Македонија
Стипендии за студентите по математика, физика и хемија
Министерството за образование и наука оваа година воведе нова категорија стипендии во износ од 18.000 денари за студентите запишани на додипломски студии по математика, хемија или физика, со цел да се зголеми интересот за овие студии.
За 2016/2017 планирани се 105 стипендии (70 за припадници на македонската заедница и 35 за немнозинските заедници во Македонија) кои постигнале просечен успех од најмалку 7 од прва до тековно запишаната студиска година.Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски рече дека овие стипендии ќе бидат доделени првпат и ќе имаат највисок износ за да се поттикне интересот за овие студиски програми за кои кадарот станува дефицитарен.„Во Конкурсот се објавени 2.890 стипендии кои се движат од 3.000 до 18.000 денари. Постојат различни типови стипендии – шест категории се веќе вообичаени и се стипендии што ги доделуваме секоја година. Седмата категорија стипендии, која се воведува оваа година, се однесува на исклучително дефицитарните области физика, хемија и математика и студентите кои ќе се запишат на една од овие три катедри ќе добиваат месечно по 18.000 денари. Веќе сме во прилично сериозна ситуација, посебно за Катедрата по физика каде подолг период имаме многу мал број студенти, и затоа се одлучивме за овој посебен тип стипендија “, изјави Ристовски по посетата на Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.Според Конкурсот, МОН ќе додели и 1.500 стипендии за студенти од социјални категории; 630 стипендии за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето (најмалку 8.50 просечен успех за студенти запишани на техничките факултети и медицинските науки и најмалку 9.00 просечен успех за студентите на факултетите од општествените науки и на факултетите од уметностите); 125 стипендии за студенти запишани на студиски програми по информатика со просечен успех најмалку 9.00; 530 стипендии за студенти запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки, кои постигнале најмалку 7.00 просечен успех.Ристовски апелираше заинтересираните студенти да аплицираат за некоја од видовите стипендии зашто електронското пријавување е во тек и трае од 31 октомври до 13 ноември./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување билатерален договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на Министерството за внатрешни работи за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста, кој е во фаза на заемно усогласување.
Скопје
Едукативен мото-настан утре во Кисела Вода
Утре, со почеток во 11 часот, пред салата Расадник, ќе се одржи едукативен мото-настан од отворен карактер „Сите возиме, но некои знаат“.
На присутните од страна на лиценцирани инструктори ќе им бидат презентирани важноста за техничка исправност на моторното превозно средство (мопед, скутер, мотор), правилната употреба на безбедносна опрема за возење, како и справување во реални ситуации на улица.
„Преку дружење со претставници и членови од мото-клубови, автошколи и здруженија ќе се изврши едукација за безбедно возење во и надвор од урбани средини, за брзината како фактор за општа безбедност и за намалувањето на загаденоста на воздухот преку користење електрични превозни средства“, велат од Општина Кисела Вода.
Македонија
Ќе се основа медицински факултет во Битола, усвоени се законските измени
Со усвоениот закон предложен од пратениците на СДСМ основаме Медицински факултет во Битола, изјави пратеничката Жаклина Лазаревска.
Медицинскиот факултет ќе биде во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, а ќе ги има отсеците за општа медицина, стоматологија, фармација и висока медицинска школа.
Како што објави Лазаревска, наставните бази на факултетот ќе бидат Клиничката болница – Битола, Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ – Охрид, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ – Охрид , Специјалната болница за нефрологија – Струга и болницата со проширена дејност во Прилеп.
„Обезбедуваме висок степен на образование и обука за студенти, кои ќе станат идни лекари, со потребни знаења и вештини. Со основањето на медицинскиот факултет Битола ќе го утврди своето место како регионален образовен центар и ќе даде можност на средношколците од градот и околните населени места да студираат во своето место. Значително ќе придонесе во создавањето нов стручен кадар, подобрување на здравствениот систем и одржување високи стандарди за образованието, етиката и праксата во областа на медицината“, изјави Лазаревска.
Како што рече, ова ќе влијае на зголемување на квалитетот на здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари за подобрување на здравјето на населението.