Скопје
Започнува Фестивалот за креативни индустрии – Скопје Креатива 2015
Четвртиот Фестивал за креативни индустрии – Скопје Креатива 2015 ќе се одржи од 16 до 20 септември на Спортско рекреативниот центар „Плаја Виста“ .
„Скопје Креатива полека гради позиција на проект кој е од особено значаење за младите македонски креативци, преку кој им се нуди одлична можност за промоција, што е едно од главните приоритети за организаторите. Проширувањето на програмата со учесници и проекти од странство на фестивалот му дава меѓународен карактер, што е исто така цел на која и посветуваме големо внимание“, изјави Тања Балаќ, раководител на Секторот за jавни дејности на Град Скопје, на прес конференција во вторник.
Лазе Трипков, програмскиот директор на Скопје Креатива 2015, изјави дека ова ќе биде поинакво доживување од другите слични проекти.
„Со годинешниов фестивал и неговото мото „Скопје – мојот град!“ нашиот град се става на мапата на ваквите креативни фестивали. Пред нас се 60 активности од сите креативни сектори подеднакво – уникатни изложби, презентации, работилници, проекции,перформанси и одлична музичка програма. Исто така, ќе организираме креативни работилници за најмладите, средношколците и за сите други креативци коишто сакаат да учествуват на фестивалот“, рече Трипков.
Во 60-те настани, колку што ќе понуди годинешново издание на Скопје Креатива публиката ќе има можност да биде дел од работилници на македонските креативци Марија Ветероска, Ласко Џуровски, маркетинг агенцијата Меккен, Сивус, Пакомат, оригиналниот проект за интервенции во јавен простор „Облици и форми“ од Полска, еден од најголемите дизајн таленти Јан Бајтлик, како и регионалните лидери во дизајнот и маркетингот како Борут Вилд, Марко Миладиновиќ и Драган Варагиќ.
Работилнците и презентациите ќе бидат надополнети со 11 изложби, како престижната колекција на њујоршката Школа за визуални уметности која се состои од дела на Стефан Загмајстер, Милтон Глејзер, Мирко Илиќ, изложбата на логоа од Костадин Танчев Динка, Институтот за мода на Изет Цури, изложбата на инстаграм фотографии за Скопје.
На фестивалот ќе се претстават и проектот „Недела на архитектурата – Тирана“, „Паквити“ од Белград, македонските проекти „Творница“, „Доминуим“, „New Vintage“, полската школа за анимација и ОХО продукцијата.
Дополнително Скопје креатива 2015 ќе понуди посебен концепт на Поп-ап стор, презентација на портфолиа со меѓународно жири,a музичката програма ќе биде предводена од одличните ПМЏ колектив, Канда Коџа и Небојша, DJ Зоки Бејбе. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Скопје
Петровец, Сарај, Карпош, Кисела Вода и Центар денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат делови од општините Петровец, Сарај, Карпош, Кисела Вода и Центар.
· од 8.30 до 14.30 часот корисниците од селата Кожле и Бадар, како и тунелот кај Катланово на автопатот Велес – Скопје (општина Петровец);
· од 9 до 11 часот корисниците од село Кондово (општина Сарај);
· од 9 до 11 часот корисниците од делови од улиците Вич и Разловечко востание (општина Карпош);
· од 9 до 12 часот корисниците од делови од улиците Иван Козаров и Тоне Томшиќ. (општина Кисела Вода);
· од 9 до 15 часот корисниците од дел од улицата Максим Горки, односно објектите во околината на Домот на градежниците (општина Центар);
· од 11 до 13 часот корисниците од дел од улицата Орце Николов, поточно објектите во околината на куќните броеви 155 и 156 (општина Карпош)
Скопје
Санкционирани 229 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на општина Центар и општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во текот на една недела санкционираа 229 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 15.04. до 21.04.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 123 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 106 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани“, велат од ПОЦ.
ЈП ПОЦ и општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар. Потсетуваме на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците, се додава во соопштението на ПОЦ.