Македонија
Спасовски: Има местенка на Диме Спасов од самиот Диме Спасов
Министерството за внатрешни работи поднесе три прекршочни пријави против дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, за инцидентот што се случи во петокот вечерта кога Спасов со службено возило на Агенцијата за вработување удри две возило и потоа со друго возило избега од местото на сообраќајката и ја остави девојката која била совозач во возилото.
Спасов по шест дена од инцидентот непосредно пред да му бидат поднесени пријавите излезе во јавноста во интервју за ТВ Нова и тврдеше дека е невин и дека целиот настан бил криминално полициска местенка. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му порача на Спасов дека имало местенка „на Диме Спасов од самиот Диме Спасов и уште поголема местенка од оние кои го советувале да даде такви изјави.
На Спасов му се поднесени прекршочни пријави, бидејќи не се работи за кривично правен настан и материјалната штета не е на тоа ниво што се води како кривично дело. Спасов ќе одговара за напуштање на местото на сообраќајката и неизвестување на Министерството за внатрешни работи, за тоа што не постапил по знаците и наредбите на полицајците и не ја приспособил брзината на движење според условите за да може да го запре возилото ако е тоа потребно.
Увидна екипа извршила увид на местото на сообраќајката и иако имало околности коишто го попречиле увидот, „туарегот“ со којшто го возел Спасов бил изместен од местото. Но увидната екипа недвосмислено констатирала дека со возилото управувал Спасов, а тоа го потврдила неговата сопатничка Т.К. која дала изјава којашто била своерачно потпишана, а во својата изјава таа не изјавила дека некој удирал по возилото, дека некој ги бркал и заплашувал како што тврди Спасов.
Спасовски изјави дека за цела сообраќајка имало аудиоснимка, како возачот на „пасатот“ за кој Спасов тврди дека го нападнал, го пријавува случајот во 192 и а разговорот е снимен и траел цело време додека возачот на „пасатот“ возел по Спасов за да види кој го удрил неговото возило.
Исто така, Спасовски тврди дека за случајот постојат снимки од „safеty sistem“, исказ од девојката, но и службени белешки од полицајците кои биле на местото на несреќата.
Возачот вработен во министерството за труд и социјална политика, кој дошол два часа откако се случила сообраќајката и кој тврдел дека тој го возел возилото во полициска станица не знаел каде точно се движело возилото и што точно се случило.
Спасов поднел поплака до МВР во која тврди дека бил бркан, но немал поднесено кривична пријава ниту пријава до Секторот за внатрешни работи за постапувањето на полицајците.
Спасов, пак, во интервјуто тврдеше дека е невин сум и дека го нападнале.
„Во таква тензична атмосфера, каде што најпрво бев следен, потоа и на двапати по ред, во два обиди, се обидоа напаѓачите да ме извадат од возилото и физички да ме нападнат. Потоа се обидов да бегам, бев нападнат и од лице коишто примени сила врз мене и впери оружје, впери пиштол во мене. Покрај тоа, на напаѓачите коишто ме следеа, не беа преземени врз нив никакви мерки, односно следеа и ја набљудуваа ситуацијата откако застанавме. Заклучив дека се работи за криминално-полициска конструкција, за смислена местенка којашто има за цел да го наруши мојот углед и да нанесе штета врз мене, а постоеше и опасност по мојата безбедност, меѓутоа опасност и по мојот живот“, рече Спасов.
Спасов со службен џип „туарег“ во сопственост на Агенцијата за вработување во петокот вечерта удри во автомобил „пасат“ и избегал, но возачот на „пасатот“ тргнал по него и го пријавил во полиција.
Бегајќи Спасов удрил во автомобил „рено“ и пак избегал по што бил запрен од полицијата на улица „Алжирска“.
Спасов потоа не дал исказ ниту на полицајците и избегал со друго возило од местото на несреќата. /крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски стана комедијант, задоволен бил дека во првите 100 дена нема афери и скандали
„Задоволен сум од работата на Владата во изминатите 100 дена без афери и скандали“ ја прогласуваме за досега накомична изјава на премиерот Христијан Мицкоски. Очигледно решил да се мајтапи со граѓаните или мисли дека никој не памти што се случуваше. Оваа Влада е влада која има продуцирано најмногу скандали за првите 100 дена од било која Влада во историјата, велат од СДСМ.
“Бидејќи не го држи помнењето еве да го потсетиме само неколку клучни скандали. Скандалот на скопскиот аеродром каде пиштолџијата на неговиот коалициски партнер Гаши се закануваше со пиштол, а Мицкоски се правеше на Тошо. Скандал со организрано пуштање на слобода на Блерим Рамадани од МВР и Наим Рамука, за кој повторно тој ништо не знаеше. Скандал е Силјановска да оди да се слика без знаме а потоа сите други да бидат криви освен таа и нејзиониот протокол. Скандал е и да се лаже дека се донела нова инвестиција а таа да била целосно на СДСМ па Мицкоски се пофали со неколку такви. Ова не само што е скандал туку потврдува колку Мицкоски е малодушен и не сака да признае ничив успех. Скандал е и да нема пари за повисоки плати за граѓаните, ама да има за бизнис карти од 20.000 кои се криеја од јавноста“, посочуваат од СДСМ и прашуваат:
„Дали Мицкоски исто не го виде скандалот со неговиот генерален секретар кој случјано на поклон доби 325.000 евра имот, или министерката Божиновска чија фирма должела 1 милион евра на Мепсо?
Дали случајно не знае дека неговиот телхранител кој тепаше полицајци на службена должност не само што е ослободен, туку ќе биде и командант на тигрите? Скандал е да се поставуваат лица со криминално минато на директорски позиции, скандал е да се поставуваат луѓе без лиценци за ревизори, скандал е да се поставуваат три директори во Царина за подобро да се краде на границите. Скандал е и професор по физичко да биде заменик министер во МВР, ама па за Мицкоски тоа е нормално ако може бивш затвореник да биде директор на затвор. И тоа за него не е скандал“.
Според СДСМ, Скандал е да нема одговорност за десетици нерасчистени убиства, скандал е да нема одговорност за 10% изгорена територија на државата.
„Скандал до скандал е Владата на Мицкоски, па можеби затоа не може да се сети, бидејќи скандалите за нив се секојдневие. Оваа комична интерпретација на Мицкоски повеќе делува несериозно или покажува дека тој не живее во реалноста. Секако аферите и скандалите нема да исчезнат од вицкастите изјави на Мицкоски“, завршуваат од СДСМ.
Македонија
Радиолог, гинеколог и радиолошки технолог загинаа во сообраќајната несреќа кај Прилеп
Во тешката сообраќајна незгода на патот Прилеп – Битола загинаа радиолог, гинеколог и радиолошки технолог.
Преку социјалните мрежи за нивната смрт извести и Асоцијацијата на специјализантите и младите лекари.
Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава доаѓајќи на своите работни места од Прилеп.
Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болницата „Плодност“ со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.
„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги за прераната загуба на нивните членови. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рендген-дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески со години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин Болницата ‘Плодност’ секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болницата ‘Плодност’“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болницата „Плодност“.
Македонија
Мицкоски: Задоволен сум од првите 100 дена, покажавме дека може да се работи посветено за граѓаните, без скандали и афери
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали е задоволен од првите 100 дена нова Влада од секторот здравство истакна:
„Апсолутно сум задоволен и тоа го кажавме на почетокот од оваа прес-конференција. Дали може подобро? Секогаш може подобро, секој може подобро, сите ние можеме подобро и тоа суштината на Владата, да од ден на ден биде подобра од претходниот ден. И така ќе биде сѐ додека е оваа Влада“.
Тој смета дека сето она коешто беше проблем во општеството полека, но сигурно веќе го нема и апсолутно е многу подобро.
„Веќе нема скандали, нема братучеди, браќа, внуци и слично. Нема голобради момчиња коишто шетаат по институциите со торби и слично и се главни инвеститори во трговски-деловни единици во центрите на градовите ширум државата. Ако има такви ја повикувам јавноста слободно и луѓето коишто се жртви на такви измамници да пријават. Така што мислам дека полека но сигурно сето она коешто беше проблем во општеството го нема, не велам дека е решено, не е возможно за 100 дена да се реши сѐ. Ние не сме магионичари нити магии ветувавме, нити чуда затоа што тој што ветува чуда и магии не ја говори вистината. Но, дали е подобро? Апсолутно е многу подобро. Дали може подобро и од ова? Секој ден може подобро. Ако ова прашање ми го поставите после две години за првите две години, ќе ви речам беше добро, но може подобро. Така што, целта е да секој ден биде подобар од претходниот. Дали ќе направиме некоја ненамерна грешка, и тоа ќе се случи. Затоа што човек што работи понекогаш и греши. Само што тој што ништо не работи, не може да погреши. Така што битно е да нема катастрофални грешки, да нема грешки коишто ќе имаат импликации подолгорочни“.
Претседателот на Владата Мицкоски потенцираше дека е прилично задоволен од тоа што е постигнато овие 100 дена и додаде:
„Ќе ве потсетам, уште еднаш ќе повторам, мора да ги повторуваме овие работи. Сметката на Владата на 24 јуни 2024 година за првпат во историјата на независна Македонија беше минус 200 милиони евра, минус 12 милијарди денари. Овој месец очекуваме да биде на позитивна нула. Ете тоа е она што ние го работевме. Повторно ќе кажам, дали е тоа доволно? Не! Утре ќе биде подобро, за месец дена ќе биде подобро, за една година ќе биде подобро.
Дали можеше подобро? Сигурно дека можеше! Дали можеше многу полошо? Можеше! Видовме што е, како е лошо раководење со држава. Така што јас сум исклучително задоволен и од работата на министерот и од ова што се случува во овие први 100 дена имајќи предвид каква состојба затекнавме“.