Македонија
ССМ повикува на масовен протест на 1 Мај
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) упати повик за масовност до работниците за учество на овогодишниот првомајски протест, кој ќе се одржи под мотото „За плата се бориме, не се молиме“. Собирот е закажан за 1 мај во 11:00 часот, со почетна точка пред Работничкиот дом во Скопје.
„Работничката борба не е само еден протест, еден штрајк, една блокада, тоа е континуирана борба на работниците и синдикатите за зачувување и унапредување на работничките права. 1ви Мај, Меѓународниот ден на трудот е денот кога протестите и демонстрациите се должност кон работничката борба во минатото и обврска кон работничката борба во иднина.
Сојузот на синдикатите на Македонија од 2018 година, секоја година организира масовен работнички протест на 1ви Мај, Меѓународниот ден на трудот.
8-ма година по ред на 1 Мај со почеток во 11 часот од пред Работничкиот дом во Скопје започнува Протест, оваа година под мотото ,,За плата да бе се никуне”“, се вели во соопштението на ССМ.
Синдикалците порачуваат дека е време за обединетост и одлучност, со јасна порака до надлежните дека работниците во Македонија заслужуваат повисоки плати и праведен третман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Уапсен осомничениот за палењето на возилата на бугарската амбасада во Скопје
Полицијата го пронајде и приведе осомничениот за денешното опожарување на две службени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е задржан во полициска станица.
При преземените дејствија била пронајдена и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Од МВР информираат дека во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка.
Македонија
Мисајловски од Париз: инвестираме во нова и модерна опрема, зашто безбедноста на нашите граѓани и сигурноста на Алијансата е врвен приоритет
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (15 јуни) престојува во Париз, Франција каде присуствуваше на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“, а оствари средба и со Елен Конвеј-Муре, потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во францускиот Сенат.
На средбата со сенаторката Конвеј-Муре, министерот Мисајловски се осврна на инвестициите во армијата, видливи преку стабилното зголемување на средствата наменети за одбрана кои оваа година достигнаа 2,18 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 32,5 проценти се наменети за набавка на нова и софистицирана опрема за македонската Армија.
„Македонската Влада силно инвестира во зацврстувањето на одбраната и безбедноста на земјата, а со тоа и на колективната одбрана на Алијансата. Со зголемувањето на одбранбениот буџет и набавката на нова, модерна и софистицирана опрема, вклучително и системите за против-воздушна одбрана Мистрал 3 од Француската Република, несомнено придонесуваме кон посилно НАТО и побезбедни граѓани“, рече министерот на средбата.
Мисајловски на средбата нагласи и дека потенцијалот за развој на одбранбената соработка со Франција е навистина голем, особено во контекст на заедничките обуки и вежби, како и размената на експертиза во доменот на одбраната.
На саемот „EUROSATORY 2026“, македонската делегација одблиску се запозна со новите достигнувања на полето на воената технологија, што е од исклучителна важност имајќи го предвид активниот процес за модернизација и опремување на Армијата.
Македонија
Осуда за инцидентот со возилата на бугарската амбасада, Муцунски најави целосно расчистување на случајот
Осуда за инцидентот во кој денеска беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје изразил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја информирал својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата.
Тој нагласил дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции за спроведување брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот.
