Македонија
Снемува пари во Буџетот, дефицитот за три месеци изнесува 408 милиони евра, обвини СДСМ
Последните официјални податоци покажуваат сериозна и загрижувачка состојба на Буџетот. Дефицитот на Буџетот веќе достигна 408 милиони евра. За само три месеци се реализирани дури 63% од вкупно планираниот дефицит за целата година, тврдат од СДСМ.
Според партијата, ова е директен демант на бајките на Мицкоски дека сме трета еконмија во Европа.
„Дополнително алармантно е што кај приходната страна реализацијата е едвај околу 20%. Овие бројки се јасен показател за неспособноста на економските политики на Владата и економскиот дилетантизам на Христијан Мицкоски. Наместо раст и развој со Мицкоски има зголемување на буџетската дупка. Власта не само што не успева да обезбеди повеќе приходи, туку и одбива да ги поддржи граѓаните во време на криза, нема покачување на платите и пензиите, не прифаќа покачување на минимална плата од 600 евра и нема никакви мерки за заштита на животниот стандард“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека овој недостаток од 408 милиони евра за само три месеци ќе мора да се покрие со ново задолжување, а тоа, според СДСМ, значи нов товар врз грбот на граѓаните, кои ќе ја плаќаат цената на неспособноста на власта.
„Економијата тоне. Странските инвестиции се намалени за 60%, компаниите затвораат и отпуштаат работници, само во изминатата година и пол се отпуштени 1.500 работници, државата должи 160 милиони евра за поврат на ДДВ кон компаниите. Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води државата. Неговите дилетантски политики директно го удираат џебот на граѓаните и ја водат државата кон финансиска нестабилност и неизвесност“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Уапсен осомничениот за палењето на возилата на бугарската амбасада во Скопје
Полицијата го пронајде и приведе осомничениот за денешното опожарување на две службени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е задржан во полициска станица.
При преземените дејствија била пронајдена и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Од МВР информираат дека во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка.
Македонија
Мисајловски од Париз: инвестираме во нова и модерна опрема, зашто безбедноста на нашите граѓани и сигурноста на Алијансата е врвен приоритет
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (15 јуни) престојува во Париз, Франција каде присуствуваше на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“, а оствари средба и со Елен Конвеј-Муре, потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во францускиот Сенат.
На средбата со сенаторката Конвеј-Муре, министерот Мисајловски се осврна на инвестициите во армијата, видливи преку стабилното зголемување на средствата наменети за одбрана кои оваа година достигнаа 2,18 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 32,5 проценти се наменети за набавка на нова и софистицирана опрема за македонската Армија.
„Македонската Влада силно инвестира во зацврстувањето на одбраната и безбедноста на земјата, а со тоа и на колективната одбрана на Алијансата. Со зголемувањето на одбранбениот буџет и набавката на нова, модерна и софистицирана опрема, вклучително и системите за против-воздушна одбрана Мистрал 3 од Француската Република, несомнено придонесуваме кон посилно НАТО и побезбедни граѓани“, рече министерот на средбата.
Мисајловски на средбата нагласи и дека потенцијалот за развој на одбранбената соработка со Франција е навистина голем, особено во контекст на заедничките обуки и вежби, како и размената на експертиза во доменот на одбраната.
На саемот „EUROSATORY 2026“, македонската делегација одблиску се запозна со новите достигнувања на полето на воената технологија, што е од исклучителна важност имајќи го предвид активниот процес за модернизација и опремување на Армијата.
Македонија
Осуда за инцидентот со возилата на бугарската амбасада, Муцунски најави целосно расчистување на случајот
Осуда за инцидентот во кој денеска беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје изразил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја информирал својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата.
Тој нагласил дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции за спроведување брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот.
