Македонија
Со претставки до задоволни пациенти
Пациентите ќе може да поднесат претставка до директорот на здравствената установа доколку се незадоволни од односот на здравствените работници, што е предвидено со Законот за здравствена заштита и со Правилникот за хоспитална (болничка) култура.
За унапредувањето на хоспиталната култура, министерот за здравство Никола Тодоров, рече дека значајни фактори за квалитет на еден здравствен систем се и нивото на знаење и вештина на лекарот, расположливите најсовремени апарати, достапноста на лековите, и квалитетната здравствена инфраструктура, кои во најголем дел може да се подобрат со инвестиции и во голем обем зависат директно од висината на тие инвестиции.Според него, градење пациент – центричен систем е обврска на здравствените власти силно да инвестираат и во промената на хоспиталната култура.„Пациент – центричниот здравствен систем подразбира градење на односи кои ќе превенираат конфликти, нервози и незадоволство и ќе овозможат позитивна работна атмосфера. Во тој правец сакам да апелирам за доследно почитување на одредбите од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на унапредувањето на хоспиталната култура, како и Правилникот за хоспитална култура, кој треба да се применува во сите ЈЗУ“, рече Тодоров.Според Законот, пациентот или членовите на семејството на пациентот да можат да поднесат претставка во писмена форма или усно на записник до директорот со која го изразуваат своето незадоволство поради неприменување и непочитување од страна на здравствените работници на принципите и правилата на однесување и работење утврдени со правилникот за хоспитална култура. Во претставката задолжително се наведува телефон за контакт и адреса.Нагласи дека Законот предвидува дека подносителот на претставката не смее да биде повикан на одговорност, ниту да трпи какви било штетни последици поради поднесувањето на претставката, освен доколку подносителот во претставката изнесува или пренесува нешто невистинито што може да наштети на честа и угледот на здравствениот работник, поради што здравствениот работник може да поднесе тужба.„Директорот е должен да одржи состанок со подносителот на претставката во присуство на дипломиран правник вработен во јавната здравствена установа и/или координаторот за квалитет. Јавната здравствена установа не постапува по анонимна претставка, освен ако се работи за прашања од јавен интерес утврден со закон. Директорот, односно директорите на јавната здравствена установа се должни да одговорат во рок од 15 дена од приемот на претставката“, рече Тодоров.Ако при постапувањето по претставката, се утврди дека на подносителот на претставката му е повредено право или му е нанесена штета, за здравствениот работник, против кој е поднесена претставката задолжително ќе се поднесе барање за поведување на дисциплинска постапка.„Примерок од решението за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплински престап директорот на ЈЗУ доставува до подносителот на претставката, кој има право да достави претставка до Министерството за здравство доколку во овие рокови не добие известување за формирање на комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, односно не добие решение за изрекување на дисциплинска мерка за дисциплински престап, во кој случај министерот за директорот на ЈЗУ ќе определи договорна казна во висина од 200 евра во денарска противвредност“, рече Тодоров.Додаде дека Законот предвидува директорот да биде разрешен ако два пати последователно или три пати во текот на една година, до директорот на ЈЗУ била доставена претставка но тој не формирал комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинскиот престап, ниту донел решение за изрекување на дисциплинска мерка./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: Знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв од ветинг
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вчеравечер од Кочани одговори зошто не е доцна во државата да се спроведе ветинг.
„2016 јас бев дел од тие кандидати за пратеници тогаш тоа го ветувавме. Добивме инструкција од Брисел дека заради негативните искуства во соседна Албанија, каде многу малку судии и обвинители го поминале тој тест, ветинг е проверка на имотната состојба, преведено на народски, дали си живеел во мандатот само од плата или си крадел и од други места. Значи, дали си чесен. Ги послушавме и дојдовме до 2% доверба во правосудството“, рече Пендаровски.
Во оваа насока тој истакна дека не само оваа политичка структура, туку дека после изборите сите треба да се заложат да се спроведе ветинг на судиите и на обвинителите, но и на политичарите.
„Значи не можеме ние целата вина да ја ставаме на судии и обвинителите, а самите да се амнестираме од тоа. Прво да се тргне од претседателот, од премиерот, од неговите роднини, пријатели, колеги, блиски, подалечни роднини, да не случајно си префрлил имот на друго име, само така ќе знаеме кој е човек со образ, кој суди по Устав и по закон. Сè друго е лажење на народот“, подвлече Пендаровски.
Потребно е да го спроведеме ветингот, за како што рече тој, граѓаните да не се сомневаат дали судиите и обвинителите работат согласно со законите или како што ќе им наложи некој друг.
„Да нема генерална перцепција во народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари украдени на наплатна рампа одиш во затвор, а за милијарди украдени си живееш лагодно по не знам кој светски даночен рај. За да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг или проверка на имотот на секој од нас и не само последните пет години. Ајде да тераме од 1990. Зошто да не? Јас немам од што да се плашам. Меѓутоа, знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв“, заклучи Пендаровски.
Македонија
ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и Скопје 2014, велат од СДСМ
Ништо не е променето во ДПМНЕ, оценуваат од владејачката СДСМ.
„На митинзите на ДПМНЕ и Силјановска е истата кореографија од времето кога се носеа Хунзи и кога им се правеше пречек на скопскиот аеродром, а граѓаните Македонци се претставуваа како нивни големи наследници.
Тоа е истото време на грабежот од Скопје 2014 и историскиот инженеринг на ДПМНЕ“, додаваат од СДСМ.
Според нив, ДПМНЕ е истата режимска партија.
Со ДПМНЕ, како што велат, е можно само враќање назад во изолација и режим, во темното минато на недемократските процеси и далеку од ЕУ.
Македонија
Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање на национално единство, и запирање на сите напади кон Левица и ЗНАМ, државата е одземена од народот
„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе. Долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, некогаш занемаруваше, некогаш впрочем и попусти беа обидите да се оствари, но обиди иако неуспешни имало“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот митинг во Охрид.
Тој нотираше дека сака да успее во тоа, да создаде македонско национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум и запирање на сите напади кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа и е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ кои се седнати во скут кај овие од ДУИ“, рече Мицкоскит.
ПИстакна дека Македонија мора да се обединува по сите основи, за тоа да се случи мора да се почне од некаде, и нема подобар период од тоа, тој процес да започне токму сега.
„Ќе има во иднина моменти кога националното единство ќе е неопходно, исто како што ќе има моменти кога ќе се прејде на едно граѓанско единство без разлика на етничката припадност, затоа што ова, е земја на сите граѓани кои живеат во нејзе и сите ние граѓаните од различни етнички заедници сме нераскинлив дел и столб на оваа држава и на нејзината иднина“, заклучи тој.
Неговата порака е дека нема откажување од граѓаните, нема откажување од единството помеѓу сите, затоа што само така заедно сложни со силата и капацитетот на сите, сме иднината на ова земја, порача Мицкоски.