Скопје
Уреден вториот дел на паркот „Македонија“
Во вторникот официјално беше пуштен во употреба уредениот парк „Македонија“ во Скопје.
„Екипи на Град Скопје го уредија и вториот дел на Паркот Македонија, покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Станува збор за парк со зелена површина од околу 32 000 квадратни метри, којашто претходно беше запуштена и на која имаше тополи коишто беа стари и претставуваa опасност за минувачите и за рекреативците“, рече градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
Во рамките на паркот е оформена и една трим патека со бела ризла и една асфалтирана патека со 48 клупи за седење, корпи за отпадоци и друга урбана опрема. По должината на паркот се поставени и три летниковци, а во еден од нив се поставени и четири мермерни шаховски табли, коишто на граѓаните им овозможат да уживаат во него без разлика на временските услови и годишните времиња.
Во паркот има и содржини намените за децата, со детски реквизити направени од дрво, еко-реквизити во форма на замок, а на дел од трим патеката има и фитнес справи за вежбање.
Во вториот дел на паркот „Македонија“ е поставена и нова хидрантска мрежа со 192 прскалки со кои ќе се полева зеленилото во паркот, а наесен и напролет планирано е засадување на околу 800 садници, од кои околу 300 дрвја ќе бидат листопадни, а околу 500 зимзелени.
„За реализација на овој проект од буџетот на градот се издвоени околу 15 милиони денари“, истакна градоначалникот Трајановски.
На уредувањето на новата зелена површина работеа екипите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Скопје
Петровец, Сарај, Карпош, Кисела Вода и Центар денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат делови од општините Петровец, Сарај, Карпош, Кисела Вода и Центар.
· од 8.30 до 14.30 часот корисниците од селата Кожле и Бадар, како и тунелот кај Катланово на автопатот Велес – Скопје (општина Петровец);
· од 9 до 11 часот корисниците од село Кондово (општина Сарај);
· од 9 до 11 часот корисниците од делови од улиците Вич и Разловечко востание (општина Карпош);
· од 9 до 12 часот корисниците од делови од улиците Иван Козаров и Тоне Томшиќ. (општина Кисела Вода);
· од 9 до 15 часот корисниците од дел од улицата Максим Горки, односно објектите во околината на Домот на градежниците (општина Центар);
· од 11 до 13 часот корисниците од дел од улицата Орце Николов, поточно објектите во околината на куќните броеви 155 и 156 (општина Карпош)
Скопје
Санкционирани 229 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на општина Центар и општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во текот на една недела санкционираа 229 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 15.04. до 21.04.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 123 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 106 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани“, велат од ПОЦ.
ЈП ПОЦ и општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар. Потсетуваме на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците, се додава во соопштението на ПОЦ.