Скопје
Скопје се претстави на „Отворени денови – европска недела на региони и градови”
Градот Скопје, во вторникот се претстави на 13-то издание на „Отворени денови – Европската недела на региони и градови” што од 12 до 15 октомври се одржува во Брисел.
Во рамките на овој традиционален настан, Градот Скопје за првпат организира отворен ден кој се одржа во Мисијата на Република Македонија во Брисел, а присутните гости и учесници во Отворените денови имаа можност да се запознаат со Скопје, неговите можности, македонската традиционална кујна, вино и музика. На отворениот ден на Скопје во Брисел присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, амбасадорот на Република Македонија во Мисијата на РМ во Европската унија, Андреј Лепавцов, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, советници во Советот на Град Скопје и претставници на градската администрација. „Градот Скопје овие неколку дена се претставува во Брисел, во рамките на „Отворени денови – Европската недела на региони и градови”. Организиравме и Ден на Градот Скопје во Брисел, на кој голем број посетители имаа можност да се запознаат со Скопје и со неговите убавини и можности. Ова е одлична можност да стекнеме големи пријатели и искуства од градовите и регионите на Европа што ќе ни помогне за поголема вклученост на Градот Скопје во Европските институции“, изјави градоначалникот Коце Трајановски.„Отворени денови – Европската недела на региони и градови” е традиционален четиридневен настан, кој за првпат е организиран во 2003 година од Комитетот на регионите при Европската унија. На овој настан, градовите и регионите од Европа имаат можност да се претстават пред јавноста и да ја подобрат соработката на локално и на регионално ниво. Отворените денови се одлична платформа за вмрежување на градовите и регионите и за размена на искуства и добри практики во повеќе области, како што се економскиот развој и социјалната инклузија, јавното-приватно партнерство, прекуграничната соработка, регионалните иновации и локалниот економски развој. За таа цел, во рамките на отворените денови во Брисел беа организирани голем број предавања, дебати и работилници во кои учествуваа советниците во Советот на Градот Скопје.Во рамките на „Отворени денови – Европската недела на региони и градови”, градоначалникот Коце Трајановски ја потпиша „Зелената дигитална повелба” (Green digital charter). „Градот Скопје стана 48-от град во Европа што ја потпишал оваа повелба и првиот град што ја потпишал оваа повелба од земјите на Западен Балкан. Со потпишувањето на оваа повелба, градовите се обврзуваат, преку соработка со другите градови-потписници и со поголема примена на информациските и комуникациските технологии, да преземаат активности за заштита на животната средина и за зголемување на енергетската ефикасност“, рече Трајановски.На годинешново издание на „Отворени денови – Европската недела на региони и градови” учествуваат околу 6. 000 претставници од над 200 региони и градови од Европа, а во работниот дел ќе се одржат околу 140 дебати и работилници./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Едукативен мото-настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото-настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори ќе им бидат презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Преку дружење со претставници и членови од мото-клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење електрични превозни средства“, велат од Општина Кисела Вода.
Скопје
Герасимовски: Конечно, Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.