Македонија
Спречен влез на 10 тони јагнешка кожа од Албанија поради ризик од чума
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека официјалните ветеринари на граничниот премин Ќафасан одбиле пратка од над 10 тони јагнешка кожа со потекло од Република Албанија, која требала да транзитира низ државата.
Пратката е вратена согласно превентивните мерки за заштита од ширење на болеста чума кај мали преживари, која е присутна во Албанија.
Од АХВ наведуваат дека со оваа одлука е спречен потенцијален здравствен ризик и е потврдена нивната улога во заштитата на јавното здравје, безбедноста на храната и домашното производство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и температури до 25 степени
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Во јужните делови ќе има услови за краткотраен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Утре и за време на викендот времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Утре и во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер и ќе има појава на локален дожд со услови за ретки грмежи. Од вторник повторно ќе биде нестабилно со врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Ѓорѓиевски: Вардариште ќе стане минато, започна процесот на одгасување на депонијата
Започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што претставува значаен чекор кон нејзино целосно затворање и трансформација во современ мега парк, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Како што ветив, вели тој, по спроведената физибилити студија, денес започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште.
Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место, пишува скопскиот градоначалник.
„Од сите бушотини ќе се земаат примероци кои ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите.
Паралелно, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата.
Вардариште, почитувани, ќе стане минато.
Она што со децении беше симбол на запоставеност и извор на ризици по здравјето и никој не успеа да го реши, ние го претвораме во можност и нов почеток.
На ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје.
Ова ќе биде новото срце на градот, место каде семејствата ќе создаваат спомени, младите ќе спортуваат, а природата повторно ќе го врати својот изгубен сјај.
Градиме иднина во која зеленилото не е луксуз, туку стандард, а здравата животна средина, приоритет.
По завршувањето на целиот процес, ќе изградиме и мост кој ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром, значително намалувајќи го сообраќајниот метеж и создавајќи побрза и пофункционална градска поврзаност“.
Македонија
Сиљановска-Давкова со турскиот претседател Ердоган: Турција секогаш била наш близок пријател
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на којашто беше констатирано дека македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка.
Најпрво, претседателката изрази сочувство до претседателот Ердоган за жртвите во вчерашното пукање во средното училиште во Турција, посакувајќи побрзо закрепнување на настраданите. Турција секогаш била наш близок пријател и укажувала помош во најтешките моменти, како трагедијата во Кочани и се солидаризираме со турскиот народ, рече Сиљановска-Давкова.
На средбата со Ердоган, таа посочи дека преку своите институции и компании: од ТИКА, којашто имплементираше 1.320 проекти, до училиштата „Маариф“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, „Туркиш ерлајнс“, „Халкбанк“, Турција е присутна во многу области на македонското општество.
Во потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, претседателите препознаваат можност за подинамична и поструктурирана билатерална соработка, што ќе резултира со одржување на прва меѓувладина седница.
Сиљановска-Давкова ја поздрави турската дипломатска иницијатива – Балканска мировна платформа, оценувајќи ја како важен инструмент за јакнење на регионалниот дијалог и стабилност.
Таа се заблагодари за долгогодишната поддршка од Турција во модернизацијата на македонската Армија.
Обајцата се согласија дека постои простор за зголемување на трговската размена и инвестициите и во најавениот бизнис-форум во Турција препознаваат одлична можност за унапредување на економската соработка.
На средбата се разговараше за статусот на турската заедница во општествениот и политичкиот живот низ призма на правичната и соодветна застапеност, како и за функционирањето на дел од образовните институции.
Претседателите се уверени дека предизвиците со коишто се соочува турската заедница во нашата држава ќе бидат надминати.
Сиљановска-Давкова упати покана до претседателот Ердоган за официјална посета на земјата.
Претседателката престојува во Турција по повод учеството на 5. Дипломатски форум во Анталија.
