Скопје
Референдум за задржување на изгледот на фасадата на ГТЦ
На референдусмкото прашање „Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар?“, ќе треба да одговорат граѓаните на Општина Центар на 26 април.
На референдусмкото прашање „Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар?“, ќе треба да одговорат граѓаните на Општина Центар на 26 април.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, објави дека денеска до Советот на општина Центар поднел предлог-одлука за распишување на референдум на локално ниво.
Жерновски е длабоко убеден дека референдумот ќе биде успешен бидејќи, како што вели, тоа е најчист, најавтентичен и најдиректен начин на граѓанско одлучување, најефикасна форма на директна демократија и коректив на одлуките на властите и на локално и на централно ниво.
„Референдумите се одлична можност за обединување на граѓаните, без разлика на партиската, верската или етничката припадност. Референдумот е она што е потребно во моментов на Р. Македонија бидејќи тоа ќе ја врати довербата во системот и неговите институции“, рече Жерновски, посочувајќи дека ова ќе биде прв на локално ниво, во градот Скопје и во општина Центар.
Даница Павловска од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“, која заедно со Општина Центар го покренува прашањето за одржување референдум за ГТЦ, посочи дека овој процес и оваа идеја трае две години, а граѓаните со цело срце, емоции, урбана култура и граѓанска одговорност, сакаат Градскиот трговски центар да го задржи автентичниот изглед.
Иницијативата досега има поддршка од 4.960 граѓани, а 5.000 го поддржаа протестот пред ГТЦ, а зад иницијативата стои и Асоцијацијата на архитекти.
„Граѓаните кои се заљубеници во ваквиот ГТЦ сакаат обнова и реконструкција на ГТЦ, со нови решенија со енергетска заштита, но со задржување на сегашниот концепт. Граѓанскиот глас во одбрана на она што им припаѓа ним е најдемократски израз на непосредно одлучување. Ние покренавме иницијатива за прогласување на ГТЦ за културно наследство“, рече Даница Павловска.
Одржувањето на референдум во општина Центар ќе чини помеѓу две и три милиони денари и тоа е многу помалку од средствата што би дале за барокна фасада на ГТЦ, но сепак, посочува Жерновски, нема цена за да почнат граѓанските иницијативи и политичката партиципација на граѓаните и процесот на носење одлуки.
„Знаеме колку се скапи барокните фасади и одржувањето на референдум на кој граѓаните ќе кажат каков ГТЦ сакаат, не може финансиски да се споредува“, рече Павловска.
Жерновски очекува градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, да го поддржи одржувањето на референдум за да се слушне и спроведе вољата на граѓаните.
За предлог одлуката треба да се изјаснат советниците на општина Центар и одлуката на референдумот ќе се смета за донесена ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број граѓани, но на гласање треба да излезат половина од вкупниот број граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список на општина Центар.
Одлуката на референдумот е задолжителна, доколку на референдумот се донесе одлука да се задржи сегашниот изглед на фасадата на ГТЦ.
Советот на општина Центар е должен, во рок од 60 дена од објавување на резултатите од референдумот, да донесе одлука за утврдување на изгледот на фасадата на ГТЦ, во согласност со одлуката на референдумот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
(Видео) „Прифатена иницијативата за конфискација на дивоградби, ова е голема победа на Општината“, вели Герасимовски
Општина Центар извојува победа. Една година по поднесувањето на иницијативата за регулирање, конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти од градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, до ЗЕЛС, Собранието го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Станува збор за иницијатива со која на сите локални самоуправи во државата им се дава можност за конфискација на бесправно изградените објекти на своја територија и нивна пренамена во функција на општината.
„Општина Центар е лидер во промени, лидер во храбри и позитивни одлуки и решенија во полза на граѓаните. Прифаќањето на иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти и нејзино преточување во законско решение е победа на Општина Центар но и сите други општини во државата. Собранието на 19 овој месец, го донесе Законот за управување со конфискуван имот, имот на корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, каде во членот 66 е преточена иницијативата која ја поднесов до ЗЕЛС со која се дава можност Агенцијата за конфискуван имот врз основа на одлука на Владата дивоградбата да ја предаде на Општината. Ова значи дека ние општините имаме две можности или да го легализираме објектот или доколку има услови истиот да го урнеме во рок од 6 месеци од прием. Доколку одлучиме да го легализираме, ќе можеме да го дадеме на социјално ранливи категории на граѓаните или на користење за разни културни, пензионерски, младински домови“, посочи Герасимовски денеска пред медиумите.
Герасимовски појаснува дека новото законско решение налага локалните самоуправи да не можат да го ОТУЃАТ објектот на градежни фирми или други субјекти кои се работат со недвижности, што всушност значи дека се иззема било каква можност за профит на сметка на нелегално изградените објекти. Новиот Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист, одземени предмети во кривична и прекршочна постапка не се однесува за дивоградбите што се на приватно земјиште за кои веќе се води инспекциска постапка за рушење или се води постапка за легализација.
На прес-конференцијата Герасимовски потсети дека иако поднесувањето на иницијативата беше широко прифатена од градоначалниците, сепак мораше да ги помине институционалните процедури во Министерството за транспорт и врски, Министерството за правда и Собранието како законодавен дом.
„Во државата има речиси 100 илјади дивоградби, еве во општина Центар има дивоизградени објекти и на државно земјиште и во зелена зона. За онеспособување два такви поголеми објекта сумите се енормно високи, околу 5,5 милиони денари за две згради да ги оневозможиме да бидат функционални. Но, сега со новото законско решение, наместо дувло на бездомници, како што најчеста е реалноста, дивоградбите ќе може да се пренаменат и за други потреби, односно да бидат или пензионерски домови, креативни работилници или клубови за млади или, пак, предадени за социјално загрозени семејства“, потенцира Герасимовски.
Герасимовски напоменува дека со донесувањето на ова законско решение ќе се превенира урбанистичкиот хаос, а градежниците ќе треба да се запрашаат дали ќе градат без одобрение за градба. Воедно, градоначалникот потсетува дека средствата планирани за уривање нелегални објекти општините ќе може да ги пренаменат во други потреби за граѓаните.
Скопје
„Маски, смеа, рингишпил – дојди во Шеговил!“ – голема забава под маски во Кисела Вода
Со слоганот „Маски, смеа, рингишпил – дојди во Шеговил!“ општина Кисела Вода, в понеделник, на 1 април, организира голема забава под маски за најмладите.
Пред салата „Расадник“ ќе биде поставен забавен парк со разни реквизити, ќе има кловнови и аниматори, а за музичкиот дел се задолжени „Поточиња“.
Настанот почнува во 11 часот, а за изборот на најдобра маска ќе одлучи жири-комисија од Општината. Најдобрите маски ќе добијат награди, велат од Општината, и ги покануваат сите дечиња да дојдат во Шеговил и со своите насмевки, шеги и маски да поминат прекрасен ден.
Скопје
Дел од општина Центар денеска без вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека, денеска без вода ќе биде дел од општина Центар.
Поради отстранување дефект на водоводна мрежа на улицата 50-та Дивизија бр. 35, од 10:00 часот до завршување со интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и улицата Димче Мирчев во општина Центар.