на новите светилки. Предвидени се различни типови на светилки за различни типови на сообраќајници односно дали истите ќе бидат оставени на главни, споредни и резиденцијални улици, пешачки патеки или споредни улици. Покрај замената на старите со новите ЛД светилки ќе бидат поставени и 150 паметни ормари преку кои ќе бидат вклучени група на светилки што ќе се постигне значително подобрување на работењето на уличното осветлување. Во овие улични кабинети ќе има вграден паметен контролер кој ќе биде поврзан со дигитално броило на електрична енергија и ќе може да се вклучи и исклучи мануелно или автоматски со користење на вграден астрономски часовник кој пресметува кога сонцето заоѓа и изгрева“, рече Герасимовски.
Скопје
Дел од општината Чаир денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека денеска без вода ќе бидат улици во општина Чаир.
Поради дефект на затворач на водоводна мрежа со пречник од ф 300 мм, на улицата Џон Кенеди бр. 25, од 09:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Џон Кенеди, 380, 376, Максут Садик, Јоаким Крчоски, Самоилова и Болницата – Гинекологија Мајка Тереза – Чаир.