Македонија
Спасовски: ВМРО ја партизира и Регулаторната комисија за енергетика
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница на која што на дневен ред беше Предлогот за избор на диектор на Регулаторната комисија за енергетика, посочи дека изборот за претседател на Регулаторна комисија за енергетика не смее да помине без ниту една дискусија и не треба апсолутно да не се потсети на тоа што беше претходно кажувано, заради тоа што ова е директна потврда на тоа што и како прави ВМРО-ДПМНЕ додека е опозиција, а како и на кој начин се однесува додека е власт.
Спасовски укажа дека е јасно дека новиот директор е партиски член, но и потенцираше дека тоа што се јавува како сопственик на хидроцентрали и енергетски компании, го отвора за независноста на Регулаторната комисија за енергетика.
„Предлогот за избор на претседател на Регулаторната комисија за енергетика за поранешниот градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, јас нема да го напаѓам од аспект на тоа дека бил партиски член. Да, е партиски член и од тоа нема бегање никакво, дека е партиски член. Меѓутоа принципот кој што сакавте да го држите дека ќе ги промените работите во Македонија, дека ќе го смениме системот во Македонија од тоа што било претходно, апсолутно покажувате дека дополнително го менувате, меѓутоа на полошо“.
Кандидатот којшто го предложивте за претседател на регулаторна комисија, посочи Спасовски, е сопственик на три мали хидроцентрали, а неговата матична фирма, како што рече, остварува удел и во енергетската сфера преку компанијата „Екотера“, која поседува одобренија за изградба на вакви енергетски објекти.
„Во фирмата „Хидронерџи Груп“ којашто исто така се занимава со енергетика, каде што Ристов е еден од сосопствениците и „МХЦ Козја река“ лоцирана во близина на Радовиш, проекти коишто се направени во околината на Радовиш. Единствено нешто што можам да го разберам како прифатлив критериум на ВМРО-ДПМНЕ е тоа да има хидроцентрали за да добие одредена позиција во рамките на партијата.
И покрај падот којшто го прикажува во 2024 година на фирмата, дека има пад во приходите, сепак остварува добивка од околу 400.000 евра. И сега замислете ја продава фирмата, ја отуѓува на кого? На Ѕвезда Андонова, неговата сметководителка која што до тогаш му води сметководство, продолжува и понатаму. И тоа е рецепт познат којшто се прави во овој дел. И сега независниот претседател на регулаторната комисија ќе одлучува за регулирање на цената на електричната енергија за граѓаните низ призма како неговите фирми ќе остваруваат профит“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Израелската амбасадорка ја поздрави реакцијата на властите по обидот за палење на синагогата
Израелската амбасадорка во земјава, Вивијан Аисен, ја поздрави реакцијата на македонските власти по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.
„Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, напиша Аисен на „Икс“.
Thank you, Minister. The swift and decisive actions of the Macedonian authorities to investigate and hold accountable those responsible for this despicable antisemitic act are essential to preventing potential future incidents. https://t.co/WSwTrDr9IU
— Vivian Aisen 🇮🇱 (@VivianAisen) April 13, 2026
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди обидот за палење, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека е во тек истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека на улицата „Апостол Гусларот“ биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејска заедница во Македонија го осуди инцидентот, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупреди на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираа за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
Македонија
Унгарија не смее да биде прибежиште за криминалци, рече Маѓар и го спомена и Груевски кој таму доби азил
Новоизбраниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ја критикуваше одлуката на владата на Виктор Орбан да им одобри азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои се товарат за злоупотреба на службената должност.
Тој порача дека Унгарија не смее да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал, при што го спомена и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„И тоа не важи само за нив, туку и за г. Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија“, изјави Маѓар.
Македонија
Променливо време со врнежи до четврток, најобилни на исток
Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека попладне и во текот на ноќта во јужните и западните делови се очекуваат локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието и засилен ветер од југоисточен правец, со брзина над 60 километри на час.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 10 степени, а максималната ќе достигне меѓу 17 и 22 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, а попладне променливо облачно. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 8 до максимални 21 степен.
Во наредните денови, до четврток, времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток во источните делови, каде ќе има и услови за ретки грмежи.
Во петок ќе преовладува облачно време, додека во сабота ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Во недела претпладне ќе биде сончево, а попладне повторно ќе има услови за дожд, особено во западните делови.
